Опасната работа на новинарите
19 декември 2016Најопасни земји за припадниците на „седмата сила“, според најновиот извештај на „Репортери без граници“ се Сирија, Авганистан, Мексико, Ирак и Јемен. Меѓу убиените се 57 професионални новинари, 9 припадници на граѓанско новинарство и 8 медиумски соработници. „Посебно застрашувачки е што многумина од новинарите се целно нападнати и убиени токму поради извршувањето на нивната дејност“, вели портаролката на раководството на „Репортери без граници“, Брита Хилперт. Овие бројки покажуваат „ колку напразни останаа сите досегашни меѓународни напори за подобра заштита на новинарите од насилство.“ Таа од идниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш очекува темата заштита на новинарите да ја сврсти во една од најприоритетните задачи и што е можно поскоро да назначи специјален претставник со цел конечно поефикасно да се спроведуваат бројните заклучоци во врска со неа.
Конфликтните региони стануваат забранети зони
Точно е дека во 2015 година беа убиени речиси една третина повеќе новинари поради вршење на нивната професија. Значителниот пад на бројката меѓутоа не е никако повод за олабавување, предупредуваат во „Репортери без граници“. Зашто, причина за намалената бројка е што од одредени земји новинарите побегнаа, зашто продолжувањето на нивната работа во тамошни услови стана премногу опасно. Тоа важи посебно за Сирија, Ирак, Либија, Авганистан, Бурунди и Јемен.
Зголемен број апсења и киднапирања
Пред една недела организацијата „Репортери без граници“ направи биланс на апсењата и киднапирањата на новинари во оваа година. Според состојбата од 1. декември, најмалку 348 соработници на медиумите биле ставени во затвор поради својата професија, шест проценти повеќе од претходната година. Најголем дел од нив се затворени во Турција, Кина, Сирија, Египет и Иран. Според податоците до 1. декември, киднапирани биле 52 новинари, и тоа во Сирија, Јемен и Ирак. Речиси половината од нив се наоѓаат во рацете на терористичката милиција „Исламска држава“.