Опозицијата го смени Јанукович, тој не се предава
22 февруари 2014Шефот на државата не ја извршува должноста и си има приграбено областувања спротивно на законот, соопштија пратениците во Врховната Рада. За ваквиот заклучок гласаа 328 парламентарци. Телевизијата во живо ја пренесуваше одлуката. Уште пред да биде официјално соопштен резултатот од гласањето о заклучокот, пратениците почнаа да аплаудираат и да слават, а потоа ја испеаја националнаа химна.
Претходно, Виктор Јанукович, кој беше избран за претседател во 2010 година, најави дека нема да поднесе оставка и дека не ги признава одлуките на парламентот. Во изјава за покраинска телевизија во Харков тој изјави дека е избран на легитимен начин и нема намера да даде оставка. „Она што се случува денеска е вандализам, бандитизам, државен удар. Немам намера да ја напуштам земјата“, рече Јанукович, додавајќи дека „одлуките кои ги носи парламентот се нелегитимни“. Коментирајќи ги резолуциите донесени во текот на денот, тој рече: „Нема да потпишам ништо со бандитите коишто ја тероризираат земјата.“
Пратениците, меѓу другото, гласаа за итно ослободување на опозиционата политичарка Јулија Тимошенко од затвор и ги избраа Александер Турчинов за претседател на парламентот и Арсен Аваков за нов министер за внатрешни работи. Тимошенко, според дел од агенциите, веќе е на слобода.
Проруските региони не го ја признаваат легитимноста на парламентот
Група официјални претставници на проруските региони на истокот на Украина ја оспори „легитимноста“ на украинскиот парламент, оценувајќи дека тој сега работи „под закана со оружје“.
„Случувањата од последните денов и во главниот град доведоа до парализирање на централната власт и дестабилизација на состојбите во владата“, се наведува во соопштението објавено во текот на конгресот во Харков, потпишано од претставници на општини и на локални парламенти на неколку проруски рeгиони.
Според авторите на соопштението, загрозени се „територијалниот интегритет безбедност на Украина“. Целта на конгресот во Харков, според гувернерот на тој регион, Михајло Добкин, е „избегнување на крвопролевање во регионите“. На конгресот присуствуваат околу 4.000 делегати, како и руски парламентарни претставници.
Русија со осуда на однесувањето на опозицијата
Русија денеска (22.02) го осуди однесувањето на украинската опозиција по вчерашното потпишување на договорот со Јанукович. „Опозицијата не исполни ниту една од преземените обврски, туку само испорача нови барања, попуштајќи им на вооружените есктремисти и ограбувачи, чие однесување претставува директна закана за суверенитетот на Украина“, се наведува во соопштението на руското Министертсво за надворешни работи.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, како што пренесуваат агенциите, им се јавил на министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Полска, кои посредуваа за постигнување на вчерашниот договор. Тој побарал од соговорниците да се заложат кај лидерите на украинската опозиција за престанок на, како што навел, дивеењето на нејзините приврзаници.
Украинските вооружени сили денеска соопштија дека нема да се мешаат во политчкиот судир во земјата. На интернет страницата на украинското Министерство за одбрана се вели: „Ние, вработените во Министерството за одбрана, ставаме до знаење дека се придржувавме и се придржуваме до нашата заклетва, Уставот на Украина, и ќе продолжиме да постапуваме согласно прописите на Вооружените сили и законите.“
Украинското Министерство за внатрешни работи, пак, денеска (22.02) ги повика граѓаните на соработка со полицијата за повторно да се воспостави ред и поредок во земјата. Во соопштение на Министерството се вели дека се поддржува „желбата за промена“ во Украина и се нагласува дека полицијата е на „страната на населението“.
Федерализација на Украина?
Украина, со членот 2. од Уставот е дефинирана како унитарна држава. Откако се здоби со независност од Советскиот сојуз во 1991 година, земјата е поделена во 24 области, како и Автономната република Крим. Главен град и центар на земјата е Киев. Претседателот, владата и парламентот имаат надлежност за речиси сѐ, од даноци до јазична политика.
Парламентарниот весник Гласот на Украина на почетокот на месецов објави предлог на Комунистичката партија за промени во Уставот, со кои земјата би добила федерално уредување. Комунистите се сојузници со владејачката Партијата на регионите. Неколку дена претходно, пратеникот на Партијата на регионите Вадим Колезниченко говореше во прилог на федерализација на земјата. Земјата е на работ на граѓанска војна, а граѓаните од истокот и југот на земјата во протестите на опозицијата гледаат опасност за себе. Федерализацијата би помогнала да се спречи распад на државата, изјави Колезниченко за локалните медиуми. Според плановите за кои пишуваа украинските медиуми пред неколку недели, Украина би била поделена на седум автономни региони, секој со сопствен парламент.
Опозициските лидери тоа не го коментираа, со исклучок на поранешниот пратеник Вјачеслав Кириленко. „Ова е само првиот чекор. Следниот ќе биде сецесија на источна Украина и уништување на нашата независна држава“, напиша пред околу еден месец Кириленко на својот блог.
Дебатата за федерализација на Украина траат од почетокот на 1990-тите години. Тогаш, полуостровот Крим сакаше да се отцепи. За време на Портокаловата револуција во 2004-та, регионите на истокот и југот се закануваа со отцепување во посебна република.